Трговците не очекуваа толкав револт, велат организаторите на бојкотот во Хрватска
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Јосип Келемен, инспектор и советник во Здружението на потрошувачи „Хало“, како и еден од организаторите на бојкотот на продавниците во Хрватска поради високите цени, изјави дека даночната управа потврдила оти во петокот до 11 часот биле издадени 40 отсто помалку фискални сметки отколку минатиот петок.
Келемен нагласи дека е пријатно изненаден и задоволен од фактот што граѓаните масовно се приклучија на повикот за бојкот.
- Пријатно сме изненадени од големиот одѕив на граѓаните, кои на мирен начин го искажаа своето незадоволство. Луѓето се чувствуваат измамени и бесни. Поддршка добивме дури и од оние со повисок стандард – и тие сметаат дека сега плаќаат 100 евра за нешто што претходно чинело 100 куни - вели Келемен.
Организаторите не очекуваа толкав револт
Од друга страна, трговците и производителите не се задоволни од оваа ситуација и сигурно не очекувале ваков револт.
- Велат дека продавниците немаат морал, што значи дека ќе направат сè за да го зголемат профитот. Секако дека тие мора да работат и да заработуваат, но никој не очекуваше ваква реакција од граѓаните, особено затоа што ова е првпат народот толку обединето да се спротивстави. Додека во Америка се борат за секој потрошувач, кај нас цените постојано се зголемуваат без никаква контрола. Кој е виновен за ова? Луѓето не знаеја колкави се трговските маржи – каде воопшто се објавуваа тие информации? Сега сè стана јасно. Можеби државата знаела, но зошто ништо не презела? Трговците тврдат дека не се виновни, но што можат да направат потрошувачите – да ги казнат добавувачите? - вели Келемен и додава дека слушнале дека Владата на Хрватска го намалила ДДВ за одредени производи, но дека трговците не ги намалиле цените.
Неефикасна заштита на потрошувачите
- Зошто не беше активиран механизам за проверка на оваа состојба? Системите за заштита на потрошувачите и надзор на пазарот не функционираа. Агенцијата за заштита на конкуренцијата спиеше последниве две години. Предупредувавме за неконтролираниот раст на цените, но никој не реагираше. Кога алармиравме за ценовниот скок за време на туристичката сезона, повторно немаше реакција. Ситуацијата ескалира пред празниците, кога потрошувачката се зголеми, а во меѓувреме сфативме дека цените дополнително скокнаа, бидејќи трговците и добавувачите увидоа дека можат да продолжат со поскапувањата - вели тој.
Додава дека решението го наоѓа во зголемување на казните, засилен пазарен надзор и подобрување на механизмите за заштита на потрошувачите. Исто така, неопходно е да се истражи дали постои картелизација и како точно се формираат цените на одредени производи.
Извор:
Lola Magazin
Фото: Freepik