Лекарка од Панчево преку „Твитер“ му го спасила животот на човек заразен со коронавирус
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во период кога има сè поголем број на заразени со корона и кога болниците се преполни, а луѓето веќе немаат ни време ни сила да чекаат, секоја помош е добредојдена. Така, една лекарка од Панчево, Србија, со своите совети му помогнала на еден син да го спаси татко си и да му приклучи кислород во неговиот дом.
Славица Плавшиќ, специјалист за белодробни заболувања во пензија, не останала глува на апелот за помош на еден син кој ѝ пишал на „Твитер“. Како што објави таа, станува збор за уште една мачна и тешка приказна, но со среќен крај.
Агонијата во оваа фамилија почнува од моментот кога 80-годишниот татко добил висока температура, а сатурацијата му паднала на 86. Во болниците немало место, а тој бил пациент со воспаление на белите дробови. Контролата била дури за три дена, што за него било премногу. Итната помош доаѓа дури кога сатурацијата се спушта на 80.
Неговиот син побарал совет од лекарката и добил упатства да оди да купи кислород и сам да го приклучи татко си дома. Изнајмувањето на апаратот за кислород на месечно ниво чини 100 евра, а како што наведува Плавшиќ, не е тежок за приклучување. Потребно е таткото да мирува бидејќи секое придвижување му ја намалува сатурацијата.
И така, со помош на „твитер-ординацијата“ и инструкциите преку пораки, овој син успеал да го спаси татко си.
Лекарката Плавшиќ навистина ја враќа надежта дека не е сè изгубено кога не можеме да дојдеме на ред во амбуланта, а покажува и колкава е борбата на сите експерти.
Извор:
Noizz
Насловна фотографија: Pixabay