Интервју со Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ: Младите бараат животни предизвици, ние треба да им ги понудиме

Интервју со Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ: Младите бараат животни предизвици, ние треба да им ги понудиме

Актуелните случувања во образованието, рангирањето на универзитетите, соработката меѓу индустријата и академската заедница, иселувањето на младите мозоци беа повод за интервју со деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, професор д-р Димитар Ташковски. Тој вели: „Младите луѓе бараат предизвици. Останува да им ги понудиме локално. Едноставно, општество во кое критериумите за вреднување се тотално изместени, во кое напредокот е или премногу бавен или диктиран од други (политички) причини и во кое нема визија за развој на среден и долг рок, не е средина во која млад и образован човек, кој има пристап до голем број информации во светот, би се одлучил да биде место каде што би ја градел својата иднина и кариера. За мене, поголем е проблемот што не се преземаат активности да се спречи овој тренд на одлив на мозоци“.

Како ја оценувате соработката меѓу индустрија и академската заедница во Македонија и што презема Факултетот за електротехника и информациски технологии во оваа насока?


Потребата за соработка меѓу компаниите и академијата во развиени економии е јасно разбрана и неминовна. Всушност, таа соработка е и единствениот начин за долгорочен економски раст и развој на економија базирана на иновации. За жал, кај нас соработката е повеќе декларативна отколку реална и го покажува нашиот однос како општество кон образованието. Под соработка кај нас главно се подразбира поединечни и лични контакти во одредени области, како и објавување огласи за работа или за пракса на интернет страниците на факултетите. Од друга страна, постојано слушаме дека знаењето е капитал и важен економски ресурс, но не правиме ништо да го искористиме тоа знаење во кое инвестираме како општество. Кога ќе ја смениме нашата перцепција за улогата на образованието во општеството и кога ќе разбереме дека инвестирање во образованието не е трошок, туку инвестиција во иднината, тогаш ќе дојдеме до реална соработка меѓу стопанството и академијата. Тогаш и ќе имаме економија базирана на знаење која секојдневно гледаме дека сите ја посакуваме.
Факултетите како државни институции имаат одговорност кон општеството кое ги финансира и мора да се развиваат во насока која ќе овозможи практично искористување на нашата работа. Затоа, во овој момент од големо значење е развојот на третата мисија на факултетите, односно врската со пошироката заедница. Факултетите треба да се насочат на студентите како центар на знаење, да се развијат нивните практични знаења и да го поттикнат иновацискиот дух кај студентите. Во таа насока, соработката со компаниите е од големо значење. Факултетите и компаниите треба да соработуваат и во делот на трансфер на знаења и технологии, што е важен услов за економски развој на државата.
Покрај ваквиот директен тип соработка помеѓу факултетите и компаниите, од значење е и соработката во чиј фокус се студентите: дефинирање на студиски програми за потребите на компаниите, дефинирање на областите на развој на факултетите согласно потребите на компаниите, материјална поддршка и донација на лабораториска опрема, обезбедување пракса за студентите. Образованието мора да биде во функција на стопанството, односно да ги поддржува стратешките стопански цели за развој во различни економски гранки.
Имајќи ја в предвид одговорноста на ФЕИТ како државна институција кон општеството, воспоставивме Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, со јасно фокусирана цел за подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на знаења од академската средина кон постоечки и нови иновативни мали и средни претпријатија. Центарот стана препознатлив во државата, но и во регионални рамки. Дел од компаниите постепено ја согледуваат улогата на науката за нивниот развој и почнуваме заеднички да реализираме одредени активности. Овде мора да се истакне позитивната улога на ФИТР во иновацискиот екосистем последниве години и неговото влијание врз стимулирање на иновативноста кај компаниите преку соработка со академијата. Исто така, радува фактот што и странски компании, кои доаѓаат од земји каде улогата на науката во развојот на општеството е сосема јасно разбрана, даваат значителна поддршка преку дефинирање на заеднички истражувачки проекти или преку донација на опрема.
За да ја продлабочиме соработката со компаниите минатата година го воспоставивме првиот целосно оперативен дигитален иновациски хаб (ДИХ) во С. Македонија. ДИХ – овите претставуваат иновативни центри за дигитални иновации и се „one-stop-shops“ кои помагаат компаниите да станат поконкурентни во поглед на нивните деловни/производни процеси, производи или услуги со користење дигитални технологии, преку обезбедување пристап до техничка експертиза и експериментирање. На тој начин, компаниите може да „тестираат пред да инвестираат“, користејќи модерни дигитални технологии со што се намалуваат трошоците за креирање нов производ, но и се забрзува процесот на комерцијализација на иновација.



Какво е Вашето видување во однос на одливот на мозоци? Неодамна една студија покажа дека околу 2/3 од младите сакаат да заминат од државата.

Тоа е нормален и природен процес, посебно за високообразовани млади кадри кои сакаат нови предизвици и нови можности. Младите луѓе бараат предизвици. Останува да им ги понудиме локално. Едноставно, општество во кое критериумите за вреднување се тотално изместени, во кое напредокот е или премногу бавен или диктиран од други (политички) причини и во кое нема визија за развој на среден и долг рок, не е средина во која млад и образован човек, кој има пристап до голем број информации во светот, би се одлучил да биде место каде би ја градел својата иднина и кариера. За мене поголем е проблемот што не се преземаат активности да се спречи овој тренд. Уште поголем проблем е што не се прават напори, односно не се преземаат активности да се вратат тие млади обучени луѓе. Но, да се вратат треба да постојат услови, компании со оддели за истражување, истражувачки групи на факултетите, Центри за извонредност на универзитетите. Тие луѓе се право богатство, а ние немаме стратегија како да ги вратиме. Како држава дури и го помагаме тој процес на одлив, даваме стипендии за студирање на првите 500 рангирани универзитети, а не знам некој да се вратил во државата, да го искористиме во позитивна смисла на зборот. Исто така, додека како држава дававме субвенции за вработување на стручни работници во индустриските зони, развиените држави даваа и се уште даваат стипендии за магистерски и докторски студии на наши студенти, субвенционираат стручни пракси во нивни компании, со цел да ги привлечат нашите одлични студенти. Гледано од страна, комплетно парадоксална ситуација.
Значи, проблемот не е што овие млади мозоци сакаат да ја напуштат земјата, туку тоа дека немаме стратегија како да ги задржиме. Како пример ќе го истакнам нашето искуство со ИНОФЕИТ. Го формиравме ИНОФЕИТ меѓу другото и да обезбедиме услови за да спречиме одлив на мозоци и да пробаме да вратиме некои од тие наши колеги. Европската Инвестициона Банка го препозна потенцијалот на ИНОФЕИТ да прерасне во Центар за извонредност како единствен потенцијален центар од регионот на Западен Балкан и подготви бизнис план. Потребни беа два милиони евра за период од три години да имаме околу 25 млади истражувачи кои ќе оспособат за истражување и подготовка на нови проекти, кои ќе донесат нови средства во иднина што значи и нови вработувања. Факултетот за да ја покаже својата искрена намера во проектот дури се обврза да обезбеди 20% од тие средства, но за жал, немаше подготвеност од другите институции за поддршка на овој центар. Годишно и сега имаме по околу 20 студенти/истражувачи на магистерски и докторски студии кои ги плаќаме од сопствени средства и од проекти. Но, по завршување на проектите и со завршување на финансирањето, ние не може да ги задржиме и тие продолжуваат на реномирани универзитети или во компании во странство. Како готов кадар нив ќе ги користи некоја друга економија, а ние ако обезбедиме нови проекти, ќе обучуваме нови истражувачи. Додека не се формираат вакви центри во државата, кои ќе понудат стабилно финансирање тешко, може да очекуваме дека овие високообразовани кадри ќе останат или дека ќе успееме да вратиме некои од нив.
Сакам да напоменам дека нашето општество допрва ќе го почувствува проблемот со недостаток на кадар. Моментално е евидентна потребата за стручни работници во индустрискиот сектор. Се преземаат активности, главно со дуалното образование за надминување на овој проблем. Но, уште поголем ќе биде проблемот со недостаток на високообразован кадар, кој треба да ги воведе новите технологии во процесот на работа на компаниите. Без тие технологии не може да имаме високо технолошки конкурентни компании, компании кои ќе креираат нови вредности како предуслов за развој на било која економија.
И претходно сме го потенцирале овој проблем, но сега е последен момент да се спаси нешто. Може да се правиме дека имаме реформи, стратегии, но додека не се преземат конкретни активности да се задржи високообразовниот кадар во државата, тешко дека ќе успееме да опстанеме како народ и дека ќе го фатиме последниот воз за развој на економијата. Во тој поглед, клучна е улогата на државата. Доколку државата не ги поддржи истражувачките центри, одливот на мозоци ќе биде поголем, а тоа долгорочно негативно ќе влијае во сите сегменти во државата.

Последните рангирања на светските универзитети повторно покажа пад на УКИМ на овие листи. Која е причината и што треба да се преземе да се спречи тој пад?

Оваа ситуација, пред се, е резултат на минималното вложување на државата во науката. Познато е дека сме единствената држава во Европа во која нема научноистражувачки проекти финансирани од државата. Платите на наставниот кадар се под секакво ниво на достоинство. Доволно е да се направи споредба со околните земји и да се видат мерките кои овие држави ги спроведуваат во науката. Како пример ќе истакнам дека минатата година Фондот за наука на Р. Србија додели 105 истражувачки проекти во вкупна вредност од околу 30 милиони евра. Затоа не треба да не изненадува што универзитетите во Крагуевац или пример, Сплит, Риека се пред нас на листата. Ако не се преземат мерки на државно ниво во оваа насока, УКИМ и понатаму ќе паѓа на листата. Базичната наука и базичните истражувања секаде се финансираат од државата или од локалните компании и тоа е основниот предуслов за почеток на научниот развој.



Меѓутоа, треба да бидеме искрени и да кажеме дека вината за ваквата состојба лежи и во нас, наставно-научниот кадар на УКИМ. Ректоратот на УКИМ направи анализа пред извесен период за тековната состојба со науката и само 30% од наставниот кадар придонесува во научноистражувачкиот дел, што е еден од основните критериумите при рангирањата. Ова е резултат, меѓу другото и на релативно ниските критериуми за напредување на кадарот на УКИМ и на условите кои треба да се исполнат за да се докторира. Во таа насока, промена на Правилникот за студирање на трет циклус е едно можно решение. На пример, за менторот би можело да се бара објавени три труда со фактор на влијание (за техничко-технолошките, природно-математичките и медицинските науки), односно во соодветни списанија за општествено-хуманитарните науки, во последните 10 години, додека при поднесување на докторската дисертација кандидатот би требало да има објавено минимум еден труд со фактор на влијание од областа на дисертацијата како прв автор. На ваков начин во значајна мера би се подобриле резултатите во научно истражувачкиот дел.
Исто така, ако се погледне бројот на меѓународни научноистражувачки проекти кои се имплементираат на УКИМ може да се забележи дека тој број не е поголем од 40, што е многу мала бројка за еден универзитет како УКИМ. Овие проекти се одлична можност да се добијат дополнителни средства за научноистражувачка работа и за опрема, како и за ангажирање на млад кадар, работи кои се клучни за добивање научни резултати. Она што посебно загрижува е малиот број апликации кои се подготвуваат, што не дава надеж дека наскоро можат да се сменат работите. И во овој дел мора да се направат напори за мотивација и обука на наставниот кадар за подготовка на апликации за меѓународни научноистражувачки проекти. Лесно е да се каже дека на располагање се европски фондови за финансирање на истражувања, но процентот на успешни апликации, дури и на европско ниво, е исклучително низок поради високата конкуренција. Европските фондови се одлична можност за вмрежување и контакти, но не се замена за домашното финансирање на наука кое, за жал, кај нас го нема.