Сопственици нема каде да ги закопаат своите миленици: Погребувањето е казниво, а нема ниту гробишта ниту крематориум
Сопствениците на миленици нема каде легално да ги закопаат нивните миленици откако ќе починат. Некои од нив се одлучуваат скришно да ги закопаат нивните тела, најчесто по околните ридови, некои го прават тоа во своите дворови, а некои ги фрлаат во контејнери, што пак претставува проблем за локалните жители поради смрдеата и потенцијалната зараза.
Погребувањето на миленичињата на јавни површини е казниво и ако некој биде фатен, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност. Најголемите проблеми се појавија во главниот град, кој требаше досега да обезбеди уредена локација за погребување на домашните миленици во соработка со здруженијата за заштита и грижа на милениците. Тоа беше и ветување на градоначалничката Данела Арсовска во таканаречениот „Нов зелен план“, но досега нема никаква реализација, а погребувањето на милениците стана сериозен еколошки проблем.
Магдалена Чепаровска, магистер по психологија и писателка, е меѓу најгласните активисти за правата на животните и постојано води грижа да се удомат бездомните кучиња. Таа е дел од граѓанската иницијатива за спасување и удомување на бездомни животни „Хепи тејлс јунајтед“.
- Иако немаме точни податоци за бројката на милениците на територијава, бидејќи не сите се чипирани и внесени во системот, сепак, од статистики кои датираат од 2019 имаме 12-15.000, од кои најголем број се кучиња. Речиси четири години подоцна, верувам оваа бројка е уште поголема. Свеста е разбудена кај голем дел од граѓаните и сѐ помногубројни се оние сопственици кои миленикот го чуваат посветено и правилно од почетокот до самиот крај. Со самото тоа и справувањето со оваа проблематика веројатно навлегува во фаза во која е неопходно да се реши или барем актуализира - вели Чапаровска за „Факултети.мк“.
Според неа, освен гробиштата за миленици, претпријатие за кремирање е уште една опција што вреди да се разгледа. Таа нагласува дека се ретки оние што можат да ги закопаат милениците во својот двор, а повеќето за оваа цел ги одбираат перифериите на градот или некаде во природа.
- Еден таков пример е Водно. Закопувањето во природа, на неконтролирана територија, може да доведе до еколошка опасност. Затоа, гробницата за миленици или претпријатието за кремирање би ги намалиле сите ризици и опасности што можат да се случат при закопување мрша на јавни површини. Се надевам дека поради овие причини (ако не поради емотивните), локалните власти ќе почнат посериозно да ја третираат оваа тема - порача активистката и додаде дека е апсурдно што е нелегално да закопаш миленик и да бидеш казнет за тоа.
Во нашето поблиско опкружување, кај нашите соседи, вакви гробишта нема. Во западните земји, пак, милениците се кремираат. Гробишта за миленици има во Австрија, Унгарија, Италија, Германија, Франција, Белгија, Велика Британија, каде што има и специјална погребна опрема.
Иницијативи до Градот имало, некои од нив биле за гробишта за миленици, други за крематориум, но досега сите напори биле залудни, вели активистката Мартина Павловиќ. Таа го лоцира проблемот во институциите.
- Институциите не преземаат апсолутно ништо. Во моментов ЈП Комунална хигиена е задолжено за лешевите на милениците, но тие се фрлаат на „Дрисла“ каде што има други диви кучиња и тие ги растргнуваат и се хранат со нив. Друг дополнителен проблем е тоа што таквите изложени лешеви се потенцијални зоонози, на штета на животните и луѓето. Закони нема на повидок за да се реши овој проблем, а постојните се прекомплицирани за некој да го изоди тој пат, по кој трасата е непроодна. Најчесто милениците се закопуваат на сопствен имот или на планински предели каде што има помала фреквенција на луѓе - истакна Павловиќ за „Факултети.мк“.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека досега до нив не е поднесена никаква иницијатива за отворање гробишта за миленици, само прашања од информативен карактер.
- До Одделението за нуспроизводи од животинско потекло при Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во изминатиот период беа поднесени само прашања од информативен карактер, но официјално барање за можноста за отворање гробишта за миленици не е поднесено. Странките се информирани дека Агенцијата за храна и ветеринарство ги одобрува ваквите објекти, односно дејноста што ќе се врши. Оваа постапка е уредена со Законот за нуспроизводи од животинско потекло и со подзаконските акти кои ја доуредуваат оваа материја.За локацијата каде што евентуално би се градело, надлежноста е на локалната самоуправа, за што операторот треба да има и одобрен елаборат за заштита на животната средина или студија за оцена на влијанието врз животната средина од Министерство за животна средина и просторно планирање -велат оттаму.
Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека веќе има покренато иницијатива до Владата за решавање и на проблемот со нештетно отстранување лешеви на животни преку доставување предлог за изградба на кафилерија. Според АХВ, Обврската за обезбедување место или објекти за нештетно отстранување лешеви од домашни миленици е на локалната самоуправа (општината), односно Градот Скопје, во кој административно спаѓаат 10 општини.
- Нештетното отстранување на лешот од умреното домашно милениче е обврска на сопственикот. Тој треба да пријави кај матичниот ветеринар дека животното кое го одгледува е умрено за да се изврши ажурирање на податоците во ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, каде што е евидентиран домашниот миленик. Во случај на сомнеж на заразна болест (беснило, на пример) до официјалниот ветеринарен инспектор и матичниот ветеринар сопственикот треба да пријави дека миленикот умрел и дека постои сомнеж за заразна болест. Врз основа на пријавата, тие ќе постапат по службена должност и ќе преземат соодветни мерки, вклучително и мерки за нештетно отстранување на лешевите - велат од АХВ за „Факултети.мк“.