Делфините се толку паметни што учат трикови од пријателите

Делфините се толку паметни што учат трикови од пријателите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Еден вид делфини во Западна Австралија користат празни школки за да фаќаат риба која подоцна ја јадат. Ова е првата алатка што делфините учат да ја користат гледајќи ги пријателите.

Според еволуцискиот биолог Мајкл Крутцен од Универзитетот во Цирих, Швајцарија, ова е големо откритие кое покажува дека делфините и другите китови со заби се однесуваат многу послично на мајмуните и луѓето отколку што се мислело претходно.


Фото: Pixabay

Првите делфини што користеле алатки биле забележани пред 20-ина години. Делфините користеле морски сунѓери за да го покријат предниот дел од лицето како заштита. Ова им помагало на делфините да ловат храна во подлабоки води. Делфините ја учат оваа техника од своите мајки.

Но, новиот начин на ловење риби со школки е различен случај бидејќи делфините учат за него од другите делфини. Оваа способност е присутна кај понапредните животински видови, како мајмуните и луѓето.

Крутцен објаснува дека и покрај различната еволуциска историја што ја имаат делфините и мајмуните, двата животински вида живеат долго, имаат голем мозок со капацитет за иновација и културно пренесување на однесувањето.


Фото: Pixabay

Постоеле претходни истражувања за делфините кои покажувале дека тие веројатно се способни да учат од пријателите, но новото истражување водено од Соња Вајлд од Универзитетот во Констанц, Германија, конечно го покажува ова.

Во истражувањето биле анализирани податоци од повеќе од една деценија, помеѓу 2007 и 2018. Истражувачите набљудувале над 1.000 делфини кои имале речиси 5.300 средби со други животни. Користењето празни школки за лов на риба било забележано кај 19 делфини во 42 посебни случаи.

Понатамошната анализа покажала дека техниката за користење празни школки за ловење риба веројатно се ширела помеѓу пријателите наместо да се споделува од страна на родителите.


- Овие резултати се навистина изненадувачки бидејќи делфините најчесто се конзервативни, односно децата ги следат чекорите на мајката кога учат како да се однесуваат - вели Вајлд.

Но, резултатите покажуваат дека делфините дефинитивно се способни и мотивирани да учат нови работи и од други делфини освен од мајките.

Автор: Мишел Стар
Извор: sciencealert.com