Како се третираат пациентите со коронавирус

Како се третираат пациентите со коронавирус

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

За коронавирусот нема лек, исто како што нема и за обична настинка. Но, деновиве секако е актуелно и прашањето каков третман добиваат луѓето што се заразени од коронавирусот и колку е тој ефикасен?

Вирусот наречен „2019-nCoV“ досега уби 170 луѓе во Кина и зарази повеќе од 7.000. Болеста се шири и во 16 други земји.

Станува збор за новоидентификуван член на семејството коронавируси - вообичаени инфекции што предизвикуваат симптоми слични на настинка, температура, кашлица и респираторни проблеми.

Многу луѓе што ќе се заразат од овој нов вирус ќе имаат само благи симптоми и се очекува повеќето целосно да закрепнат.

Но, како САРС (исто така коронавирус) и грипот, овој нов се чини дека претставува посебен ризик за старите лица и за оние што имале претходни болести.

Нема лек, исто како што нема лек за обична настинка.


Што се случува со пациентите во болница?

На оние што се примени во болница им се дава третман за симптомите, додека нивниот имунолошки систем се обидува да се бори со вирусот.

Хоспитализацијата исто така служи за изолирање на пациентите и спречување ширење на вирусот, вели професорот Џонатан Бол, виролог на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија.

Кај тешки случаи вирусот може да предизвика пневмонија - воспаление на белите дробови. На пациентите им се дава кислород, а во најлош случај може да треба да им се стави вентилатор. Околу еден од четири случаи се смета за сериозен.

Во поблаги случаи, на пациентите што се борат да го одржат крвниот притисок може да им биде дадена инфузија. Се даваат течности во случај на дијареја и ибупрофен за олеснување на болката.

Занг Дингји, шеф на болницата во Вухан, изјави дека пациентите што закрепнале од болеста се во добра состојба.

Дел од нив може да имаат проблеми со белите дробови, но докторот е оптимист дека ќе закрепнат.

Дали лековите
за ХИВ можат да помогнат?

Иако нема вакцина против новиот коронавирус, во тек се тестови во Кина за да се утврди дали два антивирусни лека што се користат за лекување на ХИВ - лопинавир и ритонавир - би можеле да бидат ефикасен третман.

Се покажа дека овие лекови помогнаа во борбата против вирусот САРС во 2003 година, откако се појавија докази дека пациенти со ХИВ што ги користеле лековите и имале САРС, имале подобри исходи.

- Се надеваме дека САРС и новиот коронавирус се доволно слични за лековите да имаат влијание - вели професор Бол.

- Ако има рани знаци, може да функционираат, а може да се користат на „сочувствителна основа“ во тешки случаи, бидејќи лековите не се одобрени за употреба - додава тој.

„Сочувствителна основа“ е кога неодобрен лек се става на располагање под строги услови за многу болни или пациенти со најголем ризик.

Што со потрагата по вакцина?


Постојат напори за развивање вакцина, но реално може да поминат години пред да се развие. И покрај напорите за вакцини за САРС и МЕРС, кои се појавија во 2003 и 2012 година, сè уште нема вакцини за нив.

Секоја вакцина прво треба да биде докажана дека е ефикасна и безбедна кај животните, а потоа кај луѓето пред да биде лиценцирана.

Пред да биде некој вакциниран, треба да биде одобрено од Светската здравствена организација - освен ако не се користи за „сочувствителна основа“.

- Теоретски, може да има вакцина за една или две години, но дефинитивно не во наредните шест месеци - вели професор Бол.