Родителите да бираат дали детето ќе го пуштат на училиште, бараат од на групата за поддршка на онлајн-настава

Родителите да бираат дали детето ќе го пуштат на училиште, бараат од на групата за поддршка на онлајн-настава

Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Земјите како Велика Британија и Израел, кои се далеку пред нас по бројот на вакцинирано население, во моментов се соочуваат со зголемени случаи на заразеност од делта-варијантата, и тоа кај учениците кои заразата ја шират во училиштата, пишува во писмото кое родители-членови на групата го испратиле до МОН

Да остане можноста родителите да бираат дали ќе ги пратат учениците на училиште, а наставниците кои од било какви причини не се вакцинирани, да имаат опција да предаваат од дома. Ова се само дел од барањата на родителите кои се членови во групата „Поддршка за онлајн настава“, кои ги напишале во форма на писмо што го адресирале до Министерството за образование и наука и до Комисијата за заразни болести.

Ова следува по најавата за подготвување протоколи за настава со физичко присуство за сите ученици од 1 септември годинава.

„Како родители будно ја следиме целата моментална ситуација со пандемијата која во нашата земја во моментов стивнува, но сепак понатамошниот тек на настаните зависи од случувањата поврзани со заразата во соседството и во светот. Посебно загрижува делта-варијантата на ковид, за која е само прашање на време кога ќе се прошири и кај нас, бидејќи во останатиот дел од Европа епидемиолошката ситуација се влошува како резултат на рапидно ширење на истата. Земјите како Велика Британија и Израел, кои се далеку пред нас по бројот на вакцинирано население и до месец мај имаа големо намалување на пандемијата, во моментов се соочуваат со зголемени случаи на заразеност од делта-варијантата, и тоа кај учениците кои заразата ја шират во училиштата. Поради ова во овие земји се донесе и одобрение за вакцинирање на деца од 12-15 години, иако се уште се неопходни повеќе истражувања за вакцините кај оваа популација, а посебно загрижува што одобрените вакцини на „Фајзер“ кај дел од младите вакцинирани адолесценти може да предизвикаат миокардитис и перикардитис. Кон крајот на мај 2021 година поради зголеменото ширење на зараза од делта-варијантата на ковид-19 во некои од училиштата во Велика Британија, тие повторно беа затворени и ја завршија годината со онлајн настава“, стои во писмото.



Тие велат дека се свесни дека на децата им е потребен секојдневниот живот каде се дружат со своите врсници во училиште и квалитетно го поминуваат своето време во образовниот процес, но, потенцираат дека во време на ваква опасна по живот заразна болест, приоритет им е здравјето на децата.

„Исто така, веќе имаме позитивно искуство со онлајн наставата според кое знаеме дека во време на пандемија, таа е одлична замена за да се зачува доброто здравје, а сепак се продолжи со едукацијата. Оттука, додека работите на планирањето за следната учебна година, би ве замолиле да ги земете предвид и следниве наши барања: Во првото полугодие да остане можноста родителите да одлучат за своите деца следење на настава со физичко присуство или следење на наставата онлајн. Наставниците кои поради било кои причини не можат да се вакцинираат и имаат здравствени проблеми, исто така, треба да имаат опција да изберат да предаваат онлајн. За сите оние кои ќе одат физички на училиште државата ќе мора да обезбеди бесплатни брзи тестови кои ќе мора често да се прават (најмалку два пати неделно) со цел да се заштитат соучениците, наставниците и општата популација. Државите кои често се наведуваа како пример за одвивање на физичка настава, редовно ги тестираа учениците со брзи бесплатни тестови направени од стручни лица во самите училишта барем два пати неделно“, стои во писмото.

Инаку Владата на вчерашната седница ги прифатила одделните планови за одржување на наставата во основното и средното образование согласно одлуките на МОН со повторно отворање на училиштата во учебната 2021/2022 година.