Дали можете да ширите Ковид-19 по вакцинирањето? Еве што знаат научниците засега

Дали можете да ширите Ковид-19 по вакцинирањето? Еве што знаат научниците засега

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Земјите низ светот почнаа со одобрување на вакцините и со вакцинирање на луѓето. Оваа пресвртница е импресивна затоа што вакцините од „Модерна“ и „Фајзер“ се создадени со рекордна брзина и затоа што се чини дека се ефективни над 90 отсто (барем во клиничките испитувања) во заштита од Ковид-19. Но, едно нешто што сè уште не е јасно е дали вакцините ќе спречат вакцинираните лица да го шират вирусот. Затоа, засега е важно да продолжите да носите маски, да применувате физичко дистанцирање и да преземете други мерки на претпазливост дури и ако сте биле вакцинирани.

- Може да сте вакцинирани и да го имате вирусот и да го ширите без да се разболите - вели Џефри Бетони, професор по микробиологија, имунологија и тропска медицина на Факултетот за медицина и здравствени науки на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, кој работи на вакцини за паразитски болести и ХИВ.

- Постои надеж дека вакцините го спречуваат пренесувањето, но сè уште не знаеме доволно - додава тој.

Една од причините што овој вирус се прошири толку многу е што луѓето можат да бидат заразени со него, а неколку дена воопшто да не чувствуваат симптоми, а во некои случаи воопшто да не развијат. Толку висока стапка на асимптоматско ширење не е вообичаена кај другите инфекции, вели Сузана Наги, вонредна професорка по медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Дјук“, која специјализирала за заразни болести.

- И грипот знае да е асимптоматска болест, но не на исто ниво како САРС-КоВ-2. Затоа е важно да се открие дали вакцините ќе спречат асимптоматски инфекции - вели таа.

Многу вакцини, вклучувајќи ги и оние за хепатит А и Б, мали сипаници и вакцина за ХПВ спречуваат луѓето да се разболат и да го пренесат патогенот на други.

- Општо земено, веруваме дека ако имате вакцина која спречува болест, тогаш таа спречува и инфекции, но не можете да претпоставите дека тоа е 100 отсто така - вели таа.

Некои патогени микроорганизми можат да заразат и да се размножуваат кај вакцинираните лица за краток временски период без да ги разболат, вклучително и бактерии што предизвикуваат менингитис и пертусис или голема кашлица. Ова, исто така, е проблем за вакцините што се развиваат за паразитските болести како маларија, шистозомијаза и инфекција на анкилостом.

вакцина
Фото: Freepik

- Вакцината ги штити луѓето од најсериозни клинички манифестации на болеста, но не ја запира целосно инфекцијата, така што може да има лица кои се заразени и кои можат да ја шират болеста - вели  Бетони.

Дали инокулацијата ќе спречи инфекција, делумно зависи од механизмот на дејство на вакцината. Неколку развивачи на вакцини објавија дека раните податоци навестуваат дека нивните вакцини ќе ги намалат асимптоматските инфекции. За време на испитувањата на крајната фаза за вакцината, развиена од Универзитетот во Оксфорд и „Астра зенека“, на некои кандидати им биле дадени неделни тестови за Ковид-19. На една група ѝ била дадена ниска прва доза на вакцина проследена со целосна втора доза.

Асимптоматските инфекции биле поретки кај оваа вакцинирана група отколку кај оние што примиле плацебо. Истражувачите сè уште истражуваат зошто таа група со ниски дози имала подобар резултат од групата со целосни дози.

Во клиничките студии на „Модерна“, истражувачите им зеле брисеви на учесниците пред да добијат две дози од вакцината. На 15 декември производителот на лекови објави дека 38 волонтери што примиле плацебо биле позитивни на тестот, а биле асимптоматски, пред нивната втора доза, во споредба со само 14 од групата што примила вакцина.

- Веројатно ова значи дека вакцината го намалува ризикот од пренесување, иако за да се докаже ова, ќе треба пообемна работа. Можеби вакцината целосно ја спречува инфекцијата или можеби го скратува периодот на инфекција - вели Наги.

Друг начин да се открие колку добро вакцините го спречуваат пренесувањето на вирусот е следење на областите каде што вакцинацијата е распространета за да се види дали инфекциите се намалуваат и кај другите невакцинирани лица. Ваква ситуација имало откако била воведена првата вакцина против детска парализа во 1955 година; следната година научниците забележале помалку случаи отколку што очекувале затоа што биле имунизирани доволно деца, со што вирусот имал проблем да стигне до оние што не се вакцинирале.

Извор: Popsci.com
Фото: Freepik