Даниел Ѓорѓевски, археолог: Зошто град како Гостивар треба да добие музеј?
Да кажеме дека Гостивар нема културно–историско наследство, најпрво ќе мора да се соочиме со првиот столб на одбраната, колективната меморија, потоа културно-историските симболи во форма на археолошки локалитети и историски споменици
Културата е доказ за опстојувањето на едно општество, изразено на многу начини на кои ги спознаваме нашите искуства, славиме, се сеќаваме на минатото, се забавуваме и ја замислуваме иднината. Нашиот креативен израз помага да се дефинираме кои сме и ни помага да го видиме светот преку очите на другите. Постои широк спектар на истражувања кои се фокусираат на значењата и вредностите создадени преку историското опкружување, кои произлегуваат од различни академски дисциплини и применети контексти.
Летната сцена во Гостивар
Значењето е составен дел на производството на вредност во однос на историското опкружување, но производството на значење може да има различни форми, од кои повеќето обично не биле суштински во контекстите за управување со наследството. Начините на кои заедниците ги разбираат и вреднуваат културните добра, честопати се вкоренети во усни наративи, фолклор, генеалогии и духовни преданија кои создаваат специфични, честопати локализирани видови на значења кои функционираат како мемориски практики, кои се активирани во изработката и креирање на значењата.
Ваквите практики можe да се сметаат како форма на „наследство“, но тие ретко се во согласност со овластените линеарни хронологии кои се занимаваат со производство на наследство. На сметка на тоа, социјалната меморија обично се состои од динамично собирање на фрагментирани приказни кои се вртат околу семејните истории, настани, митови и места во заедницата. Тезите постојано се реинтерпретираат во секојдневните контексти каде што се пренесуваат на генерациите. Така, тие се вградени во социјалните односи, што даваат основа за градење на рамка во која рамноправно ќе делуваат сите субјекти. Учеството во создавање и запознавање и спознавањето на културата може да им користи на сите на многу различни начини, некои од нив се круцијални. Тие се извор на задоволство и можат да обезбедат емотивно и интелектуално движечки искуства, без разлика каква емоција ќе предизвикаат, поттикнуваат чувство на гордост или предизвикуваат да размислуваме.
Саат-кулата во градот / Фото: Wikimedia Commons
Сето ова можеби ќе нѐ предизвика да размислиме како, зошто и каде да го лоцираме проблемот? Зошто културно-историското наследство на Гостивар во 21 век е табу-тема, непознато за пошироката јавност?
Нема да измислиме топла вода доколку кажеме дека зачувувањето и управувањето со културно-историското наследство се заснова на археолошки, архитектонски, историски, етнолошки научни експертизи кои се должни да создадат платформа на која ќе се изложат сите аргументи за постоењето на хронолошки процеси во таа рамка.
Културата е средство за изразување креативност, индивидуален идентитет и зајакнување или зачувување на заедницата. Сето ова нè води кон еден сериозен и комплексен проблем: зошто треба и мора градот да добие музеј во кој гореспоменатото ќе биде стручно и методолошки презентирано на јавноста, а воедно ќе придонесе за развојот на заедницата? За сево ова да добие на важност и значење, хронолошки ќе ги изнесам најважните културно-историски добра што се наоѓаат на ова територија.
Бидејќи заштитата на недвижното културно наследство е спроведена од страна на тимот на НУ Конзерваторски центар – Гостивар, ние ќе ги разгледаме движните добра што му припаѓаат на градот. Првата стручна експертиза за Гостивар и Гостиварско ја изнесува Иван Микулчиќ во 1970 година кога ги обзнанува податоците за егзистирање на човекови заедници на оваа територија во предисторијата, притоа дава посебен акцент на наоди откриени во гостиварското село Дебреше, кое се наоѓа на околу 4 километри оддалеченост од градот. Станува збор за погребни урни кои потекнуваат од завршната фаза на бронзената доба, поточно доцнобронзената доба. Овој податок е круцијален, проблемот што се создава заедно со него уште поголем. Наодите денес не ѝ се познати на јавноста, трагата им се губи. Меѓу другото, Микулчиќ известува и за други раритетни наоди од предисторијата, како што е ранохалштатски келт – секира кој исто така не ѝ е позната на јавноста, трагата ѝ се губи. Истиот автор дава податоци за наоди од антиката и средниот век од кои посебно се издвојува надгробна плоча од римскиот период, хронолошки неутврдена, за кој постојат само индикации дека денес се наоѓа во Археолошкиот музеј.
Истражувањата по овие на Микулчиќ стагнираат до 1997 година, кога се реализирани серија теренски рекогносцирања од страна на Виктор Лилчиќ Адамс, кој транспарентно известува за теренските активности на територија на Гостивар во списанието „Македонско наследство“, додека наодите, меѓу кои бројни монети, фибули, оружје, орудија и др. од антиката и средниот век, транспарентно се сместени во депото на музејот на Филозофскиот факултет во Скопје и се достапни за стручната јавност.
Последни истражувања што се случија на територија на Гостивар беа минатата, 2019 година спроведени од страна на Сања И. Велковска од НКЦ и Виктор Лилчиќ Адамс (ФЗФ), во соработка со НУ Конзерваторски центар - Гостивар. При истражувањата регистриравме движни наоди - монети, орудија, оружје од предисторијата, антиката и средниот век, денес сместени во депото на Археолошкиот музеј во Скопје, а знаете зошто? Бидејќи Гостивар нема музеј.
Разгледница од 1921 година / Фото: Wikipedia
Сето ова ни говори дека градот поседува неверојатен потенцијал, богато минато. Проблемот лежи во немањето институција преку која ќе бидат целосно спроведени истражувања, а за тоа е потребна основна форма/алатка која е поврзана со современите заедници, наречена, МУЗЕЈ.
Дотогаш.
Голем дел од движните културни добра ќе ја доживеат судбината на тие од 1970 година и ќе завршат во заборавот, дел ќе бидат само сместени во инвентарната книга и картон и ќе станат статисти во големите депоа на музеите.
Сѐ додека Гостивар не добие МУЗЕЈ во кој ќе се презентира културно-историско минато, меѓу другото се отвори простор за нови и уште поголеми сознанија (стручна експертиза), социјалната свест за зачувување, афирмирање и презентирање на истото ќе остане сведена на маргините.
Фото: Wikimedia Commons
Пишува: Даниел Ѓорѓевски, археолог