Замислете да гледате пациент како се задушува - медицинска сестра од Америка испрати моќна порака
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Приказната на една медицинска сестра за големата лична жртва во лекувањето пациенти заразени со коронавирус стана вирална, а го привлече и вниманието на градоначалникот на градот каде што живее.
Градоначалникот на градот Аурора во Илиноис, Ричард Ирвин, на состанокот на градското собрание ја прочитал пораката што сестрата Керол Вилијамс, која работи во одделение за интензивна нега, ја напишала на „Фејсбук“.
- Погледнете во нејзините очи, погледнете го нејзиното лице. Болката, фрустрацијата. Сакам да ви ги прочитам нејзините зборови на сите што ме слушате за да не морам веќе да повторувам - рекол градоначалникот.
Вилијамс на „Фејсбук“ сподели селфи откако пет часа се обидувала да спаси пациент заразен со коронавирусот.
- Во овој момент се почувствував поразено затоа што веќе знаев каков ќе биде исходот иако сè уште се немаше случено. Неможноста да се спаси пациент и покрај тоа што правите сè што можете е ментално исцрпувачка. Сега замислете да го правите тоа повеќе од осум месеци. Замислете да гледате како пациент се задушува преку вратата додека брзате да ја облечете заштитната опрема затоа што тие не сакајќи ја тргнале маската која им е очајно неопходна за да дишат, но вие сепак треба прво да се заштитите себеси. Замислете да бидете сестрата и лекарот кои му кажуваат на пациентот дека треба да се стави на респиратор затоа што сите мерки се исцрпени. Замислете да сте сестрата и лекарот кои ја држат раката на истиот пациент и ја галат неговата глава неколку недели подоцна додека респираторот е тргнат затоа што немало подобрување и нивните фамилии тогаш му кажуваат „збогум“ и „те сакам“ преку интернет додека пациентот го зема последниот здив - пишува Вилијамс.
Таа им порача на оние што ја читаат да се стават во позиција на пациент со Ковид-19.
- Немањето здив, болката, стравот, осаменоста, изолацијата, анксиозноста, безнадежноста и тагата. Потребата да ја искористите целата ваша енергија само за да дишете. Сфаќањето дека можеби нема да ви биде подобро и соочувањето со сопствената смрт. Престанете да се залажувате дека ова нема да ве погоди вас или некој што го сакате или го познавате. Престанете да мислите дека само болни луѓе со претходни медицински состојби или постари луѓе се тие што умираат, не се само тие. Ве молам, не игнорирајте ги веќе сите загубени животи или оние погодените од оваа пандемија - истакнува Вилијамс, барајќи од Американците да соработуваат.
Вилијамс изјави за американските медиуми дека сакала да ја пренесе реалноста за тоа како е да се биде пациент со Ковид-19, како и искуствата за тоа како е да се биде здравствен работник.
- Сестрите и лекарите мора да бидат силни, но пандемијата ме погоди на начин кој никогаш не замислував дека ќе ме погоди - истакна таа.
Таа не очекувала дека она што ќе го напише на „Фејсбук“ ќе стане вирално и е благодарна што има луѓе што сочувствуваат со медицинските работници.
Насловна фотографија: Pixabay