Не очекувам некој да ме ангажира поради високиот просек, ме погодува неможноста да покажам што знам на аудиција, вели Јована Спасиќ, првенец на генерацијата на ФДУ

Не очекувам некој да ме ангажира поради високиот просек, ме погодува неможноста да покажам што знам на аудиција, вели Јована Спасиќ, првенец на генерацијата на ФДУ

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со мојата професија, на мои години кај нас се живее онолку колку што ќе се снајдеш, постојано прашувајќи се дали си ја одбрал вистинската професија или само си роден во погрешна држава, вели Јована

Јована Спасиќ од Куманово дипломира како првенец на генерацијата на Факултетот за драмски уметности и се вброи меѓу 23. најуспешни студенти на „Св. Кирил и Методиј“, на кои Универзитетот им додели награди за највисок постигнат успех. Но, таа вели дека просекот не го диктира нејзиниот квалитет. Во актерската професија има и талент, шарм, карактер, сестраност, познанства... Најмногу ја погодува неможноста да се претстави на некоја аудиција и да покаже што може отколку да очекува дека поради високиот просек некој мора да ја ангажира да глуми.

- Овој проблем не е личен, туку е кај сите актери. Среќна сум кога има аудиции дури и по цена да не добијам улога. Проблемот е што нема аудиции. Сум имала ангажмани, но на незадоволително ниво. Младите актери во Македонија немаат многу можности да одбираат каде да играат, па често играат каде што ќе им се понуди. Тоа го диктира и квалитетот на производот, а со тоа и незадоволната публика - вели Јована.



Уште е невработена, а подготвува магистратура во Белград

Пред една недела имаше премиера со претставата ,,Бела гарда“ во Белград, Србија, каде што замина за да си го отвори патот зашто вели дека ако се фокусира само на Македонија, тешко ќе добие некој ангажман. Моментално го подготвува магистерскиот труд по актерска игра на Факултетот за драмски уметности – Белград, но сѐ уште е невработена.

- За младите актери во земјава има работа во угостителството, ха-ха...Треба да се поддржи независната сцена зашто тоа ни е единствениот канал каде што можеме да се прикажеме и да ни се овозможи простор да играме. Занимавањето на младите актери со својата професија е сведено на хоби, додека работиме паралелно нешто друго за да преживееме - додава таа.



Неисполнети барања на „Аудиција сега“

Пред една година беше дел од иницијативата „Аудиција сега“, која побара еднакви можности за работа на невработените драмски уметници. Повеќе од 120 невработени актери, режисери, драматурзи и продуценти апелираа до директорите на националните установи за култура да има поголема транспарентност при вработувањата и ангажирање најмалку еден невработен актер во проекти.

- Откако излеговме со барањата, до денес добивме само повеќе дипломирани невработени актери/режисери/драматурзи и ништо повеќе. Побаравме вработување на 60% од невработените во првите две години, поголема финансиска поддршка на независната сцена, аудиции и ангажирање на невработените актери во институционалните театри и разни промени во досегашниот начин на работење. Ниту едно од нашите барања не е исполнето во целост, а некои воопшто не се исполнети - додава Спасиќ.

Во некои земји од актерство добро се живее, но кај нас приходите се неспоредливи со оние на холивудските актери.

- Со мојата професија, на мои години кај нас се живее онолку колку што ќе се снајдеш, постојано прашувајќи се дали си ја одбрал вистинската професија или само си роден во погрешна држава, работејќи сѐ и сешто и чекајќи ја шансата некаде да заиграш, иако ни сам не знаеш кога и дали ќе дојде до тоа – вели Спасиќ и додава дека во филмската индустрија се снима многу малку. Недостигаат добри сценарија, финансиска поддршка, визија и поголем маркетинг на домашната кинематографија.



Факултетот ми беше лесен, давам сѐ од себе за професијата што ја сакам

Во нашиот разговор таа не сакаше да ни открие со колкав просек го завршила факултетот, сакајќи да укаже дека реалните проблеми се посериозни отколку да се потенцира успехот во студирањето. Дипломира минатата година во класата на професорките Сузана Киранџиска и Кристина Леловац, кои секогаш ја учеле да ги шири видиците, да излезе од границите, да не се фокусира само на институционалните театри и да биде во тек со современиот театар.

- Мојот факултет е навистина лесен за студирање. За мене, не постои друг начин на работа освен давање сѐ од себе зашто ја сакам својата професија. Секогаш бев свесна дека положбата на младите дипломирани актери е исклучително тешка, па сметав дека напорната работа е единствениот начин да се изборам и да се докажам со цел да го работам она што го сакам. Актерската игра е многу забавна, па студирањето не ми претставуваше тешкотија, напротив, ми причинуваше задоволство - вели Спасиќ.

ФДУ е еден од ретките факултети за кои се полага приемен испит. Секоја година комисијата има задача да издвои десетина млади луѓе во кои гледа потенцијал и да препознае простор за ,,калење“. Се вреднуваат талентот, музикалноста, познавања од општа култура, правилната дикција и разни вештини стекнати низ животот. На катедрата за актери поголемиот дел од предметите се практични и се полагаат на сцена.



Наградата на УКИМ ја обврзува државата

- По главниот предмет - Актерска игра, имаме задача да толкуваме ликови за кои во студентските денови генерално сме незрели и дотогаш животот не нѐ обременил со таков тип предизвици. Потребно е да играме ликови што се многу повозрасни од нас, да говориме во стих или да изразуваме искуства што ни се тотално непознати. Сепак, мора да се помине тој материјал за кога ќе имаме професионална претстава, да ни биде познато и да бидеме подготвени на таков тип провокација - вели актерката.

Наградата за првенец на генерација доделена од УКИМ за неа значи дека во една генерација имала највисок просек, и тоа е тоа.

- Мило ми е што ја имам наградата, но не ѝ придавам премногу значење. Освен што сметам дека може да ми биде поттик секогаш да ги исполнувам задачите на високо ниво, не ме обврзува на ништо друго. Повеќе сметам дека тоа ги обврзува институциите зашто високите просеци се потврда за нечија напорна работа, посветеност и знаење, а тоа треба да се цени. Денот на доделувањето на наградите сведочев за извонреден успех на студентите од сите факултети што укажува дека навистина имаме надежна младина а на државата останува тоа да го награди, почитува и задржи во своите граници“, децидна е Јована.

Фото: приватна архива