Во нашето општество постои презривиот израз на нетрпеливост „не ми филозофирај!“, кој се употребува кога некој нуди критичко мислење или темелно разгледува некаква ситуација. Во многу други култури ваквиот однос кон филозофирањето е незамислив – луѓето не разбираат што сака да каже тоа „не (ми) филозофирај!“ „Не (ми) се прави паметен?“ „Не туку (ми) комплицирај (веќе непроста ситуација)?“ „Не нуди решенија кај што никој не ти ги бара?“
„Не (ми) филозофирај“ се употребува, на пример, кога некој посочува причинско-последичен однос кој другите го занемаруваат (покривот на зградата пропушта дожд? Но, тоа е резултат на фактот што сите соседи на времето одбиле да се додаде слој изолација – отсуството на изолација е причина за прокиснувањето на покривот, а прокиснување на покривот е последица на постоењето дожд и недостиг на изолација). Со „не (ми) филозофирај“ се отфрла посочувањето дека два спротивставени факти не може истовремено да бидат вистинити (не сте задоволни со веганската пица што сте ја нарачале затоа што на неа нема кашкавал и кулен? Но, самите нарачавте веганска пица, а ако нешто е веганско, не содржи животински производи). „Не (туку) ми филозофирај“ е отсечно одбивање да се прифати дека некој се однесува неправедно (вашето дете навредило другарче на училиште, а вие, наместо да ја ублажите ситуацијата, дополнително го навредувате другарчето? Но, во оваа ситуација е праведно да се опомене и воспита сопственото дете, а не другарчето-жртва). „Не (ми) филозофирај!“ е чест контранапад кога некој посочува дека човек кој слободно избира е одговорен за последиците од своите избори (сакавте да одите на одмор, но немаше кој да ви ги полева билките во домот, па тие се исушија? Но, ако изберете да отидете на одморот што сте го заслужиле, билките ќе останат без вода; ако останете дома само заради полевање на билките, сте се лишиле од долгоочекуваниот одмор). Сеедно, не ми филозофирај.
Не сакате да се инволвирате во она што директно ве засега, а некој ви посочува дека молкот е на ваша штета? Нека не ви филозофира. Не сакате да се потрудите да бидете пољубезни кон другите, а некој ви посочува дека само бидувањето добар е вистинско и автентично човекување? Нека не замара со некакви филозофии. Критикувате нечиј вкус за музика или книжевност само затоа што е различен од вашиот, а некој ви посочува дека уметноста и естетиката се сложени нешта, и дека постојат различни правци и мислења? Нека не ви се прави паметен со некакви теории. Се наоѓате во сложена животна ситуација и наеднаш се прашувате „зошто токму јас?“, и некој ви кажува дека е сосема очекувано и дури корисно да ги истражите таквите (метафизички) прашања? Нека не ви се меша многу-многу со филозофии.
Како што беше споменато, во многубројни култури ова е незамисливо затоа што луѓето од деца учат филозофија (и логика, етика, естетика, теорија на познанието), ги учат основите на правилното размислување, учат аргументација на ставовите и критичко мислење, учат за моралните вредности, за доброто и убавото, за праведното и возвишеното, за злото и грдото, за случајното и за нужното, за минливото и за вечното. Учат да прашуваат „зошто воопшто нешто, а не ништо?“, и постојано да прашуваат „зошто?“ Знаат дека филозофското „зошто?“ нема да даде конечни одговори и ќе води кон нови прашања, секогаш и постојано, повторно и повторно, дека ќе води кон иновација, креативност, решенија на различни проблеми. Деца што учат филозофија – како и логика, етика, естетика, теорија на познанието - стануваат возрасни кои знаат да препознаат манипулација во медиумите (или таканаречени „лажни вести“), односно се медиумски писмени. Деца што учат филозофија стануваат возрасни кои знаат дека вртоглавиот технолошки развој е потенцијално опасен, доколку не му се пристапи со критичко мислење од аспект на етиката, биоетиката и филозофијата на науката, односно се свесни за придобивките и опасностите на вештачката интелигенција, на пример, како и за важноста на екологијата на планета која инаку е осудена на пропаст. Деца што учат филозофија стануваат возрасни кои знаат свесно да се ангажираат во нивната средина: да бараат обмислено и целесообразно образование, беспрекорна здравствена заштита, незагаден воздух и зелени површини, достоинствени живеалишта, културни содржини што го хранат духот и разновидни и лесно достапни можности да учат, да работат, да творат, да играат и да се забавуваат, да се дружат и да размислуваат, да се развиваат и да растат, да живеат како луѓе во полната смисла на зборот.
Прашањето е во какво општество и во каква (интелектуална) култура сакаме да живееме? Ова се надоврзува на две од најважните филозофски прашања: кој сум јас? и кој (каков) сакам да бидам? Сакаме да бидеме бедни и послушни посматрачи на сопствениот живот или сакаме да бидеме ангажирани свесни индивидуи кои мислат и дејствуваат? Сакаме животот едноставно да ни се случува, со сите негови неминовни маки, или сакаме да влијаеме врз стварноста, а не само да се жалиме дека е неподнослива? Сакаме да бидеме неморални – иако кај повеќето внатрешното гласче на совеста постојано ќе прошепнува со прекор во ситуациите кога свесно го одбираме полесното и нечесното – или сакаме да правиме добро, да очекуваме добро и да помагаме редот во светот да биде одржуван низ чинови на љубезност, пројави на љубов и посветена грижа за другите? Опциите се јасни, иако изборите никогаш не се лесни. Впрочем, во природата на изборот е да биде тежок, а најтежок избор е изборот да не се избира. Прашањето е: сакаме да бидеме умни или сакаме некој друг да биде (не)умен за нас? Ваквата слобода не е лесна – изборот да се биде умен, да се мисли правилно, да се дејствува исправно преку правилните морални одлуки, да се восприема убавото или грдото, возвишеното и вознемирувачкото во светот со критичко око, да се работи за доброто на другите и на планетата, постојано да се има предвид одговорноста кон следните генерации, сето ова воопшто не е лесно и едноставно. Но, токму поради тоа што не е лесно и едноставно, и токму затоа што е резултат на чудење, мислење, испитување, сомневање, трагање, овој (филозофски) избор е извонредно достоинствен, и суштински и наполно човечки избор. Избор на луѓе кои мислат. На луѓе кои знаат да филозофираат.
Затоа – филозофирај ми! Кога ќе те прашам што сакаш за вечера и кога ќе те прашам дали душата е бесмртна, филозофирај ми. Кога ќе те прашам за кој тим навиваш и кога ќе те прашам дали светот е од материја или од дух, филозофирај ми. Кога ќе те прашам која ти е омилена боја и каде се наоѓа идејата за бојата, филозофирај ми. Кога ќе се сретнеме на улица и ќе се пожалиме на дупките полни кал, да размислиме зошто се дозволило да постојат такви дупки со кал, и да размислиме како тоа да се поправи, та повеќе да нема дупки со кал – филозофирај ми. Кога ќе се видиме на балконите кои се толку блиску еден до друг што може да си подадеме тегла шеќер, но и толку блиску што во случај на опасност нема да може да нè избави противпожарен камион, да прашаме зошто сме принудени да живееме во супстандардни услови, и како тоа може, ако не да се поправи, барем да се ублажи, та да не биде веќе така за нашите деца – филозофирај ми. Кога ќе се сретнеме на венчавка, прашај ме што мислам за љубовта, за радоста, за тагата и смеата, за спомените и детството, за иднината и заедништвото – филозофирај ми. Кога ќе пиеме кафе од автомат, прашај ме што мислам за автоматизацијата, за андроидите кои се премногу налик на луѓе, за научната фантастика, за утопиите и дистопиите; но и за потеклото на кафето, судбината на неплатените берачи, за сушата и поплавите и нивните причини и нивното влошување – филозофирај ми. Кога ќе те прашам како си – ако не е само површно и куртоазно, туку вистински заинтересирано и емпатично - раскажи ми ако чувствуваш вознемиреност од секојдневието, или тежина од светот, кажи ми ако се плашиш од смртта и ако се плашиш од животот – филозофирај ми. Кога ќе те навјаса необјаснива тага – филозофирај ми, па ќе се обидеме да откриеме кои се сите причини за тага, и кои се сите причини за радост. Кога ќе ти се исполни некој долгоочекуван сон – филозофирај ми, па ќе разговараме за надежта, за посветеноста, за среќата и шансата, за почетоците и впечатоците; ќе разговараме за тие со кои сакаш да го споделиш ова и за тие со кои тоа веќе не е можно. Кога ќе те докосне носталгија за време за кое не се ни сеќаваш дека било – филозофирај ми, па ќе разговараме за тоа дека штом времето постојано нè зачудува и изненадува, можеби еден дел од нас воопшто не е во времето. Кога ќе пронајдеш љубов – филозофирај ми, и ќе разговараме за тоа дека можеби сте две половини кои некогаш биле едно суштество, или сте една душа во две тела, или сте сопатници и содружници кои ќе се вдадат во авантура низ светот. Кога ќе изгубиш некого – филозофирај ми, па ќе зборуваме за нужноста и за случајноста (зошто мораше да биде токму така?, или од сите можни околности, колку апсолутно случајно бидна да биде така!), за болката и преживувањето, за безнадежноста и заздравувањето, за неизбежноста и (не)помирувањето. Ако мислиш дека се губиш себеси, дека не си тој кој сакаш да бидеш или таму каде што беше сакал да бидеш – филозофирај ми. Ако знаеш кој си – филозофирај ми. Ако не си сигурен што значи да се биде – филозофирај ми. Филозофирај ми за навидум најздодевните баналности од секојдневниот живот и ќе видиш дека не се банални и здодевни. Филозофирај ми за недостигот на смисла, и самото тоа ќе понуди барем трошка смисла, па ќе тргнеме оттаму. Филозофирај ми за недостатоците на современиот свет: со тоа ќе смислиме како може барем еден дел од еден проблем да се поправи, па ќе тргнеме оттаму. Филозофирај ми за идентитетот на човекот во време на сеприсутноста на вештачката интелигенција и растечката социјална нерамноправност и ќе смислиме неколку опции за тоа како да се пристапува кон опасностите на неконтролираната технологија, па ќе тргнеме оттаму.
Филозофирај ми за себе, за мене, за нас. Филозофирај ми кога прокиснува покривот, а соседите се неразумни; кога другарка ти се жали за пицата што самата ја нарачала; кога родител од одделението на твоето дете се однесува неправедно; кога тетка ти се жали што отишла на одмор, а билките дома се исушиле. Филозофирај ми за лошо осмислениот образовен процес, за здравствениот систем во кој не се доаѓа на ред, за отровниот воздух и бетонизираниот град; филозофирај ми за недостоинствените згради и станови, за недостигот на културни центри и театарски претстави и ликовни изложби, за неможноста да учиш, да другаруваш, да си најдеш заедница на луѓе слични на тебе, да твориш и да се забавуваш, да работиш и да се развиваш. Филозофирај ми за човековото отуѓување во време во кое не си ги познаваме соседите и ближните. Филозофирај ми за иднината на нашите деца кои одат на училиште по само неколку часа, и дел остануваат неписмени (да не зборуваме за медиумски писмени), и кои си играат врз вжештен бетон и во мрачните гаражи на зградите, небаре се маалски мачки. Филозофирај ми за иднината на човештвото во околности во кои недостига еден непромислен потег до апсолутно самоуништување. Филозофирај ми за минатото од кое не учиме. Филозофирај ми за старите цивилизации: во што верувале и како размислувале, како се развиле и зошто пропаднале. Филозофирај ми за сегашната цивилизација: за споделените приказни за херои и негативци, за почитта кон лебот и водата, кон здравјето и науката; за споделената судбина на загуба, неминовна болка, неизбежна смрт, но и за споделената судбина на одговорност, посветеност, трудољубивост, грчевита страст кон животот, почит кон полето и пченицата, кон небото и вселената. Филозофирај ми.
За тебе, за мене, за нас. За децата во овој век, за да има деца и следниот век. За природата сега, за да имаме сино небо и океани со планктон и некоја деценија подоцна. За технологијата, зашто треба да знаеме што нè чека. За (бесмртноста на) душата, зашто не може да знаеме што нè чека. За вистината, за да знаеме како да ја откриеме, препознаеме, примениме, цениме. За лагата, за да ја согледаме, разнишаме, одбиеме, онеспособиме. За науката и прогресот, за да ја толкуваме и менуваме стварноста на подобро, за сите.
Филозофирај ми од дете, филозофирај ми како возрасен, филозофирај ми со свечена сериозност и со ведра релаксираност, филозофирај ми очајувајќи или смеејќи се до солзи. Филозофирај ми за тебе, за мене, за нас. Само така (ќе) знаеме кои сме. Ќе знаеме кои сакаме да бидеме. Ќе знаеме како треба да живееме. И никој нема да може едноставно да ни го одземе тоа.
Автор: проф. д-р Марија Тодоровска, Институт за филозофија, Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“