Во јуни приемен за упис во новата Математичко-информатичка гимназија
Министерството за образование и наука објави јавен повик за полагање приемен испит на учениците заинтересирани за запишување во Математичко-информатичката гимназија во учебната 2020/2021 година. МОН сè уште нема податоци за тоа каде ќе биде локацијата на гимназијата чие отворање се одлага веќе три години. Полагањето на приемниот испит ќе се реализира во средното „Здравко Цветковски“ во Скопје. Математика ќе се полага на 02.6.2020, а физика на 04.6.2020 година.
Во повикот е објаснето дека испитот се состои од полагање тестови согласно наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение. Учениците писмено ќе решаваат два поединечни теста по математика и по физика.
Заинтересираните ученици треба да се пријават најдоцна до 30 мај 2020 година.
Но, МОН потенцира дека поради состојбата со коронавирусот, можно е овие датуми да бидат променети, па доколку настане промена, учениците што аплицирале ќе бидат известени преку електронска пошта.
- Во Математичко-информатичката гимназија се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, се стекнале со општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение во основното образование и со оценка 5 по наставните предмети математика од шесто до деветто одделение и физика од осмо и деветто одделение во основното образование и имаат доставено потврда со бројот на освоени бодови од приемниот испит - истакнуваат од МОН.
Тука можете да го видите целиот повик и да се информирате за начинот на пријавување.