Синоличка Трпкова: Збогување сo професорoт Дане

Синоличка Трпкова: Збогување сo професорoт Дане

Мојата долгогодишна ангажираност на Факултетот за драмски уметности му ја должам на професорот Данчо Чеврески. Се избори лавовски да влезам на факултетот. Потем станав и негов асистент и ми даде потполна слобода во развојот на програмата по предметот Актерска игра пред камера. Тој сиот свој живот како декан и професор ја отвораше вратата ширум за сè што е талентирано и квалитетно. Ми ја отвори и мене, давајќи ми можност да бидам дел од колектив на најдобрите професори - уметници на овие простори, но и пошироко.

На ФДУ, прослава на Нова година за вработените и децата (Чеврески и Трпкова со нејзиниот син)

Данчо се пензионира пред неполни две години, но никогаш не престана да доаѓа на факултет. Најмногу сакаше да игра во студентски филмови. Тоа беа најдобрите и најзабавните часови по глума од него. Од него научив дека професорот треба да игра во филмовите на студентите кога ќе го повикаат. Имаше ретко, изострено око за таленти. Ги препознаваше идните ѕвезди веднаш штом ќе влезеа на приемен испит.

Факултетот сјаеше и беше синоним за успех во времето на неговото деканување. Вработените најдобро ќе знаат да ви кажат и за „Скомрахи“, за гостувањата надвор, за одржувањето на факултетските простории, грижата за наставата, како и за максималната можност да се користат ресурсите за правење филмови и претстави. Впрочем, најголем дел од оние што денес се вработени на тој факултет се луѓе за кои тој бескомпромисно се залагал да бидат дел од колективот.

Во студио на ФДУ - снимање на испитен филм

Последен пат соработувавме пред две години, на завршен испит по нашиот заеднички предмет – Актерска игра пред камера. Глумеше татко во вежбите на студентите. Особено ми е драго, но и важно зашто од него ја добив целосната поддршка и заложба за вработувањето на нов асистент по предметот. Ветувам дека ќе соработуваме исто онака како што јас со него соработував и дека ќе продолжиме со истата верба, ентузијазам и креативност во наставата!

Играв со него во многу ТВ и играни филмови и така од прва рака, од него ги учев актерските вештини пред камерата. Минавме заедно и неверојатно тешки, но и прекрасни моменти, професионално и приватно, и нашето пријателство остана силно да пркоси со децении, низ сите времиња, политики, луѓе и гарнитури. Секогаш кога ќе го побарав за совет, помош и проблем, беше на располагање, зашто на крајот на денот и тој и јас имавме важни заеднички интереси – Факултетот и студентите. И најважно од сè, почиттa и љубовта кон професијата – актер.

Чеврески и Трпкова во сцена од „Заминување од Пасквелија“

Ти благодарам Дане за сè што направи за факултетот, за слободата што ми ја даде да истражувам и да вградувам дел од сопственото знаење и искуство во образовниот процес. Ти благодарам за безрезервната поддршка во мојата актерска и професорска кариера и за вербата што секогаш ја имаше во мене. Твојата духовитост, остроумност, непосредност и професионалност ќе останат засекогаш присутни на моите часови, како аманет за идните генерации.

Почивај во мир!
Твојата верна колешка и другарка,
Синоличка

Фото: Приватна архива