Балканските победници од Париз, Берлин и Вашингтон во Кинотеката на Македонија
„Балканофилмофилија“ - фестивал на филмови кои ќе бидат прикажани пред публиката на повеќе балкански центри, годинава почнува од Скопје на 1, 2 и 3 октомври во Кинотеката на Македонија, а во рамките на Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа, SEE a Paris (www.seeaparis.com). Овој фестивал во Париз се одржува од 2011 г. под покровителство на Министерството за култура на Франција, во Берлин од 2015 г. на Универзитетот „Хумболт“, од 2020 г. и во САД, во соработка со Универзитет од Вашингтон, а оваа година преку победниците во трите светски центри под наслов „Балканофилмофилија“.
За фестивалот пишувале водечки европски весници (Монд, Гардијан, Франкфуртер алгемајне цајтунг, Стандард и други), а најтиражниот француски неделник „Телерама“ во својот опсежен приказ со наслов „Фестивал што со филм го пацифизира Балканот“ ја даде вистинската димензија на мисијата на оваа манифестација, која повеќе од една деценија е отворен прозорец за афирмација на новите филмски имиња во долгометражниот, краткиот, документарниот и анимираниот филм.
Во историјата на фестивалот досега се прикажани над двесте играни и над четиристотини документарни, кратки и анимирани филмови.
Покрај редовната селекција во која учествуваат врвни имиња од филмската уметност на земјите на Југоисточна Европа, фестивалот ги вреднува со награди за животно дело филмските легенди во областа на режијата, како што се Вељко Булјаиќ, Душан Макавеев, Лучијан Пинтилие, Боро Драшковиќ, Кујтим Часку и легендарните актери и актерки Мики Манојловиќ, Цветана Манева, Мето Јовановски, Арта Доброши, Раде Шербеџија, Милена Зупанчич... чии портрети се прикажуваат пред публиката во трите светски центри.
По презентацијата во Скопје, „Балканофилмофилија“ ќе продолжи во Подгорица, Тирана, Белград, Софија, Букурешт... под геслото „Балканот е срцето на Европа“.