Милчо Манчевски: Годинава се роди „Врба“ - убаво парче уметност што ќе трае

Милчо Манчевски: Годинава се роди „Врба“ - убаво парче уметност што ќе трае

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

На крајот од годината сите природно се потсетуваме на годината што ни изминува, се мислиме што сме направиле убаво, што не, а  обично расте надежта дека ќе нѐ очекува подобра година. За Македонија беше година на големи предизвици. Со политика не можеме да се пофалиме, но со успеси во културата годинава, сигурно многу.

Ви претставуваме каква година имаа режисерката Тамара Котевска, режисерот Милчо Манчевски, диригентот Џијан Емин, актерките Весна Петрушевска и Тамара Ристоска, писателката Винка Саздова.


- 2018 и 2019 за мене беа двете години во кои се роди и тргна по светот „Врба“. Исклучително брзо за еден игран филм – од прва верзија на сценарио и финансирање, преку подготовки, снимање, монтажа и премиери – светска, домашна и азиска – сѐ во само две години. Имало филмови за кои ми требале и по 7-8 години. Поважно од брзината е тоа што имаме преубав филм, чист и емотивен, а сепак со инвентивна структура. Убаво е што реакциите се бурни и топли – од Рим и Тајпеј до Скопје и Кавадарци – ама поважно е тоа што однатре, како автор, знам дека имаме едно многу убаво, компактно парче уметност што ќе трае. Уште поважно е што процесот на правењето на овој филм беше позитивен и конструктивен.

Убаво е кога работиш со посветен, професионален и чесен продуцентски тим и одлична екипа. Во 2019 го загубивме Ник Пауел, кој беше срцето на „Врба“ и прекрасен пријател. Годинава се навршија и 25 години од премиерата на „Пред дождот“ – МАНУ и Кинотеката го одбележаа. Почнав и да го консолидирам фотографскиот материјал за големата изложба во МСУ и за книгата во издание на „Антолог“ во 2020.