Само храна за носење во германските ресторани, Хрватите и Португалците со маски и на отворено... Како Европа се штити од Ковид-19?

Само храна за носење во германските ресторани, Хрватите и Португалците со маски и на отворено... Како Европа се штити од Ковид-19?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сѐ поголем број земји воведуваат нови регулативи и правила за социјално дистанцирање во обид да се запре ширењето на коронавирусот откако вториот бран на пандемијата зазема сѐ поголем замав низ светот.

Минатата недела Шпанија и Франција надминаа 1 милион потврдени случаи на заболени од Ковид-19, со што станаа шестата и седмата земја со милион случаи на глобално ниво. Италија, Германија, Белгија, Чешка и Велика Британија, исто така, имаат рекордни бројки - со што под закана се способностите на овие земји да ги тестираат луѓето, да ги следат контактите и да го задржат вирусот.

Стапката на инфекција во Европа се зголемува повеќе од 90 дена, известува европскиот Центар за превенција и контрола на болести. Бидејќи властите и експертите се загрижени дека ситуацијата во Европа наскоро може да излезе од контрола, голем дел од владите воведуваат полициски час и социјални ограничувања во обид да избегнат целосни блокади што би можеле да им наштетат на нивните економии и да ја засенат претстојната празнична сезона.

Какви мерки за заштита воведуваат европските земји?

На 25 октомври премиерот на Шпанија, Педро Санчез, прогласи национална вонредна состојба, а на 29 октомври каталонската влада одобри нов пакет мерки насочени кон зарамнување на кривата на инфекции. Рестрикциите вклучуваат ограничување на целиот регион, а уште построги мерки ќе има во секоја општина во текот на викендот, со исклучок на Канарските Острови. Владата планира и да ги суспендира сите културни и спортски активности, а ќе има и рестрикции за несуштинските бизниси. Планирано е полицискиот час да трае од 18 часот до 6 часот наутро.

Канцеларката Ангела Меркел во понеделникот најави нови строги мерки што ќе почнат да се спроведуваат од 2 ноември, во обид да се спречи ширењето на пандемијата во Германија. Новите рестрикции вклучуваат затворање на рестораните и баровите, освен за храна за носење, откажување големи настани, ограничување на средби на отворено, затворање на театри и кина. Исто така, се охрабруваат сите што можат да работат од дома, да го направат тоа. Оставени се да работат училиштата и градинките, црквите, како и одржувањето протести поради правото загарантирано со устав.

Франција
на 29 октомври воведе карантин во целата земја, кој веројатно ќе трае до 1 декември. Луѓето не смеат да излегуваат од дома, освен ако имаат некоја итна потреба или доколку им е потребна медицинска помош. Мерките на Макрон се далеку поригорозни од тие на Меркел. Во Франција се затвораат рестораните и баровите, но училиштата и фабриките остануваат отворени.

Во средата Португалија воведе мерка за задолжително носење маски надвор во случаи кога физичкото дистанцирање не е возможно. Мерката, која важи за сите над 10 години, стапи во сила по еден ден откако земјата го регистрира вториот највисок број на заразени од почетокот на пандемијата. Освен тоа, Португалците не смеат да патуваат меѓу општини од 30 октомври до 3 ноември.

Чешка, која моментално се соочува со огромен број заразени, нешто што го немаше искусено за време на првиот бран на пандемијата, се одлучи за воведување полициски час, кој почна од 28 октомври и ќе трае до 3 ноември. Граѓаните не смеат да ги напуштат домовите од 21 часот до 5 часот наутро. Освен тоа, Чешка ги затвори училиштата и рестораните, а маските се задолжителни на јавни места.

Милиони граѓани од Словачка се дел од амбициозниот експеримент насочен кон контролирање на пандемијата - земјата се стреми да тестира речиси 5,4 милиони жители на возраст над 10 години. Словачка беше една од најуспешните земји во Европската Унија во справувањето со првиот бран, откако се одлучи за карантин во март. Но, во последните неколку недели бројот на заразени вртоглаво се зголеми. Околу 80 отсто од речиси 55.000 заразени се од овој месец, а притисокот врз здравствениот систем е огромен. Словачките власти се надеваат дека со експериментот ќе постигнат три работи: забавување на ширењето, избегнување целосен карантин и подобар поглед кон инфекциите. За да се поттикне јавноста, оние што ќе одбијат да учествуваат ќе мора да бидат подложени на строг карантин.

Британија, земја со најголем број смртни случаи од Ковид-19 во Европа, вели дека ќе се држи до системот на локални карантини, и покрај новото истражување кое покажува дека случаите во Англија се зголемуваат двојно на секои девет дена. Владиното советодавно тело на Британија го предупреди премиерот Борис Џонсон дека вториот бран може да биде посмртоносен од првиот и токму затоа предлага целосен карантин во земјата.

мерки
Фото: Би-би-си

Република Ирска
воведе втор национален карантин овој месец, кој ќе трае 6 недели.

Велс минатиот викенд воведе 17-дневен карантин, затворајќи ги сите несуштински бизниси, барајќи од луѓето да останат дома, со мали исклучоци.

На 29 октомври Полска пријави рекорден број заразени лица и смртни случаи. Здравствените власти соопштија дека имало 20.156 нови заразени и 301 смртен случај. Земјата воведе карантин во „црвената зона“, што вклучува делумно затворање на основните училишта и ресторани.

Италија
, која беше европски епицентар на почетокот на првиот бран на вирусот, веќе воведе нови ограничувања што ќе бидат во сила еден месец. Сите барови и ресторани низ целата земја ќе работат до 18 часот, иако подоцна од 18 часот може да служат храна за носење. Спортските сали, базените, театрите и кината се затворени, но музеите се отворени. Забранети се собири за свадби, крштавки и погреби.

На 28 октомври, откако Швајцарија пријави рекорден број заразени во еден ден (8.616 случаи), федералната влада објави нови мерки за борба против ширењето, кои веќе стапија во сила на 29 октомври. Дел од мерките се затворање на ноќните клубови, нови правила за седење во рестораните (на иста маса не смеат да седат повеќе од четири лица, со исклучок на семејствата со деца). Сите ресторани и барови мора да бидат затворени помеѓу 23 часот и 6 часот наутро. Забранети се настани со повеќе од 50 луѓе, а тука се вклучени и сите спортски, културни и други настани. Забранети се приватни собири на повеќе од 10 луѓе и воведена е мерка за задолжително носење маски на отворено онаму каде што не може да се одржува физичка дистанца.

Бугарското министерство за здравство воведе рестрикции што стапија во сила на 29 октомври и ќе траат две недели, до 12 ноември. Бугарија ги затвори средните училишта и универзитетите, тие сега тие ќе работат на далечина. Учениците од основно образование ќе продолжат да посетуваат часови и дополнителни воннаставни активности, доколку се организирани на начин на кој ќе се спречи мешање на учениците од различни одделенија. Затворени се ноќните клубови, дискотеките и баровите. Театрите, кината и концертите на затворено можат да работат доколку го ограничат бројот на луѓе на 30 отсто од капацитетот и ако е возможно растојание од 1,5 метар.

По справувањето со првиот бран на исклучителен начин, властите во Грција сега се обидуваат истото да го направат и со вториот. За жал, нивните напори засега не се успешни како на почетокот на пандемијата, па многу делови на земјата регистрираат рекорден број на заразени. Оваа состојба доведе до карантин во некои региони, како Јанина, Серес и Солун. Поучена од лекцијата во првиот бран, дека заклучувањето на целата нација е крајно штетно за економијата, сега грчката влада се насочува на карантини по региони. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека цел Солун ќе биде под карантин. Со прогласена закана од ниво 4, во градот е воведен полициски час во период од полноќ до 5 часот наутро. Училиштата и продавниците остануваат отворени. Во карантин се и Јанина и Серес, а покрај полицискиот час, забранети се сите јавни и приватни собири, затворени се културните и угостителски места и е забрането патување надвор од овие регионални единици.

На 25 октомври тимот за управување со кризи на Хрватска претстави нов сет на ограничувања што вклучуваат максимален број луѓе на јавни собири до 50 лица, забранета публика за спортски настани, забрана за продажба на алкохол од полноќ до 6 часот наутро, ограничување на гостите на свадби и погреби на 30 лица, задолжително носење маски на отворено кога не може да се држи растојание и други мерки. Мерките стапуваат во сила на 2 ноември, а ќе траат во наредните 14 дена.

maski
Фото: Freepik

Иако Шведска не воведе рестриктивни мерки за време на првиот бран на пандемијата, сега, со доаѓањето на вториот бран, неколку региони воведуваат поостри препораки поради порастот на заразени. Стокхолм, Вестра Јеталанд, Естерјетланд, Упсала и Сканија се регионите каде што се воведуваат следните препораки: воздржување од одење во продавници, трговски центри, музеи, библиотеки, базени и спортски сали. Неопходна посета на продавници за купување намирници или одење во аптека е во ред. Избегнување присуство на состаноци, концерти, спортски тренинзи, натпревари. Доколку е можно, избегнување физички контакт со други луѓе, освен оние од сопственото семејство.

Новите мерки во Норвешка ги најави премиерката Ерна Солберг, стапија на сила на 28 октомври, а треба да траат до почетокот на декември. Норвешка излезе речиси „неповредена“ од вирусот, со 37,7 нови случаи на 100.000 жители во последните две недели, што е најнизок број од 31 земја опфатени во истражувањето на Агенцијата за контрола и болести на ЕУ. Националниот здравствен орган на Норвешка соопшти дека ситуацијата во Норвешка сега е далеку помалку драстична отколку во март, одбивајќи да ја нарече моменталната ситуација „втор бран“. И покрај тоа, властите објавија построги ограничувања. Дел од рестрикциите се ограничување на социјалните собири во домовите на максимум пет лица. Приватните настани се ограничени на максимум 50 лица, маските се задолжителни во региони каде што локалните власти сметаат дека е неопходно, а се охрабрува и работење од дома.

Финска воведе рестрикции во пет региони што ќе почнат на 1 ноември и ќе траат до 15 декември. Во овие пет региони пабовите, рестораните и баровите не смеат да служат по 22 часот, а ќе мора да затворат најдоцна до 23 часот. Намален е капацитетот на гости на три четвртини. Алкохол не смее да се продава по полноќ.

Извор: Yle.fi | BBC | Thelocal.no | Thelocal.se | Croatiaweek.com | Reuters.com | Themayor.eu