Втора трансплантација на органи од починат донор во време на пандемија
Два месеци по првата трансплантација на срце од починат донор, уште една фамилија на пациент кај кој била утврдена мозочна смрт одчучи да ги донира органите. Овој пат за срцето немало соодветен примател, но една 35-годишна девојка, која неколку години била на дијализа, утринава добила бубрег, соопштија од Министерството за здравство.
Оттаму истакнуваат дека на Клиниката за урологија биле експлантирани два бубрега од 46-годишен пациент кај кој вчера била потврдена мозочна смрт.
- Во моментов, во тек е првата трансплантација на бубрег кај 35-годишна девојка која веќе неколку години е на дијализа, по што ќе следи и втората трансплантација. За жал, овој пат немавме соодветен примател на срцето и тоа нема да биде трансплантирано. Се заблагодарувам на семејството на донорот, кое во моментите на најголема болка одлучи да ги донира органите и да спаси уште најмалку два живота. Да се донесе одлука да се даруваат органите на блискиот во моментите кога го губите засекогаш, е тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и хуманост да мислите на нечиј туѓ живот кога го губите саканиот. Луѓето кои носат вакви одлуки се посебни. Бескрајно сме им благодарни што уште еднаш ни покажаа дека живот сепак може да се подари - истакна министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.
Тој на социјалните мрежи напиша и дека ова е втора кадаверична трансплантација и четврта од жив донор годинава.
- На 23 мај од починат донор се трансплантираа срце и бубрези. Претходно имаше уште четири трансплантации на бубрези од жив донор. Во период кога здравствениот систем е под притисок на пациенти со Ковид-19, Програмата за транплантација продолжува да се реализира - истакна министерот.
Фото: Pixabay