Спиеме со телефоните и поради нив се будиме во текот на ноќта
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Доволно е лошо што вашите деца не можат да се „одлепат“ од нивните телефони во текот на денот. Но, како што знаат многу родители, тинејџерите ги земаат телефоните со себе и в кревет - а тоа го прават и мајките и татковците.
Неодамна спроведено истражување од „Комон сенс медиа“ откри дека приближно 7 од 10 деца, процент малку понизок од нивните родители, го чуваат мобилниот или во кревет или на дофат на раката. 29 отсто од младите всушност спијат со телефоните, во споредба со 12 отсто од родителите.
Страшната статистика не завршува тука: 40 отсто од тинејџерите користат мобилен уред пет минути пред да си легнат, а ова го прават и 26 отсто од родителите. 36 отсто од тинејџерите се будат барем еднаш во текот на ноќта за да го проверат својот телефон, а тоа го прави и 1 од 4 родители.
Ако не се разбудат сами, често ги будат известувањата од социјалните мрежи и апликациите за допишување. Затоа се советува, ако веќе телефонот е на дофат на раката, корисниците да го активираат авионскиот режим за во текот на ноќта да не вибрира.
Секако, на голем број луѓе земањето на телефонот в рака им е првото нешто што го прават кога ќе се разбудат, односно 32 отсто од тинејџерите и 23 отсто од родителите, додека 64 отсто од тинејџерите и 62 отсто од родителите половина час од утрото го поминуваат проверувајќи го телефонот.
За да се намали зависноста од телефоните или барем да се спречи користењето на
уредите пред спиење и во текот на ноќта, родителите се тие што мора да постават правила, но и сами да им дадат пример на децата. На пример, можат да постават правила со кои телефонот нема да може да се носи в соба пред спиење, да се одреди време и место кога никој дома нема да користи телефони и слично.