Градот што е на пат да стане првиот национален парк. Сите бетонски површини ќе бидат претворени во зеленило
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Што прави вашиот град за да ја направи околината во која живеете почиста и поздрава? Ова е прашањето што го постави Светскиот економски форум во краткото видео за Лондон, кој сака да стане првиот град-национален парк. Како работат градските власти во Лондон, кој има речиси 9 милиони жители?
Лондон планира да стане првиот град-национален парк на светот, давајќи ѝ на природата централно место во урбаниот живот. Во еден од проектите се бара сите бетонски површини да станат зелени, така што на патеките од домовите и зградите да се засадат растенија.
Од жителите на Лондон се бара и да направат мали дупки во оградите од жица за да им се овозможи слободно движење на ежовите.
Фото: Reuters
Постојат и други, поголеми проекти во Лондон. Градоначалникот планира да ја зголеми покриеноста на крошните на дрвјата во градот за 10 отсто, а повеќе од половина град да го претвори во зелена површина до 2050 година. За да го постигне тоа, Лондон мора да надмине голем број препреки.
До 2040 година бројот на жители ќе порасне за два милиона, а изградбата на нови згради би можела да претставува закана за природата. Некои проекти веќе се вклопуваат во борбата за заштита на природата.
Со сегашната зелена покривка од 47 отсто, Лондон е веќе еден од најпознатите зелени градови во светот. Една третина од градот е отворен зелен простор, додека дополнителни 14 отсто од зеленилото се приватни градини. За споредба, само 10 отсто од Париз и 27 отсто од Њујорк се зелени.
И зелените покриви се дел од планот. Растенијата што растат над нашите глави може да ги задржат температурите на воздухот и да ја намалат енергијата што се троши за ладење. Освен тоа, зелените покриви ја апсорбираат дождовницата и привлекуваат птици и пчели.
Денес, половина од жителите во светот живеат во
урбани области. До 2050 година 7 од 10 лица ќе живеат во урбани области, предвидуваат Обединетите нации. Повеќе урбано зеленило е начин да го задржиме и нашето здравје и здравјето на дивиот свет.