За кои прегледи и операции ќе се изначекате, а кои нема ни да ги закажете?
Подготвил:
Наташа Бошковска - Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Нема да чекате за прегледи во 85 здравствени установи каде што се работи на државен трошок, за 159 специјалности, но нема ни да закажете зашто нема термини
Ќе се изначекате ако сакате на државен трошок да закажете поставување пејсмејкер за да ја стимулира работата на срцето, невропсихолошко тестирање, снимање со магнетна резонанција, со компјутерска томографија, ЕХО на дојка, на стомак, колоноскопија и гастроскопија за инвазивни прегледи на органите за варење. Нема да поминете полесно ако ви треба и дезинтометрија - преглед на состојбата на коските, ласерски интервенции на очи, електромиографија.
Воопшто нема да чекате за вакви прегледи во 85 здравствени установи каде што се работи на државен трошок (за 159 специјалности). Но нема ни да закажете зашто нема слободен термин за нив, покажуваат податоците на системот за евиденција и закажување во здравството „Мој термин“ од почетокот на месецов.
Каде нема термини?
Податоците за прв слободен термин во државата покажуваат дека за електромиографија се чека 140 дена, за невролошко тестирање - 48 дена, додека за поставување пејсмејкер – 43.
За услуга од дефектолог-соматопед треба да поминат 20 дена, за скенирање со ПЕТ-компјутерски томограф, кој покажува малигни клетки – 14 дена.
Ако ги ловите овие слободни термини, може да треба да патувате далеку од вашето место на живеење.
Во скопската градска општа болница „8 Септември“ на почетокот од месецов немало термин за дигестивна хирургија, за колоноскопија, за неврохирургија, ревматологија, за пластична хирургија и за електромиографија. Во клиничката болница во Битола нема за гастроскопија и колоноскопија, за преглед кај кардиолог и педијатар, за снимка со магнетна резонанција и услуги од физикална медицина.
Во клиничката болница во Штип нема термини за кардиолог, ниту, пак, за ЕХО на срце и за стрес-тест. Таму пациентите не можеле да закажат ниту за снимање со магнетна резонанција зашто сите термини биле зафатени.
За гастроскопија, ЕХО на срце, стрес-тест нема термини ниту во велешката болница. Таму на оваа листа се и прегледите на невропсихијатрија и психијатрија, пулмологија и урологија. Генерално, слично изгледаат и листите за кои нема термин и во кумановската болница.
Во клиничката болница во Тетово нема термини за невролог, доколку треба да се испитува дијабетес, како и за снимка со магнетна резонанција. На Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје нема термини за ЕХО на дојка и на простата, како ни за мамографија.
Секаде посебна приказна
Кога станува збор за слободни термини за одредени прегледи и процедури, иако состојбите во многу установи се слични, секоја е посебна приказна. Така, за преглед кај интернист во Здравствен дом - Крива Паланка се чека 62 дена, кај имунолог во Институт за медицина на труд се оди по 35 дена од закажувањето, а за преглед со дезинтометар во Геронтолошки завод „13 Ноември“ треба да поминат 40 дена, додека за во Битола 74, а во Штип-56.
По околу еден месец се чека за преглед од логопед во Завод за рехабилитација на слух, говор и глас и во Скопје и во Битола, а толку и за кај кардиолог во Заводот за превенција, лекување и рехабилитација од кардиоваскуларни болести во Охрид.
Во клиничката болница во Тетово за компјутерска томографија мора да почекате 76 дена, а за ЕХО, очен и за ортопедски преглед -32.
Во охридската општа болница за проверка на дијабетес ќе треба да поминат 174 дена, а 87 во Прилеп за кај интернист.
Од Министерството за здравство најавија дека се подготвува правилник за времетраење на прегледите и бројот на термини за преглед, со кој законски ќе биде определен бројот на термини за преглед за секоја специјалност.
- Целта е прегледите што не се итни да се прегледуваат исклучиво во термин. Со ова установите/лекарите ќе бидат обврзани да ги дефинираат термините и максимално да ги искористат капацитетите – велат оттаму.