Оригинални кирилски фонтови за „Светот на Биби“ од дизајнерот Ласко Џуровски

Оригинални кирилски фонтови за „Светот на Биби“ од дизајнерот Ласко Џуровски

Подготвил: Никола Петровски

Македонскиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски промовира два нови, оригинални македонски кирилски фонтови. Станува збор за „Биби регулар“ и „Биби болд“. Фонтовите се креирани ексклузивно за детската емисија „Светот на Биби“ и нивните проекти.

Според Џуровски, инспирацијата за фонтовите лежи во детското пишување, а целта е децата да се едуцираат на правилно кирилско пишување.

- Фонтовите се, всушност, продолжување на соработката со „Светот на Биби“ бидејќи претходно за нив го креирав ракописниот фонт „Биби скрипт“. „Биби регулар“ и „Биби болд“ се инспирирани од детското пишување, нормално со акцент на правилните форми на буквите од македонската кирилица, приспособени за употреба на сите медиуми, пред сѐ, дигиталните. Целта е со употребата на овие фонтови во проектите на „Светот на Биби“ децата читајќи да се едуцираат како правилно се пишува со македонска кирилица. Фонтовите немаат идеални линии на конструкција, содржат минимален т.н. „fun“ момент кој ги прави интересни за читање. Спаѓаат во категоријата стеснети (condensed) фонтови и овозможуваат пишување на повеќе текст на помал простор. Поддржуваат пишување на македонска, српска и руска кирилица, а бидејќи содржат и латинични карактери, со нив може да се пишува на околу 120 светски јазици - вели Џуровски.

Џуровски има богато и долгогодишно дизајнерско минато и е автор на многубројни фонт-фамили. Тој е креатор на идејните и ликовно-графичките решенија за изгледот на 200-ката и 2000-ката од книжните пари кои се во циркулација од 2016 година, а лани направи и автентичен фонт според ракописот на Кочо Рацин.

фото: Жарко Чулиќ, „Портрет“