Американецот кој ги чува приказните на југословенските споменици
Подготвил:
Билјана Арсовска
Пред околу една деценија, југословенските споменци посветени на Втората светска војна беа речиси заборавени во своите земји, но почнаа да го привлекуваат вниманието на луѓето од целиот свет кога Јан Кемпенаерс, белгиски фотограф, создаде серијал наречен „Споменикс“ (Мемориалс), во кои беа вклучени фотографии од споменици во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Неговите таинствени фотографии од спомениците со чудни форми го привлекоа вниманието на луѓето кои имаат интернет страници за дизајн и патувања. Така спомениците стекнаа светска слава. За нив слушна и Доналд Нибл, биолог од Илиноис и голем ентузијаст кога станува збор за уметност и патување. Тој претходно немал никаква врска со југословенскиот регион, а бил фасциниран од спомениците кои ги имал видено само на фотографии и сакал да ги види на лице место.
Нибл направил истражување за тоа како би можел да посети 20 или 30 споменици, кои не ретко биле во зафрлени области, а потоа решил да ги сподели плодовите од неговите напори со пошироката публика преку создавање на база на податоци наречена „Spomenik Database“.
Оваа база на податоци е растечки извор на повеќе од 90 југословенски споменици изградени меѓу 1960 и 1990 година и содржи фотографии, географски координати, нивната моментна состојба и совети како да стасате до нив. Но, она што неговата страница ја прави поразлична од другите кои ја слават естетската вредност на овие споменици е што тој решил да копа подлабоко во нивната историја, која често е изоставена од достапната содржина на интернет.
За да ја задоволи љубопитноста за иницијалните намери и чудните дизајни на спомениците, Нибл морал да нурне во болната и често спорна историја на настаните кои биле повод за изградба на тие споменици (крвави битки, етнички чистења), а морал да допре и до проблематичните прашања за наследството во земјите кои настанаа по распадот на Југославија.
-Во основа, морав да учам се од почеток. Ова ми даде пообјективен пристап до разбирањето и обработка на конфликтите во овој регион. Секој пат кога ќе налетав на некоја извонредна приказна се прашував како може да има толку малку луѓе на Западот кои беа свесни за овие приказни и за лекциите кои можеа да се научат од нив - вели Нибил.
Освен разбирањето на чувствителната историја на регионот, тука бил и предизвикот за посета на местата, од кои некои се лоцирани во зафрлени области. Еднаш му се заглавил изнајмениот автомобил тој чувствувал дека ситуацијата е толку безнадежна што на момент помислил да го остави таму, да го запре проектот и да го напушти регионот, но бил спасен од босанска фамилија која вечерала во близина. Тие го организирале нивното село за да го извлечат автомобилот и подоцна го поканиле на вечера и ракија, па потенцијалната катастрофа станала пријатно искуство.
Доналд пред Споменикот на слободата во Кочани
Фото: Balkan Insight
Иако ги нагласува неговите позитивни искуства во регионот и помошта која ја добил од локалните истражувачи, работата на Нибл често била гледана со неверување од страна на некои локалци, кои или загубиле интерес за приказните зад спомениците или биле непријателски настроени кон оние кои не сакаат тие приказни да бидат заборавени.
На почетокот проектот бил гледан со скептицизам и во САД, каде некои луѓе се прашувале зошто си го губи времето на тоа. Сепак, „Spomenik Database“ стана хит. Нибл сега повремено организира тури за оние кои се заинтерсирани за регионот.
Тој подготвува книга за спомениците, за кои смета дека нѐ учат универзални лекции за идентитетот и меморијата.
-Проучувајќи ги овие споменици, вие наидувате на толку многу интересни конфликти и прашања кои траат толку долго. Разбирајќи го сето тоа подобро ме направи попромислен и аналитичен и поотворен за идејата дека секоја приказна има повеќе од една страна - вели
Нибл.