Запознајте го 19-годишниот Махмуд Акрам, кој знае да чита и пишува на 400 јазици

Запознајте го 19-годишниот Махмуд Акрам, кој знае да чита и пишува на 400 јазици

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во свет каде што повеќето луѓе зборуваат еден или два јазици, Махмуд Акрам од Ченај е исклучок кој ја поместува границата на можностите. Со само 19 години, тој може да чита, пишува и да пишува на тастатура на 400 јазици, а течно зборува 46 од нив. Неговата страст за јазиците не само што му донесе светски рекорди и признанија, туку и стана мост меѓу различните култури.

Почетоците на неговото лингвистичко патување

Неговата љубов кон јазиците започнала во најраните години од детството, под влијание на неговиот татко Шилби Можиппријан, кој зборува 16 јазици. Татко му, кој има докторат по когнитивна психологија, сакал неговиот син слободно да комуницира без да има јазични бариери.

- Мојата јазична авантура започна кога имав само четири години - се присетува Акрам. Неговите родители го научиле на англиската азбука за шест дена, а потоа, во рок од три недели, ги совладал и 299. букви на тамилската азбука. Брзо напредувал, а веќе на 6-годишна возраст го надминал знаењето на својот татко и самостојно почнал да изучува други јазици.

јазик
Махмуд Акрам и неговиот татко/Фото: Thebetterindia
Светски рекорди и достигнувања

Од шест до осумгодишна возраст, Акрам научил 50 јазици, освојувајќи го својот прв светски рекорд како најмлад мултилингвален дактилограф на осум години. Со својот талент продолжил да освојува нови височини, а на десетгодишна возраст поставил нов рекорд – препишувајќи ја индиската национална химна на 20 јазици за помалку од еден час.

На 12 години веќе можел да чита, пишува и да пишува на тастатура на 400 јазици. Во Германија учествувал на натпревар со 70 лингвистички експерти и победил, освојувајќи ја наградата „Германски млад талент“ со најбрзо преведување на дадени реченици на повеќе јазици.

Предизвиците во образованието

Неговата извонредна способност не се вклопувала во традиционалниот образовен систем. Со оглед на тоа што неговата страст барала поинаков пристап, тој почнал да посетува онлајн училиште во Израел, каде што изучувал јазици како арапски, шпански, француски и хебрејски.

Сепак, наишол на проблеми кога сакал да се врати во традиционално училиште бидејќи во Индија никој не сакал да го запише освен ако не почне повторно од шесто одделение. Решението го пронашол во Националниот институт за отворено школство, каде што ги завршил потребните испити.

По неговото учество на германскиот натпревар, добил стипендија за да го продолжи своето образование во Европа. Средното училиште го завршил во интернационалното училиште „Данубе“ во Виена, Австрија, каде што учењето со ученици од 39 различни националности му помогнало во усовршувањето на неговото јазично знаење.

Денес, Акрам студира лингвистика и анимација на „Оупен јуниверсити“ во Велика Британија.

- Јазиците се мојот талент, но анимацијата е мојот интерес. Сакам и да пеам, но мојот глас кажува нешто друго - вели тој.

Иако можел да чита и да пишува на стотици јазици, на 14 години сфатил дека вистинскиот предизвик е да ги зборува течно. Денес, тој има усовршено 15 јазици, а другите ги усовршува на ниво на речиси мајчин јазик.


 
Акрам користи иновативни методи: менува јазик на социјалните мрежи, гледа јутјуб-видеа на различни јазици и води ексел-табели со зборови на сите јазици што ги знае.

Акрам не сака неговото знаење да остане само личен успех. Во 2016 година неговиот татко го основал Институтот за глобални јазици „Акрам“ во Ченај, кој нуди онлајн курсеви и курсеви во живо за студенти од Индија, Европа, Австралија и Блискиот Исток.

Акрам започнал да предава на 14 години, а неговиот метод станал толку популарен, што денес одржува работилници во Мјанмар, Камбоџа, Тајланд и Индонезија, со планови да ги прошири во Кина и Јужна Кореја.

- Ако зборувам на твојот мајчин јазик, ќе ми одговориш со срце. Ако зборувам на англиски, ќе ми одговориш со ум - вели Акрам, објаснувајќи ја својата љубов кон јазиците.

- Мојата цел е да станам професор по лингвистика и пример за другите. Познавањето јазици не е само алатка за комуникација, туку и начин да ги доближиме луѓето едни до други - додава тој.

Извор: Thebetterindia.com
Фото: Thebetterindia