Белата чума го зеде данокот во Македонија - автобусите за Германија полни нагоре, празни надолу

Белата чума го зеде данокот во Македонија - автобусите за Германија полни нагоре, празни надолу

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Сонот за достоинствен и нормален живот во земја во која се цени трудот, а не партиската книшка, натера стотици илјади граѓани од Македонија својата егзистенција да ја побараат во некоја од развиените европски земји во Европската Унија или надвор од неа.

Последната вест што дојде од и онака празниот македонски Источен Регион - дека над 80 деца биле отпишани од основните училишта затоа што со своите семејства се селат во Германија, Швајцарија и Италија, само ја потврди црната статистика од последниот Извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за „Трудова миграција во Западен Балкан“ дека околу 700.000 Македонци, или една четвртина од населението денес живее надвор од државата.

Недостигот на работна сила на најразвиената економија во Европа, особено во медицинскиот сектор, ги привлече медицинските лица од Македонија да аплицираат во германските медицински установи и во последните неколку години се случува масовен одлив на стручен кадар во Германија.

Зоран, дипломиран наставник по физичко воспитување кој не може да си најде работа според струката затоа што не членува во ниту една политичка партија, решил да ја напушти Македонија и заедно со сопругата, која е медицинско лице, и двете малолетни деца да се пресели во Германија.


Фото: „Башким турс“

- Сопругата е медицинска сестра и таа веднаш по аплицирањето доби понуда за работа во Германија. Имавме можност да одбереме и град за да го почнеме новиот живот. Се решивме да биде помало населено место покрај Франкфурт за да може да се адаптираат и децата. При крај сме со учењето на јазикот и наскоро заминуваме. Тука нема иднина за нашите деца - истакна тој.

Тој и уште десетина граѓани ќе се качат во еден од автобусите што возат меѓународни линии кон западноевропските земји. Тие се преполни во текот на целата година, особено во периодот по празниците, како и во текот на летото.

Патничките агенции не се изненадени од зголемениот број на граѓани што патуваат кон Словенија, Германија, Италија и Швајцарија, но се разочарани од тоа што автобусите се пополни на тргнување кон Европа отколку на враќање кон Македонија.

Од превозникот „Башким турс“ од Тетово, кој со години вози на релација Тетово – Скопје –Дортмунд, минувајќи низ уште десетина германски градови, велат дека автобусите се полни со граѓани од Македонија што се селат во Германија.


Фото: „Башким турс“

- Автобусите се полни, особено во периодот декември-јануари и во летната сезона, односно јули-август. Бројот на патници е малку поголем во шпицот и се случува често да пуштаме по шест-седум автобуси во ист ден на една линија. А тоа се случува кај сите шест-седум компании што возат за Германија. Она што може да се забележи е дека во последните неколку години, барем во Тетово и Гостивар, се иселува и младината. Најголем дел од патниците се меѓу 20 и 40 години и тоа е загрижувачки податок. Возрасната граница е намалена, а доказ за тоа се испразнети села, како Чегране во Гостивар од каде што се иселиле 2.500 жители. Пандемијата не направи разлика ниту во побарувачката за билети затоа што овој тренд на иселување почна многу поодамна, најмалку пет години претходно - истакнаа од „Башким турс“.

Велат дека патници има и за Швајцарија, но поради потешките услови за аплицирање и добивање работно место и работна дозвола, интересот за таа земја е мал во споредба со Германија.

Германија е најпримамлива земја за почнување нов европски живот со високи економски и социјални стандарди за граѓаните. По Германија, Италија е втора најчеста дестинација на македонските иселеници. Поради малиот број автобуски линии, дотаму најчесто возат мали превозници со комбиња кои собираат по неколкумина патници. Најголем дел од нив возат на црно, но тоа не им пречи на патниците затоа што целта е што побрзо да стигнат во Европа.



- Секоја сабота и секоја среда сме преполни. Во сабота тргнуваме по дваесетина комбиња кон Италија и Швајцарија. Наваму се враќаме полупразни. Масовното иселување од Струмица, Валандово, Радовиш и Ново Село почна пред десетина години. На кој како му стигнува бугарскиот пасош, веднаш аплицира за работа и откако ќе ја добие, заминува на печалба. По извесен период го повлекува и своето семејство - вели возач на комбе од Струмица кој секоја сабота вози до Швајцарија.

Возачите, вработените во агенциите и посредниците за работни ангажмани сметаат дека Македонија се соочува со бела чума која има загрижувачки бројки, особено во Источна Македонија, Полошкиот Регион и Пелагонија, а од неодамна и од населените места од Повардарскиот Регион. Првите, оние што ги возат иселениците, често и самите мигрираат затоа што се дефицитарен кадар во Европската Унија.