„Гугл ерт“ ќе содржи нова функција за патување низ времето

„Гугл ерт“ ќе содржи нова функција за патување низ времето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Тајмлепс“ алатката на „Гугл ерт“ е еден од начините на кои можеме да се вратиме во минатото и да го видиме стариот изглед на местото. Сепак, ова е ограничено на неколку децении и локации. 

Сега „Гугл“ додава нови историски слики на Земјата дозволувајќи им на корисниците да истражуваат локации во подолг временски период отколку што тоа беше првично понудено. Со оглед на способностите за вештачка интелигенција, има и нови корисни надградби на „Гугл мапс“.

Новите историски слики ќе прикажуваат визуализирани промени на некое место, вклучително и приказ на структури и пејзажи кои се развиваат во одреден временски период. Но, најважната разлика е што ќе се понуди колекција со многу постари сателитски снимки кои датираат од пред 80 години.

Многу големи градови и локации се поддржани со историски слики. На пример, погледот на Сан Франциско ќе ве врати во 1938 година, каде што црно-белата воздушна снимка покажува како пристаништето и соседните градски блокови се менувале во текот на децениите. Ќе има и слики за градови како Лондон, Берлин и Варшава.

Компанијата истакнала дека историските слики се корисни за разбирање на трансформацијата на локацијата во однос на човековите активности и ефектите од климатските промени со текот на времето. Истовремено, планира да ги поддржи креирањето и соработката на сопствени мапи преку нов интерфејс во „Гугл ерт“.

„Гугл“ ги користи предностите на новите модели на вештачка интелигенција за да го подобри квалитетот на сателитските снимки во апликациите „Гугл мапс“ и „Гугл ерт“. Ова ќе се постигне со користење модели за подобрување на деталите и боите на фотографијата и отстранување на облаците и маглата за подобра јасност.

„Уличен приказ“ или „Стрит вју“, популарна функција во „Гугл мапс“ и „Ерт“, исто така добива големо ажурирање. „Гугл“ планира да го прошири уличниот приказ во речиси 80 нови земји. Дополнително, наскоро ќе пушти ажурирани слики на „Стрит вју“ во постојните земји.

И историските слики во апликацијата „Ерт“ и сликите подобрени со вештачка интелигенција ќе бидат испорачани за мобилни и веб-верзии оваа недела. Во меѓувреме, не е дадена дефинитивна временска рамка за проширувањето на „Стрит вју“, но функцијата треба да биде достапна наскоро.

Извор: pcchip.hr

Фото: Freepik