Зошто Финците се најсреќни во светот: Смислата на животот ја пронаоѓаат во читањето и во природата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Финска повторно се најде на првото место на Извештајот за светска среќа на Обединетите нации. Но сите се прашуваат што го прави финскиот народ толку среќен? Ова е неговата тајна.
Според финскиот туристички одбор „Посети ја Финска“, одговорот на прашањето што ги прави среќни е природата.
Но, со оглед на тоа што движењето денес ни е ограничено поради пандемијата на коронавирусот, како можеме да ја постигнеме среќата на Финците додека сме дома?
Ова се советите што ги даваат Финците за да најдете смиреност дома на фински начин.
1. Почнете го денот со студен туш
(наместо капење во езеро или море)
Финците го сакаат зимското пливање исто колку што ја сакаат сауната. Тајната во капењето во студена вода лежи во чувството што поминува низ телото откако ќе излезете од вода - почнува циркулацијата и вашето тело почнува да се загрева, што ве прави да се чувствувате среќни.
Вашето тело произведува хормонот серотонин заедно со допамин, кои го балансираат расположението, со што се ослободува стресот.
Најлесниот начин да го направите ова дома е студен туш неколку минути наутро, што претставува освежувачки начин да го почнете денот.
2. Смислата на светот најдете ја во читањето
(наместо да посетувате библиотека)
Финците ги сакаат книгите. Постојат многу библиотеки во Финска, а Хелсинки во 2019 година ја отвори најновата библиотека „Ооди“. Истата година оваа библиотека беше прогласена за најдобрата јавна библиотека во светот.
Во 2016 година Обединетите нации ја прогласија Финска за најписмената нација во светот. Финците се меѓу најентузијастичните корисници на јавни библиотеки во светот. 5,5 милиони луѓе позајмуваат речиси 68 милиони книги годишно.
Фото: Unsplash
3. Релаксирачка шумска прошетка од вашиот кауч
(наместо да шетате во вистинска шума)
Постои нешто магично во врска со шумата и финската душа - Финците отсекогаш биле поврзани со неа.
Финците се чувствуваат добро во шума. Шумите им помагаат да запомнат кои се и од каде потекнуваат. Во шумите Финците не се чувствуваат осамено - шумите им обезбедуваат мир и заштита.
Научно е докажано дека 15-минутен престој во шума го смирува пулсот и вашето тело почнува да се одмара - одличен едноставен лек за стрес.
Затоа, затворете ги очите, истегнете се на каучот и замислете како патувате во финска шума.
4. Направете лепче со цимет
(наместо да посетите финско кафуле)
„Корвапусти“ во буквален превод значи „удрени уши“, но во основа станува збор за лепчиња со цимет направени на фински начин.
Финците обожаваат кафе (тие многу пијат кафе, речиси 10 килограми на човек годишно), а сакаат и „корвапусти“ толку многу што имаат посебен збор за тоа - „пулакахвит“ што буквално значи „лепче за кафе“.
За финскиот народ, паузата со вакво лепче е врвот на денот. Овие лепчиња се совршена храна, а кога се печат дома, се создава пријатна миризба што ги потсетува Финците на нивното детство, кога ги јаделе со чаша млеко.
5. Пренесете ги мислите преку онлајн-прошетка на музеите
(наместо вистинска посета)
Современата уметничка сцена во Финска опфаќа сè, од експериментални иницијативи водени од уметници и комерцијални галерии до предводници на уметнички институции. Постојат повеќе од 55 уметнички музеи и многубројни уметнички галерии.
Финска е земја на крајност и контрасти, кои заедно со блиските врски на Финците со природа се главните извори на инспирација за финската уметност.
Финците ја користат уметноста за да го смират умот и да ги транспортираат своите мисли до местата што им даваат утеха.