Првата училница без наставници во Велика Британија – иднина или ризик за образованието?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Првата училница во Велика Британија што користи вештачка интелигенција ги нагласува и потенцијалната корист и ризиците од воведувањето на вештачката интелигенција во образованието.
Приватниот колеџ „Дејвид Гејм“, кој се наоѓа во централниот дел на Лондон, веќе шест месеци спроведува пилот-програма во која студентите учат основни предмети за државните GCSE испити со помош на платформи за вештачка интелигенција, без физичко присуство на наставници.
Брзите промени и неизбежноста на вештачката интелигенција во наставата
- Вештачката интелигенција ќе ги трансформира наставата и образованието. Во тоа нема сомнеж, а вештачката интелигенција нема да исчезне - изјави кодиректорот на колеџот, Џон Далтон. Според него, луѓето треба да бидат флексибилни кон прифаќањето на вештачката интелигенција.
Системите за вештачка интелигенција го следат однесувањето на учениците кон наставните материјали и им даваат повратни информации за нивните навики при учење. Ова овозможува попрецизно индивидуализирање на наставата, а вештачката интелигенција може да процени знаење со поголема точност од просечен наставник, смета Далтон.
Премиерот Киер Стармер овој месец ја претстави визијата за искористување на моќта на вештачката интелигенција, вклучително и нејзина интеграција во образованието. Владата има развиено свој ВИ-асистент за настава наречен Ајла, кој е усогласен со националната наставна програма.
Наставниците заменети со „ментори за учење“
На местото на традиционалните наставници, училницата во „Дејвид Гејм“ има „ментори за учење“ – лица со педагошки квалификации, но кои не мора да го познаваат наставниот материјал. Тие им помагаат на учениците во користењето на ВИ-платформите и ги учат меки вештини, како дебатирање и финансиска писменост.
15-годишната ученичка Маса Алдалате на почетокот била скептична, но сега е убедена во предностите на ВИ-учењето.
- На почетокот не бев сигурна, но по извесно време, имаш докази пред себе - вели таа. Според неа, традиционалната училница има „емоционална вредност“, но ВИ е далеку поефикасен за учење.
Наставниците загрижени за иднината на нивната професија
Националниот образовен синдикат на Велика Британија позитивно гледа на обуките за дигитални алатки за наставниците, но нивниот генерален секретар, Даниел Кебеде, предупреди дека владините амбиции мора да бидат проследени со значителни инвестиции во технологија и ИТ-инфраструктура.
Професорката Роуз Лакин од Универзитетскиот колеџ во Лондон вели дека иако ВИ може да ја трансформира наставничката улога, сè уште е неизвесно како ќе изгледа тоа. Таа истакнува дека треба да се истражува колку е ефикасен овој метод и дали обезбедува доволно социјална интеракција меѓу учениците.
И покрај позитивните аспекти, годишната цена за учење со ВИ во овој колеџ е 27.000 фунти, што е повеќе од 10.000 фунти над просечната школарина во приватните училишта во Велика Британија. Лакин смета дека овој модел е луксузен и тешко применлив во поширокиот образовен систем.
Извор:
Japantoday.com
Фото: Screenshot/YouTube