„Ти, Лидија, еден ден сигурно ќе пишуваш и проза!“ А јас бев закоравен поет и нејќев да чујам за тоа. Tврдев дека нема да ѝ простам што така ми кажа и дека никогаш нема да пишувам проза. Асистентката Билјана Ангеловска имаше такви очи што можеа да го видат тоа и потсвесно ме насочи кон прозата - се потсетува авторката во рубриката што Факултети.мк ја реализира заедно со „Пивара Скопје“
Ги поднесов документите за тогашната Југословенска книжевност и македонски јазик. Дента кога го направив тоа се сретнав со Билјана Ангеловска-Бики, која беше асистентка на Општа и компаративна книжевност. Кога ѝ кажав кој е мојот избор, ми рече: „Како си можела да ја избегнеш Општа и компаративна книжевност?!“ Ја послушав и уште истиот ден ги зедов документите и се запишав таму – вели Лидија Димковска, писателка, поетеса, преведувачка, еден од нашите најдобри и меѓународно афирмирани автори.
Факултетот го завршила за нецели четири години и од денешен аспект, вели дека требало да потрае повеќе и да не брза.
Лидија и другарка ѝ Снежана
На 11 години го читала Зола
Книгата ѝ била верна другарка уште од основно училиште и затоа немала речиси никаква дилема дали факултетот што ќе го избере ќе биде поврзан со литературата. Завршила средно училиште во „Зеф Љуш Марку“ во Скопје.
- Во тоа време ме интересираше и етнологија, антропологија, исто така мечтаев да се запишам на ориенталистика во Загреб. Ама сето тоа некако ми беше недостижно, и во социјална и во егзистенцијална смисла. А бев и самокритична. Сепак, книгата ми значеше најмногу од сѐ – вели Димковска.
На 11 години таа веќе читала дела од Емил Зола, а на летен распуст родителите ја убедувале да излезе надвор да си игра. И воншколските активности ѝ биле поврзани со книгите. Во училиште заедно со новинарката Снежана Лупевска одела на рецитаторска секција. Објавувала свои песни во детските списанија.
- Моите родители никогаш не мечтаеjа да станам докторка или инженер. Вујко ми, кој студираше историја и живееше четири години со нас, ми беше модел. Ги почна студиите кога јас бев прво одделение. Многу сакав да го отворам неговото студентско куферче со кое одеше на факултет. Често му потпикнував мои цртежи на девојки за да се пошегувам со него. Тој ми беше пример дека во животот треба да се потрудиш за да успееш во нешто, бидејќи тој, сепак, дојде од село во голем град и успеа. Беше единствениот од поширокото семејство што заврши факултет и многу се гордеевме со него – се потсетува писателката.
Често подготвувала испити кај своите баба и дедо во Шлегово, Кратовско
Шелева – најдобар предавач на факултетот
Се потсетува на првото предавање по Вовед во книжевноста што професорот Влада Урошевиќ го организирал во Музејот на Македонија.
- Таму првпат практично ја видов „Големата Мајка“ и сето она што ја обележува нашата култура и историја. Тоа беше многу убаво предавање. Урошевиќ почна од социолошки, антрополошки аспект да нѐ воведува во книжевноста. Таа практика ја продолжи неговата тогашна асистентка, Маја Бојаџиевска, која на првата средба ни даде прашалник - зошто сакаме да студираме книжевност. Чувме многу интересни искажувања од колегите – вели таа.
Од асистентите и професорите што ѝ предавале таа ја издвојува Елизабета Шелева, за која тврди дека била најдобриот предавач на факултетот.
- Таа му беше асистентка на проф. Милан Ѓурчинов, но нејзините вежби не беа само вежби, туку и работилници. Имаше крајно љубопитен дух, никогаш не се водеше само според курикулумот на студирањето. Ни предлагаше книги за читање, секогаш воспоставуваше контекст на поврзаност меѓу македонската и светската книжевност. Нѐ поттикнуваше да пишуваме есеи, критики. Тие што веќе пишувавме литература, искрено си ги коментиравме делата. Еден Игор Исаковски знаеше премногу да се налути кога нешто не беше доволно добро во некоја песна, и во своја и во туѓа – споделува Лидија и признава дека можеби очекувала повеќе од факултетот.
Глигор Нишотовски
Една од асистентките што нема да ги заборави е Билјана Ангеловска, која одлично ја познавала антиката.
- „Илијада“ и „Одисеја“ ги знаеше напамет. Таа му беше асистентка на проф. Саво Цветановски. Асистентите практично ја држеа групата. Нејзините вежби беа спектакуларни, со дебати и разговори за тоа што сакал авторот да каже. Се сеќавам дека при една таква ситуација ми рече: „Ти, Лидија, еден ден сигурно ќе пишуваш и проза!“ А јас бев закоравен поет и не сакав да чујам за тоа. Tврдев дека нема да ѝ простам што така ми кажа и дека никогаш нема да пишувам проза. Бики практично имаше очи што можеа да го видат тоа и потсвесно ме насочи кон прозата – вели Лидија.
Ја споменува и Лидија Дракулевска-Капушевска, за која вели дека била премила личност и дека понекогаш сакале дури да стане погласна, поагресивна во ставот.
Со дел од колегите од факултетот, но и од други, формирале два поетски клуба - „Малиот принц“, а подоцна и „Илунаи“ заедно со Исаковски, Сашо Гигов-Гиш, Рената Дескоска, Ана Пејчинова, Борис Чавкоски и други.
- Секоја седмица се среќававме во просториите на тогашна Младина на град Скопје, а подоцна на Филолошкиот факултет. Читавме поезија, разговаравме, пиевме вино. Сите тие години на студирање ние практично многу се дружевме на полето на поезијата. Тоа многу ми значеше во тие денови на студирање зашто најмногу од сѐ ја сакав поезијата – признава таа.
Секој има поединци што во студирањето му оставиле посебен впечаток. За Димковска, тоа, меѓу другите, биле Глигор Нишотовски и Снежана Богатиноска.
- Глигор, кој, за жал, пред неколку години се самоуби, беше апсолутно најдобриот студент, и тоа не само во мојата генерација. И многу ми е жал што тоа не го сфатија на мојот факултет и не го задржаа. Тоа беше еден брилијантен ум!
- Со Џани (Снежана), пак, која беше од Крушево, го почувствував студентскиот живот во студентските домови низ Скопје. Пријателки сме речиси триесет години.
За „Рожби од Исток“ заедно со Чавкоски ја добиле наградата за најдобра дебитантска книга
Прва стихозбирка во текот на студиите
Уште како студентка Лидија ја објавила својата прва стихозбирка „Рожби од Исток“, заедно со Борис Чавкоски. Ја добиле наградата за најдобра дебитантска книга „Студентски збор“ на Струшките вечери на поезијата.
- Од едната страна беа моите песни, а од другата - неговите, и на средина се пресретнуваа. Со парите од наградата си ги купив приказните на Шехерезада што излегоа во „Детска радост“. Сега ѝ читам на ќерка ми од таа книга. Стихозбирката ја издадовме сами. Баравме спонзори, тропавме од врата на врата и сите ни помогнаа по малку. Тоа беа фирми и претпријатија што немаа никаква врска со книжевноста. Ни ја издаде „Киро Дандаро“, а за да стигнеме до Битола, секако, стопиравме. И на Струшки вечери исто така патувавме автостоп – се сеќава Лидија.
Со колешката Билјана Стојчевска, ќерка на писателот Санде Стојчевски, често учеле заедно. Лидија вели дека некогаш им било мачно да ги подготвуваат испитите.
- Се сеќавам дека еднаш имавме момент на нешто вонземско. Зедовме една играчка и ја шетавме низ населбата. Две студентки носат кукла и ја шетаат низ улица. Билјана имаше огромна библиотека, во која го открив Кастанеда, ги прочитав сите книги од Марсел Пруст и едноставно ми беше тешко да учам за факултет покрај такви книги!
Работењето за време на студии ја подобрува самодовербата
Додека студирала, Димковска работела во кафулиња. Тврди дека е многу важно да се работи додека се студира и дека во Словенија, каде што живее во последните десетина години, тоа е систем што функционира.
- Многу е нормално да се работи додека се студира. Во тоа време имав желба да си купам една скапа книга и постојано одев во „Табернакул“ за да ја погледнам. Тоа беше „Уметноста на толкувањето поезија“ со одделни поетски творби од најдобрите светски поети и критички текстови за нив од најдобрите светски критичари. Беше многу скапа и не знаев како на моите родители да им кажам дека сакам да ја имам, а, всушност, не ми беше неопходна во студирањето. Кога собрав доволно пари, си ја купив и се сеќавам дека по секое одење дома по работа, на полноќ, секогаш читав од таа книга, таа ми беше поетска библија – вели Лидија.
Од зборникот на клубот „Малиот принц“
Работејќи, научила многу за луѓето. За себе вели дека по природа била срамежлива, ама дека преку тоа искуство ја подобрила самодовербата.
- Во едно од кафулињата долго време доаѓаше еден многу интересен човек на околу 40 години. Имаше чеховски мустаќи, пиеше едно те исто кафе и никогаш ништо не зборуваше. За мене, остана вечна загатка.
Речиси и немала предмет што го учела без мерак, а оценките ѝ биле важни зашто сакала да продолжи со образованието по факултетот.
- Најтежок предмет ми беше македонски јазик, кој ни го предаваа на многу сувопарен начин и понекогаш беше мачно да се учи за да се полага. Другите предмети беа многу порелаксирани оти ни ги држеа професори од нашата катедра.
Од денешен аспект, таа смета дека можеби било попаметно да студира нешто попрактично, нешто што повеќе ќе ѝ помогнело во животот.
- Поезија и проза можев да пишувам со кој било факултет. Во таа смисла ми фалеше некој да ме посоветува да изберам нешто „поупотребливо“. Мислев дека моето пишување ќе има корист од студирањето. Од друга страна, немаше да ги запознаам сите тие интересни луѓе – признава авторката на романите „Резервен живот“, „Но-Уи“.
И за време на студиите Димковска имала ангажмани и по струка.
- Во тоа време додатокот „Лик“ во „Нова Македонија“ беше одлично списание за литература и тогашниот уредник ме покани да соработуваме. Исто така, пишував критики за Македонско радио, а работев и на „Младински канал“ на МТВ, водев разговори со млади поети и други интересни личности. Имавме многу шанси да учествуваме во јавниот културен и општествен живот. Ама тоа не беше доволно за живот. Тие што ги водеа сите тие работи имаа критериуми и нѐ бараа нас што имавме талент. И „Студентски збор“ беше многу ангажиран – се сеќава Лидија.
Лидија Димковска
По дипломирањето таа заминала во Романија на постдипломски студии. Во време кога интернетот сѐ уште беше во зародиш, одела од амбасада до амбасада за да си ја проба среќата и да добие стипендија.
- Социјалниот статус не ми дозволуваше да можам едноставно да ги изберам постдипломските, а и не познавав луѓе што можеа да ми помогнат. Ама кога завршив факултет и сѐ уште работев во кафуле, сфатив дека ако останам во Скопје, само тоа и ќе можам да го работам. Професорите ме фалеа дека бев една од најдобрите, ама немаше место за мене во некоја институција. Романија ми додели шестмесечна стипендија, ама кога отидов таму, останав седум години и добив стипендија за докторат, а подоцна го отворив и лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Букурешт – вели Димковска.
По Романија ѝ се случила „класична љубовна приказна“. Го запознала својот сопруг на истите студии.