Главниот град на Литванија ќе се претвори во отворен ресторан кој дозволува социјално дистанцирање

Главниот град на Литванија ќе се претвори во отворен ресторан кој дозволува социјално дистанцирање

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Главниот град на Литванија, Вилнус, ќе претвори многу улици и отворени простори во барови, ресторани и кафулиња со цел да не згасне индустријата, а луѓето ќе можат да одржуваат растојание. Многу од градските јавни места, како плоштадите, сега ќе бидат отворени за користење од страна на ресторани.

Властите ја објавија веста во петокот, а во текот на викендот биле примени над 162 апликации од фирми кои сакаат да учествуваат во проектот.


Фото: Вилнус/Pixabay

Литванија веќе почна со отстранување на некои мерки за ограничено движење поради пандемијата. Во Литванија се регистрирани 1.344 заболени случаи на коронавирус и 44 смртни случаи. Многу кафулиња, продавници и други продажни места повторно почнаа со работа оваа недела. 

Според претходните правила, кафулињата што имаат отворен простор можеа да работат доколку има 1 метар растојание од тротоарите и 2 метри растојание помеѓу масите. Ова ги ограничи локалите што немаат отворен простор.


Фото: Вилнус/Pixabay

- Раздвиженоста е многу голема, што покажува дека кетеринг-услугите го гледаат ова како можност за да можат ефикасно да го преживеат овој период. Плоштадите и улиците ќе бидат на располагање бесплатно за да можат рестораните да ги одвиваат активностите за време на карантинот. Само отворете ги штандовите, работете, задржете ги работните позиции и одржете го Вилнус жив. Секако, приоритет е безбедноста за сите - изјавил градоначалникот на Вилнус, Ремигијус Шимашиус.

Дополнително на новата мерка, општината ќе им додели ваучери за рестораните на некои медицински лица. 

Автор: Хери Кокбурн
Извор: independent.co.uk