Наталија Теодосиева, актерка во „Врба“: Имам поголема трема пред премиерата во Скопје отколку во Рим

Наталија Теодосиева, актерка во „Врба“: Имам поголема трема пред премиерата во Скопје отколку во Рим

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Актерката Наталија Теодосиева, која игра во новиот филм на Милчо Манчевски, сѐ уште не е вработена во некој македонски театар, иако има десетици улоги на наша и на меѓународна сцена



Наталија Теодосиева (фото: Борче Поповски)

Имавме една врба веднаш покрај нашиот двор во Кочани. Живеев близу Градскиот парк, пред куќата течеше река, а покрај реката имаше врба. Пораснав со таа врба. Беше многу навалена накај реката и не ѝ ги кастреа гранките. Една вечер имаше големо невреме и не знам како ми текна на врбата, таа беше целата искршена. А од што беше силна, го имаше откорнато целиот бетон. Многу ми беше жал за неа и напишав песна - се потсетува актерката Наталија Теодосиева на момент од детството.
Дека случајности не постојат докажува и фактот дека 20-ина години подоцна таа игра една од главните улоги во филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски, чија светска премиера беше на Филмскиот фестивал во Рим пред десетина дена, а в петок првпат ќе го види и македонската публика.

Теодосиева е дипломирана актерка (Факултет за драмски уметности во Скопје, во класата на Владимир Милчин) веќе шест години. Својата кариера ја гради чекор по чекор, кроце, внимателно, на алтернативната сцена, но и на националните театри („Макбет“ – МНТ, „Крал Иби“ – Драмски).
„Врба“ не ѝ е прва улога, можеби прва од таков калибар, но таа имаше важна улога и во филмот „Втора шанса“ во режија на Марија Џиџева, а се појави и во „Исцелител“. Нејзината ѕвезда е посебна, а танцот ѝ е прва љубов.



Беше ли Рим остварување на актерскиот сон?

- Првпат учествувам на таков голем светски фестивал. Римскиот филмски фестивал е млад и постои 14 години, ревијален е, ама е многу голем според имињата што се појавуваат, големи режисери, актери видовме таму. Беше огромно искуство за нас. Најпрво, самата организација беше на високо ниво и имавме третман на ѕвезди. Сите ни ги знаеја имињата, луѓе бараа автограми од нас, нѐ довикуваа, сакаа да се сликаат со нас, целото тоа ни изгледаше како да не е реално. Највозбудливо беше на прес-конференцијата, која беше организирана веднаш по проекцијата за новинарите. Имаше многу новинари од цел свет, кои нѐ одушевија со тоа како добро гледаaт филм и какви прашања ни поставуваа. Тие ловеа моменти од филмот што ние можеби не би ги помислиле. Голема е честа да одговарате прашања пред такви професионалци.

Потоа дојде премиерата, која беше навистина помпезна. Се чувствувавме како да го заслуживме тоа затоа што навистина многу напорно работевме на филмот. Добивме аплауз уште пред да почне филмот, салата беше преполна, силниот аплауз беше момент кој нè поттикна да веруваме во себе и во работата што ја сакаме. Многу е важно кога странци што не ве познаваат ќе изреагираат така, ви оддаваат почит.



Како е да се работи со Милчо Манчевски? Што најмногу Ви се допадна во неговиот пристап?

- Ова не ми е прва соработка со Манчевски, претходно снимив реклама за „Скопско“ заедно со него. За „Врба“ имаше аудиција и се пријавив на кастинг. Средината на ноември почнавме со снимање. Иако е голем режисер, Милчо е многу отворен за соработка. Тој ги прифаќаше моите идеи, иако имам скромно искуство на филм. Но, Милчо верува во актерите. Штом ме избрал да бидам Родна, тој верува во мојот инстинкт. И секогаш ми велеше: „Не се занимавај со зборови, занимавај се со емоции“. Тој е прецизен и точно знае што сака. Доаѓа премногу подготвен на снимање и од актерите го бара истото. Кога ќе го прашав нешто што сум заклучила за ликот, тој ќе ми речеше: „Не знам, Наталија, ти што мислиш?“ Дури и на публиката ќе ѝ остави такво чувство. Мене тоа многу ми се допаѓа во неговиот пристап.


Наталија во сцена од филмот „Врба“

Која е Родна, ликот што го играте?

- Родна е жена на 30-ина години, а во филмот се следи нејзиниот живот во неколку години. Има многу љубов во себе и сака да ја даде. Потекнува од типично македонско семејство, не толку хармонично и сложно и посакува да формира свое семејство. Има чуден темперамент. Таа е многу упорна во сѐ што сака да направи... Таа е тврдоглава, но многу страсна. Публиката ќе ја засака Родна, исто како што ја засакав јас.

Каква беше соработката меѓу Вас, Камка Тоциновски и Сара Климоска?

- Со Сара, за жал, немавме соработка зашто таа го работеше делот од средновековието. Со Камка имав најмногу снимања, како и со Ненад Нацев. Не можев да добијам подобри партнери, и двајцата специфични и поискусни. За мене беа совршени, беа колегијални и солидарни. Понекогаш знаев да залутам, но тие ми помагаа.


Заедно со Камка Тоциновски

Снимањата секогаш се богати со анегдоти. На што се смеете по една година од снимањето?

- Целото снимање беше како во „Брзи и бесни“. Во филмот сите бевме многу изложени на вода, дожд, се снимаше во ноември, декември. Бевме премрзнати, буквално мрсули ни течеа. Имаше сцена кај што се преправам во револуционер. Облечена сум како Питу Гули. Цело време ми лепеа брада и мустаќи. Снимавме во фонтана цел ден. Имав облечено волнени панталони. Сѐ на мене беше водено. Од студ почнаа да ми течат мрсули и да се смрзнуваат. Не знаев дали да кажам стоп, па со Камка само се бришевме - таа мене, јас неа. И што е многу интересно, никој од нас не се разболе по таквите денови. Веројатно адреналинот нѐ држел.

Ви помогна ли претходното искуство на филм во создавањето на улогата во „Врба“?

- Секоја снимена и најмала улога е лекција зашто глума на филм не се учи на факултет, ами на снимање. Насобрав искуство за да ми се случи филм на Милчо. Јас размислувам рационално и сакам да ми се случуваат работите во вистинско време. Во „Втора шанса“ имав доста денови за снимање. И таму имавме приказна за три жени.


Наталија Теодосиева во сцена од „Втора шанса“ на Марија Џиџева

Возбудени ли сте пред македонската премиера?

- Најстрашно е дома. Во Скопје тежината е друга. Според мене, овде е најкритичната публика зашто е наша публика. Таа ни ги знае почетоците, сите филмови на Милчо. Имам многу поголема трема отколку во Рим.

Сѐ уште не сте вработени во некој театар. Ве револтира ли тој факт? Треба ли патот на уметникот да биде лесен?

- Досега бев на четири аудиции и секаде бев одбиена. Од ова искуство ќе кажам дека можеби ми направиле услуга. Не е дека не сакам да се вработам. Јас сакам да имам матична куќа каде што ќе се развивам како театарска актерка. Меѓутоа, борбата, желбата и упорноста мислам дека најмногу ми се родија токму од тие причини. Бев борбена, упорна и претходно и сите падови ги доживував како зададени удари. Јас имам претстави и во МНТ и во Драмски. Кога одам дома по некаков неуспех, прва работа што ја размислувам е што е тоа што треба да го направам за да бидам подобра. Јас така функционирам. Можеби немам здравствено, пензиско или плата, но мојата кариера е многу шаренолика. Почнав да работам и во Германија и во Австрија. Како што почнав да снимам филмови, можеби е и подобро што не бев вработена.


Наталија заедно со Стефан Вујисиќ во сцена од „Орестија 1/4“

Двете искуства со странски продукции ми беа одлично искуство. Со режисер од Германија направивме две претстави кои се играа во многу градови во Германија и беше одлично искуство.