ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Каде е пронајдена единствената мумија во Македонија?

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Каде е пронајдена единствената мумија во Македонија?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за нашата земја

Македонија е земја со исклучително богато културно наследство. Извонредни предмети од различни епохи ги сочинуваат богатите збирки во музеите во земјава. Но, има и фантастични предмети што не ѝ се достапни на јавноста. Еден од нив е мумијата – единствен ваков експонат во Македонија и пошироко. Со години се наоѓа на Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Изложена е на оригиналната дрвена подлога затворена со стакло. Порано беше покрај влезот на една од предавалните на Институтот, а поради реновирањето во моментот, се наоѓа во истиот стаклен ковчег на крајот од една просторија полна со бироа и друг канцелариски материјал.


Проф. д-р Александар Станков

- Колку-толку се обидуваме да ја одржуваме. Но, потребна е стручна конзервација и реставрација на мумијата - вели проф. д-р Александар Станков, раководител на Институтот за судска медицина и криминалистика.

Мумијата е всушност тело на постар маж, природно мумифицирано во глинената земја богата со минерали во кумановското село Липково. Ја открил археологот, проф. д-р Иван Микулчиќ во 1957 година, кога биле пронајдени неколку мумифицирани тела. Тој ги датирал во 5 и 4 век пред новата ера. Едното тело останало тука, а другите биле дадени на експертиза во Србија. Оттогаш никој не ги видел.



Иако популарно се нарекува „мумија“, сепак, телото не било наменски мумифицирано како посмртните останки на фараоните и видните личности во древниот Египет. Во Липково, природата си го направила своето. Веднаш по откривањето телото на покојникот било однесено во Институтот за судска медицина.

Во изминатите 15 години имаше два посериозни обида ексклузивниот експонат да стане дел од музејска поставка и конечно да стане достапен за јавноста. Прво идејата беше да биде изложена во специјална просторија во Музејот на град Скопје - во темна комора, во подрумскиот салон во градскиот музеј, каде што често се одржуваат камерни концерти. Вториот обид беше да стане дел од новиот Археолошки музеј покрај реката Вардар. Ниту една од овие идеи не беше докрај реализирана.



Мумијата е во прилично оштетена состојба. Долната вилица е сосема откачена од черепот. На горната вилица има само еден заб, а на долната вилица недостига еден. Десната рака ѝ е на стомакот, а левата е покрај телото и има разглобена подлактница. На исушената кожа на главата и на телото има портокалови дамки кои како ситни зрнца се забележуваат и на влакната на косата. Тоа е всушност габична инфекција.



Специјалистите по судска медицина велат дека според истрошените заби на долната вилица, станува збор за постар човек. Тие додаваат дека тешко може да се одреди староста на мумијата - што подолго време поминало од моментот на смртта, понесигурно е одредувањето на времето во кое живеел човекот. Затоа археолозите го вршат датирањето според материјалните остатоци и трагите во земјата каде што ин ситу (недопрено) било пронајдено телото.

Фото: Борче Поповски