Марија Николаевна Романова била родена во јуни 1899 година и била трето од петте деца во руското кралско семејство. Најстарите ќерки Олга и Татјана биле таканаречениот „Голем пар“, додека Марија и нејзината помала сестра Анастасија биле познати како „Мал пар“. Сите четири сестри биле познати како ОТМА, според првите букви од нивните имиња.
Од четирите големи војвотки што ги имале Николај и Александра, Марија Романова важела за најубава - таа имала светла коса и темносини очи. За разлика од нејзината помлада сестра, која била палава и непромислена, Марија (или Машка како што ја нарекувале во семејството) била весела и добродушна. На пример, кога Анастасија лутала и ги задевала или дури и ги клоцала луѓето, Марија одела зад неа да се извини.
Иако приказната за Марија Романова отсекогаш била во сенката на Анастасија, нејзиниот живот и нејзината смрт даваат фасцинантен, помалку познат поглед на руското кралско семејство.
Како млада војвотка, Марија Романова наводно обожавала да флертува и да зборува за своите соништа за брак и деца. Нејзината дадилка раскажувала како Марија, гледајќи низ прозорецот кон војниците, велела колку многу ги сака и како би сакала сите да ги бакнува.
Лордот Моунтбатен, кој бил братучед на семејството и ги запознал девојките како дете, подоцна рекол дека бил луд по Марија и одлучен да се ожени со неа.
- Беше преубава - рекол тој. Иако повеќе никогаш не ја сретнал, Моунтбатен чувал слика од Марија покрај креветот сѐ до смртта.
И покрај кралската крв и богатството, сестрите воделе обичен живот. Тие делеле иста соба и денот го почнувале со ладна бања. За царот Николај и неговата сопруга Александра се вели дека биле грижливи родители кои им посветувале многу внимание на своите деца. Сепак, семејството имало проблеми - нивниот син
Алексеј страдал од хемофилија. Тоа тешко ѝ паѓало на царицата, која честопати била хистерична и се затворала, сосе синот, од надворешниот свет.
Но, сè се променило во 1905 година кога мистериозен човек влегол во животот на Марија Романова и нејзиното семејство. Григориј Распутин бил сибирски мистик, кој имал голем успех во руското високо општество, а се претставувал како личност со посебна моќ. Благодарение на неговите врски со елитата, Распутин стигнал до самиот цар.
Вистината за наводната магична способност на Распутин да го излекува Алексеј сè уште е обвиена со мистерија, но дури и најголемите историски скептици се согласуваат дека од некоја причина, кога лудиот монах се молел за царчето, неговото крвавење престанувало.
Царот и царицата биле воодушевени. Александра паднала под „магијата“ на монахот и тој станал единствениот човек што можел да го излекува нејзиниот син. Распутин почнал да поминува многу време со семејството. Марија и нејзините сестри биле воодушевени од монахот, му верувале и од него барале совет за тинејџерските љубови.
- Мој мал бисер. Ми недостига твојата едноставна душа. Се гледаме наскоро. Голем бакнеж - ѝ напишал еднаш Распутин на Марија.
Оваа необична наклонетост надворешниот свет ја сфаќал сосема погрешно, особено затоа што не знаел за болеста на Алексеј. Набрзо почнале да кружат шпекулации дека Распутин ги завел царицата и нејзините четири ќерки.
На почетокот од Првата светска војна, Олга и Татјана почнале да работат како медицински сестри во воена болница заедно со нивната мајка, додека Марија и Анастасија ги посетувале ранетите војници за да ги расположат. Почетниот ентузијазам на Русија почнал да бледнее со зголемувањето на жртвите. Набрзо станало познато дека лошите одлуки на царот биле донесени по наредба на Распутин. Во 1916 г. Распутин бил убиен од семеен роднина на Романови, а моќта на Николај почнала да ослабнува. Истовремено, растело незадоволството кај сиромашните и обесправените, кои ѝ се лутеле на буржоазијата.
Во февруари 1917 година избувнала револуција принудувајќи го царот да абдицира, оставајќи го семејството Романови на милост и немилост на новата привремена влада.
Романови во егзил
Марија и нејзиното семејство биле протерани во Тобољск, Сибир. Кога болшевиците ја презеле власта во октомври 1917 година, семејството се преселило во Екатеринбург, каде што болшевичкото население го спречувало секој обид за бегство или спасување.
Романови биле држени во куќа со бели прозорци и им било дозволено да излегуваат надвор само еден час во денот. Дури и добрата природа на Марија била турната до крајни граници.
- Тешко е да се напише нешто пријатно, малку моменти се такви тука - напишала таа.
Но, Марија почнала да флертува со стражарите-тинејџери, а еден од нив се сеќавал на неа како на девојка што сакала да се забавува. Набрзо Марија им станала омилена на чуварите.
Еден од нив, Иван Скороходов, дури шверцувал торта за 19-тиот роденден на Марија, а кога подоцна ги нашле двајцата во компромитирачка позиција, чуварите биле заменети со помалку пријателски расположени луѓе.
На 17 јули 1918 година Јаков Јуровски, водачот на тајната служба што го чувала семејството, ги разбудил членовите рано наутро, им рекол да се облечат и да одат во подрумот. Романови мислеле дека нивните приврзаници ќе ги спасат. Но, болшевиците решиле да го погубат семејството. Јуровски ја прочитал оваа вест наглас, а Николај едвај имал време да каже: „Што?“ пред да биде погоден во градите. Подрумот татнел од пукотници и крици, но кога чадот се расчистил, исплашените војвотки сè уште биле живи. Тие ги зашиле кралските накити во нивните корсети, со што ги претвориле во заштитни оклопи.
Еден од егзекуторите во неколку наврати се обидел да ја прободе Марија во градите, но бајонетот не го пробил елекот, па ја застрелал девојката во главата. Додека телата биле носени надвор, една од девојките, Марија или Анастасија, викнала и го покрила лицето со рацете. Повторно била прободена со нож.
Последното почивалиште на последното руско царско семејство останало тајна со децении. Со години кружеле шпекулации дека преживеала барем една од големите војвотки. Дури и неколку жени тврделе дека се Марија Романова. Но, остатоците на Романови биле откриени во 1991 година. Сепак, исчезнатите тела на Алексеј и една од „Малиот пар“ им вдахнаа нов живот на старите шпекулации. Дури во 2008 година ДНК-анализата дефинитивно докажа дека двете тела пронајдени во блиската плитка гробница им припаѓаат на Алексеј и на неговата сестра, со што Марија Романова била оставена засекогаш да почива во мир.
Фотографии: Wikimedia Commons