Кога бев студент со Благој Чоревски, актер: Во Бугарија бевме ѕвезди и живеевме на висока нога

Кога бев студент со Благој Чоревски, актер: Во Бугарија бевме ѕвезди и живеевме на висока нога

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Цимери ми беа Мето Јовановски, Димитар Станкоски и Ѓорги Стојановски. Јас бев ангажиран за хигиената, ги перев кошулите, се потсетува неуморливиот актер во рубриката Кога бев студент, која Факултети.мк ја реализира заедно со „Пивара Скопје“

И во осмата деценија од својот живот тој е неуморлив. Игра во претстави во својот Драмски театар и во МНТ, снима серии, се радува да зборува за театарот. Благој Чоревски е веројатно еден од последните такви донкихотовци на кои театарот им е животен стил. На неговата енергија многу помлади колеги би му позавиделе. Многубројни награди се впишани во неговата биографија, а последната е за улогата на Вилфред Бонд во „Квартет“ на МНТ што ја доби на Фестивалот на камерниот театар „Ристо Шишков“ во Струмица.


Во гримиорна заедно со актерот Ненад Стојановски

 Се израдува на нашата покана да се наврати на студентските денови во далечните 70-ти години, на најдобрата бугарска театарска академија, тогашен Виш институт за театарска уметност (ВИТИЗ), денешна Национална академија за театарска и филмска уметност.

Прва претстава на четири години

Чоревски е дете на театарско семејство. Трајко и Ратка Чоревски се едни од основачите на Македонскиот народен театар. Актер сакал да стане уште откако знае за себе. „Македонска крвава свадба“ е првата претстава во која играл, кога имал нецели четири години.

- Кога бевме мали, со брат ми Борис на прашањето што ќе бидеш, одговаравме „гумец“. Ние сме растеле со театарот и не можевме да бидеме друго. Среќа што сме талентирани. Трагично е да си неталентиран, да се занимаваш со тоа и баш поради лозата, да бидеш актер. Талентот е даден од Бога, но е 0,1 отсто, сѐ друго е работа, работа и само работа - вели тој.


Сцена од „Војникот фалбаџија“ 

 Иако многу родители посакуваат нивните деца да не тргнат по нивните стапки, тоа не било случај и со неговите родители.
- Татко ми Трајко Чоревски почина многу млад. Има една сцена во „Македонска крвава свадба“ кога го убиваат бегот, народот тргнува на јуриш, татко ми легнува настрана за да мисли публиката дека е убиен и јас се затрчав накај него. Мислев дека нешто му се случило, а тој мене ми рече: „Бегај бе, ова е театар, гледај си улогата“. По тоа сфатив дека театарот е нешто слично на животот, ама на ента-степен. Тој имаше рак на желудник и си мислев дека го фаќаат болки. И сега, по толку години, пред некој ден сакаа да ме оперираат од хернија, јас им реков, не можам во четврток, имам претстава, ќе дојдам во петок. Тоа е начин на живот - вели Чоревски.

Ги играв сите Дедомразовци во школо

Во цело основно и средно не му се појавила ниту една друга желба за студирање освен за глума.
- Во времето немаше теписи, мајка ми имаше черги за секојдневна употреба и за гости. Јас тие черги што беа за гости ги земав и ги ставав како завеси и уште тогаш секој што сакаше да дојде да ја гледа претставата мораше да плати. Со тоа купувавме сокче или слатки. Колку ќотек јадев за тие черги. Во основно школо сите Дедомразовци ги играв јас. Завршив Земјоделско училиште, отсек сточарство или ветерина. Мајка ми прво ме запиша во гимназија, ама таму имаше една прекрасна учителка која беше многу строга. Ми беше страв да не имам проблеми во гимназија и затоа ѝ реков на мајка ми да ме испише и да си се запишам каде што ќе можам да завршам полесно. Денес, горд сум што го завршив тоа школо. Научив многу за животните, а тоа ми помогна и во мојата професија – вели тој.

Студентскиот живот ни беше прекрасен

Кога дошло ред да се запише на факултет, во Скопје сѐ уште не постоел Факултетот за драмски уметности. Заедно со група другари одлучиле да заминат во Белград и да се обидат на режија. Сите паднале, освен Владимир Милчин.

- Димитар Станкоски и Ѓорѓи Стојановски отидоа веднаш на режија во Софија, ги примија и по една година отидов и јас. За академија ме спремаше Станко Стоилов, актер од Битолски театар. Одбрав една песна од Вапцаров, но не знаев дека е женска песна. Во Софија бевме заедно со: Мето Јовановски, Славица Николовска, Ванчо Петрушевски, Марин Бабиќ, Драги Велјановски. Тогаш владееше систем на реципроцитет. Колку студенти доаѓаа од Југославија, толку од Бугарија доаѓаа кај нас - објаснува актерот.
Во Софија живееле во студентски дом наменет за странски студенти. Во тоа време плаќавме по 80 стотинки месечно.
- Студентскиот живот ни беше прекрасен. Живеевме на висока нога, за источните земји бевме недостижни. Цимери ми беа Мето, Диме и Ѓорги. Двајца актери и двајца режисери - тоа се анегдоти колку ти душа сака. Многу си помагавме едни на други. Јас бев ангажиран за хигиената, ги перев кошулите, за да не ги даваме на студентските сервиси. Храна имавме во студентскиот дом, бугарски студенти не смееја да доаѓаат. Ама бидејќи имавме многу пари, често одевме во унгарскиот ресторан откарши, каде што бевме многу познати - се потсетува Чоревски.


„Лет во место“ изведена на Марков манастир

Низ шега признава дека забава не им фалела во годините на студирање.
- Една вечер продадовме „опел рекорд“ и го испивме - вели тој.
Во годините на студии актерот Илија Џувалековски формирал школа во Загреб, во која членувале Емил Рубен, Владимир Светиев и други. Токму од таа академија се изродил и Факултетот за драмски уметности, кој прво бил во рамките на Факултетот за музички уметности. Прв ректор бил композиторот Властимир Николовски.
Студентите, кои биле прва година, како што бил Ванчо Петрушевски, ги префрлиле во Скопје, а тие што си биле трета и четврта година биле оставени да завршат во Бугарија.


Со Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски во сцена од „На заборавениот остров“ (десно). Награда за најдобар актер на „Екран“ (лево)

Десетка по актерска игра


Благој бил посветен студент. Во сите четири години по најважниот предмет актерска игра имал оценка десет. Вели дека на шарм се полагале испити, ама не за своја корист во иднина.
- Првата година бев туткуљ. Професорот ми викаше: „Какво праеш? Какво играеш? Не можев етидите да ги осмислам добро, веројатно нешто не сум давал однатре. Кога почнавме да градиме карактери, веќе бев подобар. Трета и четврта година игравме на прекрасна голема сцена. Ние бевме ѕвезди, иако бевме студенти. Мојата генерација е многу позната. Мето Јовановски, Мариус Донкин, Маја Драгоманска... тоа се легенди на театарот на овие простори - вели Благој.

Најблизок од сите му бил Димитар Станкоски.
- Со него бевме како браќа. Се запознавме на 12-13 години на Фестивал на аматерски театар во Куманово. Многу си одевме и на гости еден кај друг, јас кај него во Прилеп, тој кај мене во Битола. Играв во сите негови претстави. Отсекогаш сум играл со цела душа, со цело срце со Диме. Тој беше мајстор карактерно да ги одбере актерите, што е одлика на добар режисер - потенцира актерот.
Ни беше проблем да го совладаме бугарскиот јазик.



Димитар Станкоски му бил најблизок од сите (десно)

На факултет учевме и други јазици, имаше и италијански јазик и многу убава професорка, па поради неа одевме на часови, не за друго, се смее Чоревски.
- Студиравме во Академија со голем багаж. Ни предаваa луѓе што учеле од Станиславски. Од трета година, со класата на Мето, речиси секоја вечер игравме на голема прекрасна сцена. Кога ќе кажевме дека сме студенти на ВИТИЗ, нѐ гледаа како да сме нешто друго, нешто чудно. „12-те разгневени мажи“ ни беше дипломска претстава. На дипломска ни дојдоа две жири-комисии од двата театри - МНТ и Драмски. Веќе од 1 септември бев вработен во Драмски и таму се пензионирав - вели тој.


Сцена од „Булки крај шините“

Ние го сакавме Драмски

Признава дека Драмскиот театар бил сон на таа генерација студенти, оти бил поавангарден, повеќе насочен кон актерската игра, за разлика од МНТ, кој бил позатворен.
- Кога аплицирав за ВИТИЗ имаше 800 и кусур кандидати. Јас сум среќен што моите учители беа врвни педагози. Михаел Анастасов ми беше првиот учител, кој ми ја даде основата во прва година. Тој ме научи што значи да си актер, да веруваш во својата професија, да го развиеш талентот. Ми предаваа Методија Андонов, Љубомир Кабакчиев, сите легенди до последен.
На прашањето дали имало предмети што ги учел колку да помине, признава дека имало и такви. Светската, руската драматургија морало да се знаат.


„Кабаре Коприварник“ (лево)

Ванчо беше посебен актер

Еден од актерите со кои имал посебен однос бил и Ванчо Петрушевски.
- Тој беше актер кој успеваше да ја убеди публиката дека не глуми, а тоа е најтешко. Многу ми ласка што со Ванчо сум играл во две големи претстави. Едната е „ЗОО приказна“ на Едвард Олби и „Сега му е мајката“ на Горан Стефановски. Кога ја виде изведбата, Горан ни рече: „Добро, кој текст го игравте вие?“ – се смее Чоревски.
Заедно со Ванчо, Гоце Тодоровски, Ѓорги Колозов после студиите го формирале независниот театар „Модро окце“, кое работело во Младинскиот културен центар. Чоре вели дека имале потреба и од друга сцена, на страна на Драмски театар.
- Јас сум среќен што ние ја продолживме генерацијата која рушеше сè пред себе во Југославија. Се чудеа кога одевме на фестивали - како од Македонија доаѓаат толку добри актери. Нескржаво ни го пренесуваа знаењето. Нѐ гледаа отстрана на сцената и ни даваа знаци од кои сфаќавме како сме го направиле нештото. Петре Прличко, кој ми беше кум, ќе ми речеше: „Кумче, што правиш на сцена? Што сакаш да кажеш?“ Секогаш сме ги слушале, некогаш и заушка ќе си добиевме, па кога ќе се приберевме дома, размислувавме и сфаќавме што сакале да ни кажат - споделува тој.


Чоревски е добитник на „Стериината награда“

Ривалство помеѓу него и брат му Борис Чоревски не постоело.
- Брат ми ја доби единствената награда во Хвар за најдобар аматер на Југославија и сакаше да оди на Академија. Му реков дека ќе го спремам ако е добар. Сега подготвував едно девојче за на НАТФИЗ, Благица Стојменова, и ја примија. Се гордеам со Тања Кочовска, која исто така ја подготвував. Не можете да направите актер ако тоа не му го дал Бог. Може ќе се извлече со некое улогиче и ќе добива шанси во името на родителите, ама тоа ќе нема значење - категоричен е Чоревски.


И по толку години, Чоревски не ја губи вербата. 
- Првиот момент кога ќе ја изгубам вербата, ќе си останам дома. Ако не пренесувате верба, бадијала ви е што се занимавате со уметност. Треба да бидете убедлив пред публиката. Добар актер треба да ви даде дел од „џигерот“  - категоричен е тој.