Вежбањето го зголемува согорувањето на калориите, но веројатно не толку колку што се надевате

Вежбањето го зголемува согорувањето на калориите, но веројатно не толку колку што се надевате

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Општо е прифатено дека вежбањето е клучен елемент за слабеење. Но, овој долгогодишен став е доведен во прашање во последниве години.

Некои извештаи покажуваат е дека бројот на калории што ги согоруваме секој ден е ограничен. Оваа хипотеза првпат беше предложена во 2012 година од еволутивниот антрополог Херман Понцер. Тој посочи дека како што ја зголемувате вашата дневна потрошувачка на енергија (согорените калории) преку физичка активност, вашето тело ќе најде начини да ја намали енергијата потрошена на други биолошки процеси - како што е вашиот метаболизам во мирување. Ова ја остава вашата вкупна дневна потрошувачка на енергија непроменета.

Оттогаш, оваа теорија е популаризирана во книгата „Согорување“ на Понцер од 2021 година, во која тој теоретизира дека согоруваме калории во многу тесен опсег: речиси 3.000 калории дневно без разлика на нивото на нашата активност.

 

Понцер сугерира дека нивото на вашата дневна (физичка) активност речиси и да нема никакво влијание врз бројот на калории што ги согорувате секој ден.


Но, пред да ги спакувате чевлите за трчање, ајде да погледнеме што ни покажува истражувањето. Најригорозните и најцврстите докази достапни на оваа тема покажуваат дека вежбањето ја зголемува потрошувачката на енергија - иако можеби не толку колку што би очекувале.

Вежбање и трошење енергија

Доказите што Понцер ги користел за да ја поддржи својата хипотеза потекнуваат од набљудувачки студии кои ја споредувале потрошувачката на енергија кај различни популации во светот. Во една опсервациска студија, истражувачите направиле само мерења и споредби меѓу групите, без всушност да воведат какви било промени.

Од студиите што ги користел Понцер за да ја поддржи својата хипотеза, најпривлечно било истражувањето на племето Хаџа - една од последните групи ловци-собирачи во Африка. Се претпоставува дека ловците-собирачи се многу активни за да преживеат. Но, студијата забележала дека племето не трошело повеќе енергија од просечниот жител од Западот, секој ден.

Теоријата на Понцер покренува неколку интересни прашања. Сепак, генерално не е многу убедлива поради недостатоци на докази во природата.

Други испитувања покажуваат дека структурираната, надгледувана програма за вежбање направена до пет пати неделно, во период од шест и десет месеци, ја зголемува дневната потрошувачка на енергија. Овие ефекти биле прикажани и кај млади и кај средовечни мажи и жени.

Скромно зголемување


Важно е да се напомене дека овие испитувања покажуваат дека зголемувањето на дневните трошоци за енергија не биле секогаш толку големи како што се очекувало. Едноставно кажано, согорувањето на 600 калории во сала нема нужно да ја зголеми вашата дневна потрошувачка на енергија за иста количина.

Сепак, поскромното од очекуваното зголемување на потрошувачката на енергија е далеку од смелите изјави дека вежбањето воопшто не ја зголемува дневната потрошувачка на енергија. Точната бројка е тешко да се процени бидејќи многу варира помеѓу луѓето.

Постојат многу можни зошто вежбањето не ја зголемува потрошувачката на енергија колку што би се очекувало. Некои фактори може да вклучуваат замена за физичка активност (кога вашиот нов тренинг ја заменува физичката активност што вообичаено би ја правеле во тоа време - така што може да завршите само со согорување неколку калории повеќе од вообичаеното) и компензација во однесувањето (правење помалку активност во денот по утринскиот тренинг).

Дел од недоразбирањето за промените во потрошувачката на енергија и потенцијалното губење на тежината преку вежбање е можеби поврзан и со нереалните очекувања за тоа колку калории согоруваме кога вежбаме. Така, и покрај она што сте го слушнале или прочитале, најсилните докази од истражувањата јасно покажуваат дека вежбањето може да ја зголеми дневната потрошувачка на енергија.

Извор: theconversation.com

Фото: Freepik