Како ќе изгледа светот во 2048 година: Париз и Берлин се напуштени, Европа е поделена
Замислете дека е 2048 година и дека сте одлучиле да го поминете викендот во една од најголемите европски метрополи, без разлика дали тоа е Париз, Лондон, Берлин или Виена. Каде и да одите, тишина, молк, пустош, очајни групи граѓани лутаат во сенката на некогаш познатите згради. Напуштени се и одморалиштата што се популарни денес бидејќи повисокото ниво на морето го направило своето.
Руралните области откриваат донекаде поинаква слика и во нив се наоѓаат светкави технолошки софистицирани куќи дизајнирани за да ги заштитат луѓето од уништување предизвикано од климатските промени и трајните пандемии. Оваа слика за иднината за триесет години е опишана во едно од четири
сценарија кои ги предвидуваат истражувачите на 13 познати европски универзитети во рамките на проектот на Европската комисија ИМАЈИНЕ.
Сценаријата за 2048 година објавени деновиве привлекоа големо внимание, а според британско-ирското истражувачко дуо Метју Финч и Мери Махон, тие се осмислени со цел да го тестираат нашето чувство за она што е важно кога светот се менува. Тие покажуваат нов начин на размислување кога станува збор за политичките идеи.
Оваа замислена иднина можеби никогаш нема да се случи, но може и да нè спречи да тапкаме в место и да нè подготви за сите шокови што нè очекуваат. Двајцата истражувачи се уверени дека пандемијата на коронавирусот и нашиот одговор на неа веќе го сменија општеството, а разговорот за нееднаквостите станал уште поитен.
Сценарио 1: 3Д-печатач и „Тврдина Европа“
Во првото сценарио напредната технологија со 3Д-печатење доведува до голем просперитет низ цела Европа. Автоматизирани се производството и дистрибуцијата на стоки на локално ниво, а економијата се развила во циркуларна економија. Поради големиот просперитет, Европската Унија се проширила и сега во неа се Турција, Украина и Белорусија, што понекогаш предизвикува нови тензии на надворешните граници.
По ерата на Путин, Русија значително ослабела. Во тоа сценарио ќе биде одбран првиот муслиман на чело на Европската комисија во 2035 година, и тоа Швеѓанец со сомалиско потекло. Иако ЕУ поради миграциите станала културно сè поразновидна, сепак, станува поизолирана и протекционистичка. Климатските бегалци редовно се застануваат на границите бидејќи високото ниво на автоматизација значи дека земјите помалку зависат од нискоквалификуваните работници.
Повиците за поголема политичка слобода се сè погласни. Луѓето во оваа Европа чувствуваат лојалност кон семејството, настојувајќи дека нивните деца треба да тргнат на патот кон престижот и просперитетот во поширокото европско општество.
Сценарио 2: Рурален живот со климатски промени
Второто сценарио подразбира уништување на големите градови во кои главно се задржуваат сиромашните граѓани и имигрантите. До 2048 г. урбаните области се гетоизирани места кои се густо населени со луѓе со услови за живот кој најмногу потсетува на денешното секојдневие на мигрантите во Сингапур и социјалните населби во Мелбурн. Понатамошните пандемии и климатските промени раселиле многу луѓе од градовите и крајбрежните области, а руралниот живот станува сè попопуларен.
Фото: Pixabay
Борбата против климатските промени е глобален приоритет и технологијата за чисто производство на енергија од следната генерација напредува. Овде нееднаквоста се темели на прашањето кој има начин да се заштити од климатските промени. ЕУ мора да плати многу за „поправање“ на климата на земјите на глобалниот југ поради историските нееднаквости во емисиите на јаглероден диоксид.
Во 2048 повеќе нема капитализам, туку фокусот е на малите заедници, на уметноста и културата, што сè повеќе се диктираат од Азија. Ова не значи дека животот во 2048 година е мрачен. Светот се подготвува за Летните олимписки игри што ќе се одржат во Куала Лумпур, Малезија, а на нив освен спортисти ќе учествуваат и писатели, филозофи и херои во борбата против климатската криза. Европејците, Американците и Австралијците се надеваат на медали, но земјата која се очекува да доминира е Кина, која е светски лидер во борбата за преживување на климатските промени.
Сценарио 3: Дигитална нееднаквост и онлајн-државјанство
Во третото сценарио, големата нееднаквост е помеѓу оние што имаат пристап до напредна технологија и оние што се исклучени од неа. Државјанството станало дигитален концепт, односно луѓето може да живеат во Австралија, а да бидат европски граѓани иако никогаш не стапнале во Европа. Можно е привремено позајмување на вашите права на другите, на пример, за здравствено осигурување или слично.
Повеќето економски активности се одвиваат преку интернет, телекомуникациите се норма, а не исклучок. Поверојатно е дека ќе работите со луѓе од Кина, Мексико или САД отколку со луѓе од вашата земја. Нееднаквоста се дефинира според тоа кој смее да работи и да се собира во виртуелниот простор, а кој не.
Оние што имаат и немаат во иднината не се дефинираат според местото што денес се нарекува дом, туку виртуелен простор на кој смеат да работат, играат и да се собираат. Напредната технологија им овозможува истражување, уживање и заработка на привилегираните, додека оние што се помалку среќни се исклучени од овој свет.
Сценарио 4: Лажни вести и поделена Европа
Во последното сценарио Европа е поделена на неколку табори, а лажните вести ја нарушиле довербата во науката и политиката. Во некои земји луѓето гласаат за политичари кои создаваат теории на заговор. Тешко е да се најде договор за изворите што се сигурни. Иако некои региони ги почитуваат „традиционалните“ и верските вредности, на други места постојат бракови со 5 лица.
Некои ги штитат реките и планините, додека во некои региони дигиталните системи како „Сири“ имаат свои лични права, па на злоупотребата на овие системи се гледа како на малтретирање домашен миленик. Општата солидарност помеѓу регионите нагло паднала. Посетителите од САД, Кина или Индија би ја оцениле ЕУ од 2048 како многу заостаната.
Некои заедници имаат напредна идеја за правата на животните со кои се почитуваат чувствата на нечовечките суштества и се третираат како еднакви, додека други се конзервативни. Таа поделеност предизвикува сè почести и погорчливи културни војни, со спорови за прашања како што се полот и културниот идентитет.
Извор:
6yka.com