Од јули сите нови автомобили во ЕУ ќе имаат црна кутија

Од јули сите нови автомобили во ЕУ ќе имаат црна кутија

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Од јули 2024 година сите нови автомобили во Европската Унија (ЕУ) ќе имаат таканаречена црна кутија, односно кутија која ќе снима податоци за настани. Овој уред ќе ги снима брзината на возење, употребата на трепкачите и сопирањето, меѓу другото. Овие информации би можеле да бидат корисни по можна сообраќајна несреќа.

Повеќето луѓе слушнале за црните кутии во авионите. Кутиите ги чуваат сите податоци за движењето на авионот, настаните во пилотската кабина и слично. По несреќа, податоците во кутијата се анализираат за да се утврди причината за несреќата. Сега секој нов автомобил добива таква кутија.

Оваа одлука беше донесена од ЕУ и ќе почне да се применува од 7 јули 2024 година. Кутијата континуирано ќе ги снима брзината на возилото, употребата на трепкачите од страна на возачот, реакциите на сопирање, растојанието на сопирање, активирањето на воздушните перничиња и други услови кои можат да бидат релевантни за утврдување на причината за можна несреќа.

Целта на таквата кутија не е првенствено да го разјасни прашањето за вината, туку да помогне во пронаоѓањето на причината за сериозните несреќи. Тоа може да доведе до спроведување мерки за избегнување несреќи во иднина. Исто така, ќе може да документира тоа што се случува со автомобилот при судир, што инженерите можат да го користат за да ги направат новите автомобили уште побезбедни.

Податоците во црната кутија не можат лесно да се прочитаат од страна на полицијата или осигурителна компанија. Правилата на ЕУ диктираат дека прво мора да има судски налог за да се повлечат податоци од кутијата.

Извор: Revija HAK
Насловна фотографија: Pixabay