Нов Зеланд им плаќа одмор на жртвите на семејно насилство
Жртвите од семејно насилство имаат 10 дена платено отсуство според новиот закон кој го усвои парламентот на Нов Зеланд. Како што се објаснува, тој период им овозможува на жртвите да ги напуштат своите партнери, да пронајдат нов дом и начини да се заштитат себеси и своите деца.
(
Фото: Wikimedia Commons)
Во моментот кога 57 од 63 пратеници го изгласаа законот, имаше такви кои чинот го отпоздравија со аплауз, а некои плачеа. Усвојувањето на законот е лична победа на пратеничката Џан Логи, која седум години се бореше за него. Таа пред да влезе во политика, работеше во центар за прифаќање на жени жртви на
семејно насилство.
Некои пратеници во последниот момент ги повлекоа своите гласови, сметајќи дека трошоците на малите и средни претпријатија би биле превисоки и дека новиот закон би можел да ги одврати од вработување на луѓе за кои постои сомнеж дека се жртви на семејно насилство.
„Ова е начин на кој целото општество треба да сфати дека сите ние имаме улога во обезбедувањето помош на жртвите од насилство и дека тоа не е и не треба да биде само работа на полицијата“, изјави Логи.
Нов Зеланд има една од највисоките стапки на семејно насилство меѓу најразвиените земји, при што на секои четири минути во полицијата се пријавува по еден случај на семејно насилство. Се проценува дека решавањето на овој проблем на годишно ниво ја чини државата меѓу 4 и 7 милијарди долари.
Ваков сличен закон има само во Филипини, кој е усвоен во 2004 година.