Чии животи треба да се жртвуваат во сообраќајка со автономно возило?

Чии животи треба да се жртвуваат во сообраќајка со автономно возило?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако е присилено, кого би избрало автономното возило да умре во неизбежна несреќа?

Дали треба да бидат жртвувани патниците во возилото за да се спасат пешаците? Или дали треба да биде убиен пешак за да се спаси четиричлено семејство во возилото?

За да се доближат до одговорот (доколку воопшто е возможно), истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс анализирале повеќе од 40 милиони одговори на експериментот што го започнале во 2014 година.

Нивната „Морална машина“ открила дека ставовите се разликуваат низ светот.


Фото: Pixabay

Како функционирал експериментот?

Одлуката за тоа кој треба да умре во сообраќајна дозвола со автономно возило е модерна верзија на една стара етичка дилема позната како „проблемот со количката“. Имено, рударска количка вози по шини кон 5 луѓе бидејќи е надвор од контрола, а единствен начин да ги спасиш луѓето е да ја пренасочиш на други шини, на кои има само еден човек.

„Моралната машина“ презентирала неколку варијации од дилемата, во која овој пат било вклучено автономно возило. На луѓето им биле презентирани неколку сценарија. Дали автономното возило треба да ги жртвува своите патници или ќе скршне и ќе удри:

-успешен бизнисмен?
-познат криминалец?
-група постари луѓе?
-стадо крави?
-пешаци што го преминувале патот кога им било речено да почекаат?

По четири години од започнувањето на експериментот истражувачите ја објавиле анализата на податоците.

Што пронашле научниците?

Резултатите од 40 милиони одлуки укажуваат дека луѓето претпочитаат да ги спасат луѓето отколку животните, да поштедат што е можно повеќе животи и да ги спасат младите луѓе.

Имало и мал тренд на спасување на жените пред мажите, спасување на оние со повисок статус пред сиромашните и спасување пешаци пред патници.

Околу 490.000 исто така направиле демографско истражување, вклучувајќи ги и нивната возраст, пол и верски ставови. Истражувачите велат дека овие квалитети немале значително влијание врз одлуките што ги донеле луѓето.

Истражувачите пронашле некои културни разлики во одлуките на луѓето. Така, на пример, луѓето во Франција го зеле предвид бројот на луѓето што би биле убиени, додека оние од Јапонија ставиле најмалку акцент на тоа.

- Никогаш во историјата на човештвото не сме дозволиле машина автономно да одлучи кој треба да живее, а кој да умре, во дел од секундата, без надзор во реално време. Ќе го преминеме овој мост за брзо - изјави тимот.

- Пред да дозволиме нашите автомобили да донесат етички одлуки, ќе мора да имаме глобален разговор за да ги кажеме нашите преференции на компаниите што ќе дизајнираат морални алгоритми и на креаторите на политика што ќе ги регулираат - додаваат од тимот.

Германија веќе воведе закон со кој секој автономен автомобил мора да избегнува повреди или смрт по секоја цена. Законот вели дека алгоритмите никогаш не смеат да одлучат што да прават врз основа на возраста, полот или здравјето на патниците или пешаците.