Ева Зовиќ е најдобар дипломец на Архитектонскиот факултет: „Во ниеден момент не почувствував дека образованието стекнато во Македонија не е доволно добро“

Ева Зовиќ е најдобар дипломец на Архитектонскиот факултет: „Во ниеден момент не почувствував дека образованието стекнато во Македонија не е доволно добро“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Верувам во системот во кој имаме израснато и верувам во сестраноста на нашето школство. Исто така, во струка како архитектурата, каде што (целта е да) создавате капитални дела на одредена територија, зарем не е важно да го познавате духот на тоа место - вели Ева Зовиќ на прашањето зошто одлучи да студира и да работи во Македонија.

Интегрираните дипломски и магистерски студии (3+2) ги заврши со редовно и навремено полагање на сите колоквиуми и испити, односно за пет години, со просек 9,38. Го одбрани и магистерскиот труд во период од една година. Ева Зовиќ неодамна беше прогласена за најдобар дипломец на Архитектонскиот факултет при УКИМ во академската 2022/2023 година. Таа е добитник и на други награди како резултат на нејзиниот труд и посветеност во студирањето и професијата, меѓу кои и „Инженерскиот прстен“, признание што им се доделува на најдобрите дипломирани студенти од инженерските струки од страна на Инженерската институција на Македонија.

- Одлуката да студирам архитектура беше моја лична одлука и произлезе од моите интереси – наклонетоста кон природните науки и инженерските струки, a воедно потребата да се искажам креативно - низ различни медиуми на изразување, што е присутна низ целиот мој живот. Звучи како клише, но во архитектурата побарав нешто што може да ги спои овие две работи. Кога се запишував, не ми беше докрај јасно што работат архитектите, но колку повеќе ја запознавав архитектурата, толку повеќе сфаќав дека сум ја донела правилната одлука - вели Зовиќ.



Обврските за денес да се завршат со 100-процентна вклученост

- Веројатно додека студирав ќе одговорев дека навистина беше тешко да се постигне овој успех, но од денешна гледна точка (една година по завршувањето на магистерските студии) ми изгледа дека тоа бил потфат со многу разумна количина на вложен труд. Пресудни се три работи, барем според мене: познавањето на себеси и својот начин на учење, пресудна е дисциплината во вложеното време и трето - фокусот кон она што ни е обврска денес да се заврши со 100-процентна вклученост. Веројатно мојот успех е плод на една реченица која ми ја кажува мајка ми: „Секој вложен труд има свој повратен резултат“, ништо не е случајно - вели Зовиќ.

Студирањето на Архитектонскиот факултет бара многу тимска работа и речиси половина од предметите ги полагала преку проекти работени во тим. Важни биле комуникацијата, делегирањето на работите според индивидуалните наклонетости, преземањето одговорност и, пред сѐ, колегијалноста. Останатиот дел од испитите ги подготвувала сама, со испишување на материјалот кој требало да се научи.

- Долго ќе се сеќавам на одбраните на проектите од предметите наречени Студио, каде што сето знаење од сите предмети на факултетот треба да се преточи во проект. Овие презентации пред колегите нѐ подготвуваа за професионалниот свет и нѐ учеа на правилно и јасно артикулирање на нашите архитектонски ставови - додава Зовиќ.



Магистерската теза - обид за ревитализацијата на Феријалното одморалиште во Охрид

Во магистерската теза си зададе задача да придонесе за ревитализација на Феријалното одморалиште во Далјан, Охрид, проектирано уште во 1954 година од Борис Чипан. Вели дека тоа е нејзиното мало животно дело.

- Јас имам потекло од Охрид и објектот го избрав за истражување и разработка во мојата магистерска теза која гласеше: „Активен пристап кон раното модернистичко наследство - Ревитализација на одморалиштето на Феријалниот сојуз во Охрид“. По одбраната на магистерската, која беше многу успешна, работев на тоа и се јавија многу можности за актуализација на одморалиштето. Имено, повикот Call for Competitions од TerraViva бараше да се предложат локации и места со архитектонски квалитети, вредни за распишување истражувачки конкурс. Мојот предлог победи и во моментов во тек е конкурсот, односно заинтересирани кандидати на интернационално ниво имаат можност да работат слична задача како онаа што јас си ја зададов во магистерската. Моето истражување беше подлога за овој конкурс и ова е првпат Македонија да се најде во работата на TerraViva - вели Зовиќ.

Во меѓувреме, интерес за одморалиштето пројави и Факултетот за архитектура на Американ колеџ, каде што студентите работеа слична задача и ѝ дозволија на Ева да им го претстави магистерскиот труд. Таа се надева дека на ваков начин, преку интернационална соработка, ќе успее да го заголеми интересот и да го подобри односот кон овој вид архитектонско наследство.



Презимето не ѝ е од мариовско Зовиќ, туку има хрватски корени

Дел од нејзините врсници заминаа да студираат во странство. Но, Зовиќ беше одлучна образованието да го продолжи во Македонија. Иако презимето ѝ е идентично со селото Зовиќ од Мариово каде што се наоѓа Филмскиот мост од филмовите на Милчо Манчевски, Ева вели дека не влечи корени оттаму, туку презимето е хрватско.

- Одлучив да студирам во Македонија затоа што во ниеден момент не почувствував дека образованието стекнато во Македонија не е доволно добро. Веројатно имав среќа да имам и добри наставници. Верувам во системот во кој имаме израснато и верувам во сестраноста на нашето школство. Исто така, во струка како архитектурата, каде што (целта е да) создавате капитални дела на одредена територија, зарем не е важно да го познавате духот на тоа место – вели Зовиќ.

Имаме талентирани архитекти, но и големо безредие

Во моментов работи како архитект-проектант во „Иванов инженеринг“ – македонско проектантско биро и инженеринг-фирма. Засега не размислува за заминување во странство, но цели кон споделување и објавување на своите идеи и проекти и создавање дигитална интернационална публика.

- Сметам дека кога некој сака да направи големи промени, треба добро и непосредно да го познава системот кој сака да го промени. Ние имаме архитектонско наследство од различен карактер, имаме талентирани архитекти и имаме од кого да учиме, но имаме големо безредие (професионално, системско, градско, физичко – како сакате). Би сакала да видам смели архитектонски отстапувања во Скопје, би сакала да гледам помалку компромиси помеѓу архитектурата и урбанизмот, помеѓу архитектурата и инвеститорот. Во Охрид би сакала да видам многу работи – сите тие се веќе таму, но сокриени или во опасност од уништување. Треба да се внимава да не се сокрие и наруши амбиенталната целина на градот - додава Зовиќ.

Фото: приватна архива