Мала држава со мали компании на пазарот. Кои најмногу настрадаа во кризава?
Секторот на микро, мали и средни претпријатија како целина е доминантен во македонската економија и опфаќа 99,8 отсто од сите претпријатија, а исто така тоа се најголемите работодавци со 76,6 проценти од сите вработувања
Микропретпријатијата, или компании со не повеќе од девет вработени лица, доминираат на македонскиот пазар. Минатата година биле регистрирани 61.265 компании што опфаќаат до девет вработени лица и тие бележат раст во споредба со претходната година. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2019 година најголем дел микро и мали претпријатија биле регистрирани во областите трговија на мало и големо, преработувачка индустрија, други услужни дејности и стручни, научни и технички дејности.
Штетата од пандемијата зависи од дејноста
Случувањата во Македонија и во светот поради здравствено-економската криза која се наметна со ширењето на Ковид-19 се одразија врз голем дел од компаниите, а штетите кај нив зависат, пред сè, од дејноста, а не само од големината, велат упатените.
- Стопанската комора на Македонија, како најголем претставник на деловната заедница во државава, во својата структура вклучува компании-членки со различна големина. Во рамките на организациската поставеност на Комората компаниите-членки се групирани согласно дејноста на која ѝ припаѓаат. Во оваа насока, состојбата се следи по сектори, независно од големината на претпријатијата. Така, имајќи ги предвид статистичките податоци, како и укажувањата на компаниите-членки, поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во земјата, како и поради влошеното меѓународно опкружување и значителниот пад на надворешната побарувачка, погодени се индустриското производство, трговијата, транспортот и угостителството, додека градежниот сектор и земјоделството бележат минимален реален раст. Во рамките на различните дејности, секако дека има „добитници“ и „губитници“, а погодени се не само мали, туку и големи компании кои зависат од надворешната побарувачка која во овој период беше ограничена - велат од СКМ.
Сè зависи од изворот на финансирање
Од Комората додаваат дека секторот на микро, мали и средни претпријатија како целина е доминантен во македонската економија и опфаќа 99,8 отсто од сите претпријатија, а исто така тие се најголемите работодавци со 76,6 проценти од сите вработувања.
- Во наши услови, врз развојот на овие претпријатија влијаат опкружувањето и фактори кои го ограничуваат растот на бизнисите што произлегуваат од културата на претприемништво. Големината на пазарот, ограничениот фокус само во некои подрачја на производство, пристапот до правдата и решавањето на трговските спорови се некои од ограничувачките фактори. Секако, менаџментот со овие компании, малата способност за иновативност и интернационализација и пристапот до финансии претставуваат ограничувачки фактори за нивен раст. Малите и средните претпријатија се поризични за финансирање во споредба со големите бизниси, што за нив предизвикува ограничен пристап до изворите за финансирање - дополнуваат од СКМ.
Податоците на ДЗС покажуваат дека од вкупниот број активни деловни субјекти, најголем број се компании што вработуваат од едно до девет лица, или 80,7 проценти, потоа следуваат деловните субјекти без вработени со 10 проценти, па субјектите што вработуваат од 10 до 19 лица, кои опфаќаат 4,2 проценти од вкупниот број компании. Фирмите што вработуваат од 20 до 49 лица учествуваат со 2,9 отсто, додека пак субјектите со 50 до 249 вработени учествуваат со 1,8 процент. Компании со над 250 вработени опфаќаат само 0,3 отсто.
Потребен е капитал за да се окрупнат
Ваквата структура на македонското стопанство е карактеристична подолг период, а како една од причините за најголема застапеност на малите фирми се сметаат финансиите. Со текот на годините микро и малите претпријатија ретко прераснуваат во големи бидејќи им е потребен капитал за да се окрупнат.
- Сметам дека ударот на кризата има секторски тек, а не според поделбата на мали и големи фирми. Фирмите што се најдоа во најпогодените сектори, како трговија и транспорт, се соочија со големи негативни ефекти. Може да аргументираме дека во рамките на секторите полошо поминале оние што се помали, меѓутоа, треба дополнително да се истражи дали е тоа поврзано со нивната големина или со фактот дека малите фирми се соочуваат со други проблеми, како пониска продуктивност, поограничен пристап до финансирање, помала вклученост во глобалниот пазар и слично. Да не заборавиме дека имаме и мали фирми во одредени сектори, како што е ИТ-секторот, кои не беа силно погодени од кризата токму затоа што ја имаат подигнато својата продуктивност на повисоко ниво, повклучени се во глобалниот пазар и слично - вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Проблем и следење на легислативата
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, посочува дека меѓу причините поради кои малите претпријатија тешко прераснуваат во големи не се само пазарот, недостигот на финансии и годинава корона-кризата, туку и тоа што тие многу тешко ја следат легислативата и не успеваат навреме да ги согледаат опасностите.
- Законите, особено Законот за работни односи има многу одредби и малите претпријатија не можат да ги следат навремено. Многу често се слаби даночни плаќачи, па се случува да заглават со обврските. Соочени со желбата да бидат конкурентни и да понудат пониска цена, во неа не ги вкалкулирале сите давачки, даноци, разни трошоци... Со оглед на фактот дека во малите претпријатија има мал број на вработени, тешко им е да ги следат сите промени или да ги знаат сите законски одредби. Кој попрво да се осврне на трудова или на даночна политика. Дополнителен проблем е солвентноста, или навременото намирување на обврските. Немаат систем на навремено плаќање, ниту следење на наплатата, ниту пак знаат каде да се обратат, со кого влегуваат во деловен однос, а сето тоа придонесува за ризичност. За жал, на факултетите се учат многу детали, но не и за карактерот на опасностите што се многу значајни, а зависат и од културата на луѓето, образованието, одговорноста или, пак, од нивното домашно образование - вели Бошков и дополнува дека во малите претпријатија или во капките е обемноста и ним треба да им се посвети поголемо внимание и да им се даде шанса за опстанок и развој.
Фото: Фрипик