Велс создава национална шума што ќе ги надмине должината и ширината на државата

Велс создава национална шума што ќе ги надмине должината и ширината на државата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Како особено мистичен дел на Велика Британија, кој е дом на богата колекција фолклорни басни (дури и има змеј на знамето), Велс е токму местото каде што би сакале да одите доколку барате магична шума.

Сега, новата иницијатива предводена од премиерот на Велс, Марк Дрејкфорд, е наменета да врати голем дел од Велс во магичното место опишано од нивната историја.

Велшката влада сега работи на засадување на национална шума што би ги поврзувала постојните заштитени шумски околини со големи проекти за садење дрвја со цел да се врати природниот Велс и да се справи со климатските промени.

- Имаме одговорност кон идните генерации да ја заштитиме природата од опасностите од климатските промени, но здравата природна средина исто така ќе им понуди заштита на нашите заедници од опасностите со кои се соочуваме - вели Дрејкфорд.

Покрај тоа, древните шуми на Европа обезбедуваат и други придобивки за екосистемот, како што е складирање на јаглеродот од атмосферата во нивните корени. Овие системи со длабоки корени ја обезбедуваат почвата и ја спречуваат ерозијата што може да ги деградира локалните патишта и крајбрежјето.

Исто така, шумите ќе обезбедат живеалиште за загрозените велшки животни, како црниот тетреб, шкотската дива мачка, црвената верверичка и големиот тетреб.

vels
Фото: Pixabay

- Националната шума ќе биде голема придобивка за Велс, а сите заедници низ целата земја ќе можат да учествуваат во проектот - изјави заменик-министерот за домување и локална самоуправа Хана Блитин.

Инспирација за проектот била пешачката патека што привлекува милиони туристи секоја година, наречена Патека на брегот на Велс.

За реализација на проектот се издвоени 5,7 милиони долари, додека 11 милиони долари ќе одат за програмите за засадување дрвја преку програмата за грантови на „Гластир“.

Грантовите на „Гластир“ се едни од многубројните законски прописи со цел да се спречи намалувањето на природната дивина, ресурсите и дивиот свет во земјата, истовремено обидувајќи се да се модернизира земјоделскиот сектор во услови на променлива клима.

Земјоделците можат да аплицираат за грантови на „Гластир“ доколку преземат операции за садење дрвја или проекти што спречуваат поплавување, обезбедување и регенерирање на квалитетот на почвата или дивиот свет или подобрување на земјоделските и сточарските стандарди за домашни животни и растенија.

Извор: Good News Network
Фото: Pixabay