„Фајзер“: Ефективноста на вакцината паѓа на 83,7 отсто по 4 месеци
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Фармацевтската компанија „Фајзер“ изјавила дека најновите податоци за нејзината вакцина против ковид-19 покажуваат дека ефикасноста се намалува на околу 83,7 отсто за 4-6 месеци по вакцинирањето. Ова е последен показател дека имунитетот од вакцините се намалува со текот на времето и затоа можеби би била потребна трета доза.
Податоците се од ново истражување во кое се посочува дека вакцината на „Фајзер“ нуди заштита од 96,2 отсто во првите два месеца, 90,1 отсто меѓу вториот и четвртиот месец и 83,7 отсто за четвртиот, петтиот и шестиот месец.
- Ќе ни треба трета доза на 8-12 месеци од втората доза - изјавил главниот извршен директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.
Фото: Pixabay
Компанијата се повикува на ограничени податоци од клинички испитувања и податоци од вакцинирањето на жителите во Израел, каде што најмногу се користи вакцината на „Фајзер“.
Сепак, во моментов нема дефинитивен одговор дали е потребна трета доза. Компанијата работи на клинички истражувања за трета доза од својата вакцина и планира да ги поднесе овие податоци до американската Администрација за храна и лекови на почетокот на август.
Извор:
Market Watch