Јордан Плевнеш - нов претседател на Академија Балканика Еуропеана
Академици од десет земји на регионот соработуваат за негување на заедничките европски вредности под мотото „Балканот во срцето на Европа“
На предлог на претседателот на Европската Академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, професор од Кралскиот колеџ од Лондон, македонскиот писател со меѓународно реноме Јордан Плевнеш едногласно е избран за претседател на Академија Балканика Еуропеана од сите 33 члена од десетте држави на Балканскиот Полуостров.
Под мотото „Балканот во срцето на Европа“ на 29 октомври 2017 година, во Букурешт, е основана Академија Балканика Еуропеана - првата културна институција која го третира Балканот како составен дел на заедничката европска цивилизација.
Основачкиот комитет ги избра првите 33 реномирани академици за редовни членови на оваа институција, кои потекнуваат од десет земји на Балканот: Романија, Грција, Бугарија, Турција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Косово.
Изборот на Плевнеш следуваше откако неодамна почина првиот претседател на Академијата, Јон Карамитру, легендарен балканофил, театарски и филмски деец, прв министер за култура на Романија по падот на Чаушеску.
Научноистражувачкиот институт што ќе биде формиран од новоизбраните академици ќе работи во четири приоритетни области поврзани со проектот „Отворен Балкан“ - економија, екологија, медицина и обновливи енергетски извори.
Пленарното заседание на Академија Балканика Еуропеана, која е сега официјално регистрирана во Скопје, се очекува да се одржи на крајот од јуни и почетокот на јули оваа година во Македонија.