Зошто фабрики за месо се жаришта на коронавирусот?

Зошто фабрики за месо се жаришта на коронавирусот?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Последниве денови имаше многу вести за вработени во компании за преработки на месо и кланици што се заразиле со коронавирусот. Вакви случаи беа забележани во Велика Британија, Германија, Франција, Шпанија и во САД. Зошто вработените во овие компании се заразуваат со коронавирусот?

Луѓето се заразуваат со коронавирусот преку капки кои може да бидат искашлани или исфрлени при зборување од страна на заразено лице. Заразата настанува при близок контакт со заразени лица или преку допирање површини на кои го има вирусот.


Фото: Pexels

Според Лоренс Јанг, професор по молекуларна онкологија на Универзитетот во Ворвик, фабриките, а особено затворените средини кои се студени и влажни се совршени околини за задржување и ширење на коронавирусот. Друг можен фактор во овие студенти места се и машините поради кои вработените се принудени да зборуваат гласно, со што може да се исфрлаат повеќе заразени капки.

Згора на тоа, тешко е да се одржи физичката дистанца од 2 метра помеѓу работниците што работат на производство, а недостигот на дневна светлина може да му помогне на вирусот да преживее подолго.

- Кога имате луѓе што стојат еден до друг и работат напорно бидејќи станува збор за тешка работа, има шанси вирусот да се прошири од само еден заразен на многумина што се во близина - објаснува Тара Смит, професор по емидемиологија на државниот универзитет „Кент“ во Охајо.


Фото: Pexels

Нема доказ дека самите месни производи може да бидат извор на зараза во фабриките. Агенцијата за стандарди во исхраната во Велика Британија вели дека е малку веројатно да се добие коронавирус од храната бидејќи вирусот не се пренесува на тој начин.

Меѓутоа, во причини за зголемување на ризикот за зараза во фабриките се вбројуваат и другите услови за работа. На пример, некои вакви фабрики нудат и престој во фабриката или во близина каде што престојуваат повеќе вработени. Овие лица цел ден го минуваат заедно во затворена просторија, вели Мајк Хид од Универзитетот во Саутемптон.

Освен тоа, фабриките низ Европа честопати вработуваат мигранти кои не добиваат здравствено осигурување и кои би губеле пари доколку се изолираат кога не се чувствуваат добро.

Автор: Антони Рубен
Извор: Би-би-си