ТМФ, образовна институција каде што се раѓаат нови идеи, материјали и инженери

ТМФ, образовна институција каде што се раѓаат нови идеи, материјали и инженери

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

За еден професор и ментор нема поголемо задоволство од тоа кога гледате дека вашите студенти и нивната работа се вреднуваат, наградуваат и многу брзо се валоризираат во стопанскиот развој на земјата, вели проф. д-р Анита Грозданов

Фантастичните својства на наноструктурите кои се применети во нови технолошки решенија и уреди секојдневно го разубавуваат и многу го олеснуваат животот на луѓето во 21 век, вели д-р Анита Грозданов, редовен професор на Технолошко-металуршки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со неа разговараме за можностите што им ги нуди ТМФ на студентите, за нивните достигнувања, соработката со колегите од странство. Нејзина област на истражување се материјалите, полето на полимерните нанокомпозити и можностите за проширување и изнаоѓање нови и нови примени на наноматеријалите. Грозданов е еден од тројцата научни работници и истражувачи што минатата година беа прогласени за научници на годината - 2019 на УКИМ. Нејзините параметри на цитираност во светските бази се: 29,09 на Research gate; h-index =18 и i10-index=37, со 1.781 цитираност на Google scholar; со h-index=16и цитираност од 1.208 пати во Scopus.


Проф. д-р Анита Грозданов

- Својствата на наноструктурите што се применети во нови технолошки решенија и уреди се фасцинантни. На пример, можноста графенските ленти да влезат во побрзиот транспорт на информации, неколкуслојниот графен во нанокомпозит да резултира во 10 пати појака балистичка заштита, графенската мембрана да ја олесни и поевтини десалинизацијата на морската вода, да ги направи филтрите за вода поевтини, но и со 100% моќ за прочистување, наноносачите на лекови во борбата со ракот и сите други болести... Потоа наноматеријалите во дијагностиката на забите, наноструктурите ги зајакнаа мобилните телефони со екрани на превиткување, високата осетливост на наносензорите на отровните гасови, наноструктурите во катализата и обезбедувањето на самочистечки површини, нановлакната во креирањето на вештачките мускули и ткива... Своите интереси секојдневно им ги пренесуваме на студентите, кои понатаму навлегуваат во фантастичниот свет на наноструктурите - вели проф. Грозданов.


Телефон што се витка (лево) и графен-мембрана

Ова се само дел од особините и примените на наноструктурите кои ги воодушевуваат и секојдневно ги инспирираат професорите и истражувачите од насоката за инженерство на материјали и нанотехнологија на ТМФ.

Многу научноистражувачки проекти

Дел од професорите од групата истражувачи на ТМФ, кои исто така работат во областа на наноматеријалите и нанотехнологиите, Перица Пауновиќ, Александар Димитров и помладиот доцент Александар Петровски, имаат реализирано повеќе научноистражувачки проекти во овие области, како што се: “Cost-effective sensors, interoperable with international existing ocean observing systems, to meet EU policies requirements”-FP7-COMMON SENSE, “Application of Ionizing Irradiation in Nanotechnology for Environment, energy and Health Purposes”-IAEA-NANO IRA NET и др.  

Грозданов со соработниците

Од 2013 година проф. Анита Грозданов го координира тимот од ТМФ што интензивно работи на креирањето и добивањето нови наносензори за контрола на pH и pCO2 на морските и слатките води. Овие истражувања биле дел од FP7-COMMON SENSE проектот (“Cost-effective sensors, interoperable with international existing ocean observing systems, to meet EU policies requirements) во чии рамки бил креиран нов наносензор во кој по пат на електрохемиска полимеризација бил добиен нанокомпозит нанесен врз сензорска електрода, која потоа се користи за контрола на pH врз основа на промена на електричниот отпор.


Тестирање на сензорот во лагуните на Сардинија

- Ова е сензор кој работи на сосема нов принцип во споредба со досега употребуваните сензори за контрола на киселоста на водите и е десет пати поевтин во споредба со конвенционалните сензори и со значително помали димензии. Притоа, во добивањето на новиот сензор комерцијалните јаглеродни наноструктури беа споредени со јаглеродните наноструктури (наноцевки и графен) произведени во лабораториите на ТМФ од страна на проф. Александар Димитров - објаснува Грозданов.

Проф. Димитров произведува наноцевки

Во производството и карактеризацијата на овие сензори таа активно ги вклучува и помладите колеги, па во рамките на проектот се одбранети научни трудови (докторски труд на Александар Петровски) и магистерски труд на Горазд Чепишевски, Кирил Стоимчев, како и повеќе дипломски работи.

Студентите – вредно богатство

Денес работата на наносензорите продолжува преку испитување на можноста овие сензорски електроди да бидат применети како гасови и сензори за детекција на активната супстанција на многу лекови. Овие испитувања денес се дел од тековните истражувања од билатерален проект  со Montanuniversität Leoben од Леобен, Австрија. Грозданова објаснува дека во научноистражувачката работа на сите проекти активно се вклучени дипломците од насоката инженерство на материјали и нанотехнологии, кои своите дипломски резултати ги презентираат на домашни и меѓународни студентски конгреси и средби од каде што се враќаат со вредни награди, убави спомени и нови искуства.



Студентите од насоката инженерство на материјали и нанотехнологии на студентски конгрес

- Студентите од оваа насока се навистина вредно богатство за нашиот факултет и нашата земја. Последните две години добитниците на најпрестижното инженерско признание „Инженерски прстен“ за студенти од ТМФ, се студенти кои дипломската работа ја реализирале под нејзино менторство - објаснува Грозданов.



Проф. Грозданов со добитничките на „Инженерски прстен“ - Тамара Георгиевска (лево) и Ива Димитриевска

За 2019 година, наградата „Инженерски прстен“ ја добила Тамара Георгиевска, а годинава ќе ја добие и Ива Димитриевска. Грозданов вели дека тоа се млади инженери кои своите знаења од инженерство на материјали и нанотехнологии ги валоризирале многу брзо, речиси веднаш по дипломирањето. И двете, веднаш по дипломирањето, преку соработката со фирмите за практикантска работа во производните компании биле примени на работа и веќе се дел од тимот на Центарот за развој и истражување на „Алкалоид“.


- За еден професор и ментор нема поголемо задоволство кога гледате дека вашите студенти и нивната работа се вреднуваат, наградуваат и многу брзо се валоризираат во стопанскиот развој на земјата - децидна е Грозданов.

Модернизирање на инструментите и лабораториите на ТМФ

Проф. Грозданов е еден од активните членови на ТМФ која преку меѓународните научноистражувачки проекти континуирано придонесува за опремување и модернизирање на инструментите и лабораториите на факултетот. Така, уште пред десетина години, во рамки на европскиот проект: (ECO-PCCM - Eco-houses based on eco-friendly polymer construction composite materials ) е опремена лабораторија за термомеханичка анализа на материјалите. Инструментите не само што се користат за наставни и научноистражувачки цели туку активно се користат и за бизнис заедницата (стопанството).


Инструмент TGA-DTA

Во рамките на проектот НАНО ИРАНЕТ (Примена на јонизирачки зрачења во нанотехнологиите), финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија - МААЕ (IAEA – International Atomic Energy Agency) од Виена, проф. Грозданов и соработниците од ТМФ навлегле во една нова област за нив – примена на јонизирачките зрачења (гама, рендгенски и електронски зрачења) во нанотехнологиите. За време на проектот, пет професори и исто толку помлади соработници од ТМФ престојувале на студиски престои и обуки во центри за јонизирачки зрачења во Англија, Полска, Шпанија, Турција и Србија, каде што се стекнале со нови искуства и вештини.

Прoф. Перица Пауновиќ во Лоѓ, Полска, ги озрачувал наночестиците на TiO2 со различни дози (ниски и многу високи), и тоа TiO2-комерцијални и нано TiO2-честици произведени на ТМФ по постапка разработена од Пауновиќ. Озрачените нанопримероци на TiO2 биле анализирани во однос на нивната фотокаталитичка активност и тие покажале одлична моќ. Проф. Александар Димитров во Велика Британија работел на озрачување на јаглеродни наноструктутри со широк опсег на дози, од 5 до 500 kGy. Озрачени биле комерцијални нано цевки и нано цевки произведени во лабораторијата за производство на наноструктури на ТМФ по патент на проф. Димитров. Озрачените наноцевки и графен биле анализирани во однос на нивните електрични својства, како и нивната сорпциона моќ за прочистување на отпадни води од јони на тешки метали.

Проф. Весна Рафајловска работела во Анкара на анализа на озрачени примероци од оригано со различни димензии – од нано до микрониво, при што биле анализирани екстракционите капацитети на озрачените и неозрачените примероци на оригано. Проф. Кристина Младеновска (соработничка на ТМФ од Фармацевтски факултет) работела на озрачување на јаглеродни наноносачи на лекови наменети за антиканцерогена терапија. Исто така, и за оваа намена се споредени комерцијални и наноструктури произведени во лабораториите на ТМФ. Проф. Грозданов работела на озрачување на различни наноструктури, јаглеродни и други, со мали и големи дози, со гама и рендгенски зрачења. Озрачените наноструктури биле применети и анализирани како носачи на лекови, како сензори и како сорбенти за јони на тешки метали.


Интеракција на јонизирачко зрачење и кристална решетка на материјалите

- Кога некое јонизирачко зрачење (електронски сноп - e-beam, x-зраци, γ-зраци) минува низ цврсто тело, доаѓа до интеракција помеѓу квантните носители на зрачењето и квантните конституенти на кристалната решетка, при што се случуваат промени во структурата на материјалот, а со тоа и на неговите својства, како зголемена површинска активност (површинска функционализација), фотокаталитичка активност, промена на термичката стабилност, графитизација на јаглеродните наноструктури, зголемување на структурните дефекти и др. - објаснува Грозданов.

Можност за модерно технолошко образование

Во рамките на проектот НАНО ИРА НЕТ, на факултетот е опремена лабораторија за оптичка, спектроскопска и калориметриска анализа на материјалите (на микро и нано ниво) .На ТМФ е инсталиран скенирачки електронски микроскоп на компанијата JEOL, кој има моќ да ги скенира и снима материјалите на нанониво, во опсег од 2 до 5 nm. Од спектроскопските инструменти е и инструментот за раман спектроскопија кој е во комбинација со електрохемиски дел за амперометрија и волтаметрија. Во лабораторијата за калориметриски испитувања инсталирана е калориметриска бомба и инструмент за диференцијална скенирачка калориметрија на материјалите. Со овие инструменти ТМФ ги надградува и исполнува капацитетите и критериумите за современ истражувачки центар за нови материјали.


Дел од уредите на ТМФ

- Овие инструменти секако нудат можност за современо и модерно образование на современите инженери потребни за работа на новите технологии кои секојдневно се инсталираат во нашата држава. Затоа, ТМФ нуди можност за висококвалитетно технолошко образование кое е предизвик за секој млад матурант исправен пред предизвикот каде да се насочи и да продолжи. Оваа насока всушност ја дава основата која потоа тие може да ја надградуваат и во странство, на универзитетите во Шпанија, Италија, Словенија, Романија, Полска, Бугарија со кои ТМФ има многу ЕРАЗМУС договори. Можностите што ги нуди ТМФ и насоката за инженерство на материјали и нанотехнологии за матурантите се многу големи и интересни, отворајќи врата кон свет во кој фантазиите и соништата многу брзо стануваат реалност - вели Грозданов.