Најголемиот европски фестивал на оган го осветли ноќното небо над Шетланд
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Улиците на Лервик повторно беа исполнети со пламен и чад, додека Шетланд го одбележуваше светски познатиот фестивал на оган наречен „Ап хели а“ (англ. Up Helly Aa). Оваа вековна традиција, што секоја година се одржува на последниот вторник од јануари, е прослава на норвешкото наследство на овие острови.
Вечерна церемонија што привлекува илјадници посетители
Секоја година илјадници луѓе од целиот свет пристигнуваат на најсеверните острови на Обединетото Кралство за да го проследат спектаклот – поворката со бакли низ Лервик, што кулминира со палење на импресивна реплика на викиншки брод.
Минатата година фестивалот влезе во историјата откако жени и девојки, првпат по повеќе од 140 години, станаа дел од главната поворка носејќи ги своите бакли рамо до рамо со мажите.
Во главната улога на фестивалот е „Јарл екипата“, предводена од водачот – Гаизер Јарл. Овие учесници за еден ден стануваат вистински викинзи, облечени во рачно изработени костими, вооружени со секири и штитови.
Како дел од подготовките за фестивалот, тие градат реплика на викиншки долг брод – галера, кој на крајот од свеченоста се пали. Оваа година бродот го доби името „Бисен“.
За Калум Грејнс, кој морал да чека 17 години за да ја преземе улогата на Гаизер Јарл во 2025 година, последниот вторник од јануари претставуваше исполнување на еден долгогодишен сон.
- Ова е голем заеднички настан и го означува крајот на зимата и отвора ново поглавје во годината. Тоа е една од оние традиции што го прават Шетланд навистина посебен - вели тој.
Во вторникот Калум ја предводеше својата екипа низ улиците на Лервик за да ѝ го претстават бродот „Бисен“ на јавноста. Потоа ја продолжија традицијата со посета на локални домови за стари лица и училишта, каде што пееја и танцуваа за публиката.
Ноќта кога огнот го осветлува Шетланд
Штом се стемни, младинската „Јарл екипа“ ја започнува вечерната церемонија. Веднаш потоа сите групи во поворката маршираа низ градот, придружени од звуците на локалните оркестри, носејќи запалени бакли што го осветлуваа небото над Лервик.
Најспектакуларниот момент, палењето на „Бисен“, предизвика громогласен аплауз од присутните. Пламените јазици го „голтаа“ бродот, додека искрите летаа кон небото симболизирајќи го испраќањето на викиншките духови во вечноста.
Забавата трае до зори
Фестивалот не завршува со огнената церемонија – забавата продолжува во заедничките сали низ градот, каде што се слави до раните утрински часови.
Годинава, како и секоја година, фестивaлот ја покажа својата магија – дека не е само прослава на историјата, туку и симбол на заедништво и гордост што го прави Шетланд навистина уникатен.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/YouTube