„Фејсбук“ изгуби 56 милијарди долари поради бојкот од страна на повеќе компании

„Фејсбук“ изгуби 56 милијарди долари поради бојкот од страна на повеќе компании

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Над 90 големи компании изминативе денови одлучија да престанат да се рекламираат на „Фејсбук“ поради говорот на омраза на социјалната мрежа. Ова ја намалило вредноста на медиумскиот гигант за околу 56 милијарди долари. Богатството на Марк Закерберг е намалено за 7,2 милијарди долари и сега изнесува 89,5 милијарди долари.

Акциите на „Фејсбук“ паднаа за над 8%, а оние на „Твитер“ за 7% во петокот откако компанијата „Унилевер“ изјави дека нема да се рекламира на социјалните мрежи барем до крајот на годината. Компанијата изјавила дека ги бојкотира социјалните мрежи во форма на протест поради говорот на омраза кој се шири на нив. Од компанијата велат дека поделеноста во САД поради претстојните претседателски избори им дава одговорност на брендовите да дејствуваат.


Фото: Pexels

Подоцна истиот ден „Кока-Кола“ објави дека нема да се рекламира на социјалните мрежи најмалку 30 дена.

- Нема место за расизам во светот и нема место за расизам на социјалните мрежи - изјавил Џејмс Квинси, генерален извршен директор на „Кока-Кола“. „Хонда“, исто така, нема да се рекламира на „Фејсбук“ во јули, а на листата со компании што ја бојкотираат социјалната мрежа се и „Верајзон“, „Патагонија“, „Норт Фејс“ и РЕИ.


Фото: Pexels

Закерберг претходно беше критикуван дека не презел ништо во врска со контроверзни објави на американскиот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека луѓето заслужуваат да добијат „нефилтрирани“ објави од политичките лидери. „Твитер“, од друга страна, ги означува објавите на претседателот во кои има лажни изјави.

Од „Фејсбук“ во петокот изјавиле дека ќе забрануваат повеќе содржини на мрежата во кои има говор на омраза и ќе ги означуваат објавите со проверени факти.

Овој месец Закерберг најави и опција за блокирање на сите политички реклами на социјалната мрежа.

Извор: dailysabah.com