Несакани ефекти на кожата како резултат на прекумерна употреба на топичните кортикостероиди
Топичните кортикостероиди кои вообичаено се користат за лекување широк спектар на кожни заболувања поради нивната антиинфламаторна, антипролиферативна, вазоконстрикторна и имуносупресивна активност, се поврзани со несакани и кожни и системски ефекти.
Оваа статија има цел:
- Да ја подигне свеста на пациентите за несакани ефекти врз кожата од лесно достапните топични кортикостероиди/без рецепт/ по кои посегнуваат на своја рака;
- Да ги информира пациентите дека секој дерматолог при препорака на топичен кортикостероид ја мери неговата корисност, ефект и несакани ефекти кај секој пациент поединечно, врз основа на возраст, зафатено место и видот на кожното заболување.
Повеќето од пациентите се внимателни кога станува збор за топична кортикостероидна (ТК) терапија. Доколку се користи правилно, ретко доведува до несакани ефекти. ТК се користат само кај одредени акутни кожни заболувања, а не за долготраен третман. Доколку се применуваат премногу често и подолго време, без пауза и контрола од дерматолог,моќните ТК можат да предизвикаат несакани ефекти на кожата, односно подолготрајни последици по кожата, во зависност во која регија од телото се употребуваат.
На пример: атрофија (тенка кожа), стрии, розацеа, акни, периорален дерматитис, пурпура (поткожно крвавење), хипертрихоза (зголемена влакнетост), долготрајно зараснување на рани, влошување на инфекции и др.
Атрофија - најчестиот несакан ефект
Атрофијата на кожата е најчестиот несакан ефект кој го предизвикуваат сите ТК. Притоа, атрофичните промени може да влијаат и врз епидермисот и врз дермисот. На почетокот епидермисот станува тенок поради намалување на големината на епидермалните клетки и тенчење/намалување на клеточните слоеви. Притоа се потиснува создавањето на заштитните масти, а понатаму и создавањето на меланин, бојата на кожата што доведува до обезбојување, локализирана хипопигментација. Продолжената употреба на ТК доведува до промени на дермалниот (средниот) слој на кожата поради намалено создавање колаген и кожата станува опуштена, проѕирна, збрчкана, сјајна, кршлива, а вените се поистакнати. Сето тоа доведува до појава на еритем (црвенило), телеангиектазија (пројава на проширени крвни садови) и пурпура (поткожно крвавење).
Атрофијата е реверзибилна при прекин на ТС, но нормализацијата може да потрае со месеци.
Затоа, последнава деценија во пристапот на лекување на одредени кожни заболувања, освен самостојно, ТК се користат и комбинирано, со други топични препарати на природна, органска база, користејќи ги својствата на природните состојки. Тоа е особено важно за пациентите кои непотребно ги користат моќните ТК за несоодветни индикации.
Така, на пример,
цинкот (Zn) во форма на цинк оксид и со своите асептични, атстрингентни и регенеративни својства, во природните препарати се користи за лекување помали кожни заболувања како што се изгореници, исеченици, помали рани, првут, егзема, акни и може да помогне при иритирачки симптоми како што се чешање, црвенило, лупење на кожата и воспаление. Цинкот помага во балансирање на производството на маснотии на кожата, ја намалува појавата на големи пори, ја подобрува синтезата на колаген, го регенерира сврзното ткиво, го балансира тонот на кожата, ја изедначува пигментацијата.
Нанесен на кожата, цинк оксидот формира бариера, заштитен слој од надворешни влијанија, а од друга страна го спречува оддавањето на влажноста на кожата.
Бакарот (Cu), пак, има три клучни својства кои му овозможуваат да биде одлична активна состојка за употреба во производите кои доаѓаат во контакт со кожата, со цел да се подобри благосостојбата на кожата: ангиогенеза, синтеза и стабилизација на протеините на кожата (преку надградување на еластичните и колагени влакна во вториот слој на кожата и биоцидни својства, кога при одредена концентрација, како вековно стар цивилизациски лек, се користи против бактерии, габи и вируси. Поради овие својства помага за подобрување на еластичноста на кожата и при лекување инфекции на стапалото кај „спортското стапало“, особено важно за лицата што страдаат од дијабетес; за намалување на тенките линии и брчките на лицето; и за подобрување на заздравувањето на раните преку вграден бакар оксид во облогите за рани.
Овие топични третмани може да преминат во рутинска нега на кожата и доаѓаат во форма на пудра, пасти, спрејови и кремови.
Автор: д-р Дијана Ѓорѓиевска, спец, дерматовенеролог, Клиничка болница - Битола