Соопштение до јавноста од Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Скопје по повод Нацрт-концепцијата за основно образование

Соопштение до јавноста од Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Скопје по повод Нацрт-концепцијата за основно образование

Врз основа на член 110, Законот за високото образование („Сл. весник на РМ“ бр. 82/2018), член 59 од Статутот на Филозофскиот факултет (Универзитетски гласник бр. 463/19), Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Скопје, на својата VI вонредна седница одржана на 25. XII 2020 година, ги донесе следните


ЗАКЛУЧОЦИ

I
По разгледувањето на Нацрт верзија на Концепцијата за основно образование, претставена од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, Филозофскиот факултет смета дека таа содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата, со што имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието. Предлогот не содржи финансиска конструкција на предвидените реформи, ниту се дадени на увид анализите и резултатите од претходните истражувања и анкети кои го оправдуваат предложениот модел на образовна реформа во државата.

II
Спојувањето на предметот историја кој припаѓа на хуманистичките науки со група на предмети од општествените науки, претставува неприфатливо минимизирање и игнорирање на незаменливото и витално образовно значење на историјата. Наспроти предложената интеграција на предмети, Факултетот смета дека истите исходи може да се постигнат преку интеграција на цели како концепт.
III
Нацрт-концепцијата предлага холистички пристап кон наставните содржини во кои неприродно се споени теми од општествените науки (социологија или граѓанско образование), хуманистиката (историски науки) и природните науки (географија) без притоа да се води сметка за спецификите на науките и за методологијата на нивното елаборирање во наставни содржини за деца од 6 до 14 години.

IV
Потребно е да се предвиди и овозможи подолга разумна временска рамка за создавање на квалитетна реформа во основното образование во која ќе биде земена предвид комплексноста на сите процеси за натамошна имплементација како и критичкото мислење на сите релевантни фактори, а со оглед на комплексноста на предложените решенија и далекусежните последици што усвојувањето на оваа Концепција ќе ги предизвика за севкупниот образовен систем на сите три рамништа (основното, а потем, следствено и на средното и на високото образование).

V
Во Нацрт концепцијата не е опфатено ниту Инклузивното образование (член 11 од). Дополнително, според член 8 од Законот за основно образование (став 1), основното образование се организира во три периоди: од прво до трето, од четврто до шесто и од седмо до деветто одделение. Не е јасно зошто предлогот се однесува на прво и шесто одделение, а не на прво и четврто или прво и седмо одделение.
Кон овие заклучоци Филозофскиот факултет во Скопје има утврдено и поконкретни предлози, сугестии и ставови, но за истите би се отворило простор за дискусија доколку се создадат наведените предуслови.

Филозофски факултет во Скопје